• вторник, 07 април 2026

Млади од Кочани и Виница се обучуваа за претприемништво по светски признатата ЦЕФЕ методологија

Млади од Кочани и Виница се обучуваа за претприемништво по светски признатата ЦЕФЕ методологија

Кочани, 6 април 2026 (МИА) - Дваесетина млади лица добија дводневна интензивна обука за бизнис вештини базирана на светски признатата ЦЕФЕ (CEFE) методологија што во организација на Ротаракт клубот „Кочани-Виница“ се одржа во Феникс центарот во Кочани.

Станува збор за интересен и интерактивен пристап кој се базира на искуствено учење. Младите не учат теорија за бизнис, туку како да се размислува претприемачки. Учесниците влегуваа во симулации, во различни реални  бизнис сценарија и имаа можност да размислуваат како вистински претприемачи. Со тоа градат вештини кои ќе им бидат од корист во иднина.

-Учесниците се ставаат во бизнис симулации што се случуваат на реалниот пазар, тие ги искусуваат нештата што би се случиле ако водат сопствен бизнис. На тој начин ние во улога на фасилитатори, ги насочуваме младите и тие се сопственици на учењето. Секој си учи од сопственото искуство и преку споделувањето меѓу нив кој што добил и зошто успеал или неуспеал уште повеќе учат и се ставаат во различни позиции и во различни ситуации како може да им се случи нешто во бизнисот, смета  Јован Сталевски, претседател на ЦЕФЕ Македонија.

Ротари клубот „Кочани-Виница“ има склучено Меморадндум  за соработка со ЦЕФЕ Македонија и во иднина се планираат нови обуки и проекти за младите.

ЦЕФЕ Македонија постои од 1997 година како неформална група на граѓани, додека од 2008 е регистрирана како здружение. Станува збор за германска метода која низ годините расте, се развива и е препознаена во заедницата.

Во Македонија во моментов има 25 активни фасилитатори на методологијата. Меѓу нив и професорката од Кочани, Весна Ефремова, која заедно со претседателот на ЦЕФЕ Македонија, Јован Сталевски ја одржаа обуката за младите во Кочани. ис/вј/

Фото: ЦЕФЕ Македонија

Остани поврзан