• петок, 06 септември 2024
МИА Радио флеш

   5 септември 2024

 

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска примила претставници од организацијата Обединети Македонци од Канада.

На средбата, на која присуствувале претседателот на ООМК Ристо Дурловски и секретарот Драги Стојковски, претседателката Сиљановска Давкова била информирана за тековните активности и цели на организацијата и за нивното делување во насока на застапување на интересите и потребите на македонската заедница во Канада.

Скопје - Како влада размислуваме за сите општини во државата да направиме пакет, за да може сите општини што имаат потреба од организиран јавен превоз тоа генерално да го решиме, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес конференција, прашан за проблемите со автобускиот превоз во Град Скопје.

Според Мицкоски, ако на Скопје му требаат 250 автобуси, сигурно на другите градови во Македонија им требаат уште 250 автобуси.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски најави дека може да се одложи примената на Законот за забрана на нефер трговски практики за неколку недели доколку има објективни пречки и причини. Според Мицкоски, важно е примената да биде како што треба. 

- Доколку постојат објективни пречки или причини да треба да се се одложи за некоја недела не е тоа голем проблем, ќе ја донесеме одлуката да се одложи  за некоја недела само да биде имплементирано како што треба. Ова е закон донесен од претходната Влада. Ако објективно неможе да се примени нема со сила нешто да правиме, ако навистина нема можности така ќе постапиме, изјави денеска Мицкоски, на новинарско прашање за писмото што му го упатил претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески  дека е краток периодот за прилагодување кон новото законско решение.

Скопје - Јас сум човек кој Уставот и законите ги почитува и не очекувам било кој што добива плата, ужива привилегии на грбот на граѓаните овде кај нас, да не ги почитува македонските закони и македонскиот Устав, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Прашан за коментар за Законот за јазици кој е пред Уставен суд, рече дека не очекува дека ќе има можности за каква било дестабилизација.

Скопје – Политичарите и министрите имаат легитимитет од страна на граѓаните да носат политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа, смета министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, изразувајќи разочарување што, како што вели, деновиве гледа како „еден научник, кој што е ангажиран и доста коректно платен од државата, да врши научна работа, како се обидува себеси политички да се профилира додека е се уште во тековен мандат, како претседател на една од комисиите“.

Муцунски, изрази изненадување од однесувањето на претседателот на Комисијата со Бугарија, Драги Георгиев, со кое, како што рече се „поткопуваат надворешно-политичките позиции на државата“.

Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Европскиот парламент во Брисел оствари средба со претседавачот на Комитетот за правни работи (ЈУРИ), Илхан Ќучук, член на парламентарната група „Renew Europe“, со цел размена на мислења за важни теми поврзани со соработката со Европскиот парламент во делот на евроинтегративниот процес.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за време на учеството на 33-тото издание на Економскиот форум во Карпач, Полска се сретнал со домаќинот, потпретседателот на полската Влада и министер за дигитални прашања, Кристоф Гавковски. Како што соопштија денеска од Министерството за дигитална трансформација, двајцата министри разговарале за можностите за интензивна соработка меѓу Македонија и Полска во областа на дигиталната трансформација.

Белград - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик претседателот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ во рамки на официјалната посета на Белград, Република Србија, денеска остварија работна средба со потпретседателот на Владата и министер за финансии, Синиша Мали, јави дописникот на МИА од Белград. 

Белград - Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски и вицепремиерот и министер за односи со заедниците Иван Стоилковиќ во рамки на вториот ден од посетата на Белград остварија средба со министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓедовиќ Хандановиќ го честиташе формирањето на новата Влада и истакна дека очекува продолжување на добрата соработка во енергетскиот и рударскиот сектор, како и во реализацијата на заедничките проекти, меѓу кои е изградбата на гасната интерконекција Србија-Северна Македонија, со која Србија продолжува да ги диверзифицира изворите и правците за снабдување со природен гас.

Скопје - Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели дека се уште нема предлог измени на Законот за локална самоуправа со кои ќе се овозможи назначување градоначалници во случај кога некој ќе биде именуван на друга функција, за коишто требаше да преземе иницијатива коалицискиот партнер Вреди.

- Уште на почетокот на формирање на Владата, коалицискиот партнер Вреди практично требаше да преземе иницијатива во дел на измените на Законот за локална самоуправа којшто се однесува на временскиот рок за престанок на мандат по сила на закон. Јас предлог измени се уште немам официјално видено и не можам да ги коментирам, рече денеска Перински на новинарско прашање.

Скопје - Министерството за економија и труд денеска додели ваучери за одмор на работници со ниски примања. Доделени се 1.777 ваучери кои ќе може да се искористат од 15 септември до 1 декември во некои од туристичките капацитети во земјава.  

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кој ги врачи ваучерите, рече дека тие се доделени на граѓани кои ги исполниле условите и дека ваучерите се во висина од 18.000 денари. 

Скопје – Министерството за образование и наука (МОН) преку нов закон ќе го официјализира дуалното образование во системот на средно образование, кое досега функционираше на база на добра волја, потврди денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

-Правиме комплетно нов закон во комплетна и континуирана комуникација со Стопанската комора. Во него ќе се регулираат односите меѓу училиштата и бизнис секторот и ќе овозможиме да добие легална форма која досега била на добра волја, а ја водела Стопанската комора. Станува збор за концептот на дуално образование кој повеќе години се развива во нашата држава и кој  подготвува генерации на ученици со квалитетно образование за да излезат на пазарот на труд, но исто така доколку сакаат да го продолжат својот образовен процес, рече министерката Јаневска при денешната посета на компанијата „КАЗ груп“ во Скопје каде трета година се спроведува дуално образование за учениците од СУГС „Владо Тасевски“ Скопје во соработка со Стопанската комора и Швајцарската амбасада .

Скопје - Цените на угостителските услуги во август во однос на јули годинава се зголемени за 0,2 отсто, а споредено со август минатата година за 5,1 отсто.

Државниот завод за статистика денеска објави дека споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групата Храна за 0,3 отсто, Алкохолни пијалаци зa 0,3 отсто и Ноќевања за 0,1  отсто.

Бања Лука – Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека ако Босна и Херцеговина не може да функционира треба да се пристапи кон мирно раздвојување.

- Доколку БиХ се покаже како невозможна земја, единствено можно е мирно раздвојување и да и да се обидеме да живееме како добри соседи, наведе Додик.

Според него, терминот отцепување е насилно одвојување на територија без волја на другите, а тој бара мирното одвојување да биде и волја на другите.

Приштина – Претставниците на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), го оценија упадот на косовските власти во српските институции на северот на државата како политички прогон на српскиот народ, бидејќи тие институции, како што велат, давале услуги на граѓаните, јави дописникот на МИА од Приштина.

Членот на Претседателството на СЛ, Игор Симиќ, на денешната вонредна прес-конференција рече дека претставниците на српските институции кои добиле покани за сослушување ќе одговорат на поканите и дека јасно и гласно ќе кажат дека работеле во корист на граѓани од сите националности и дека никогаш не фалсификувале документи, како што ги обвинуваат властите во Приштина.

Приштина - Министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, пристигна претпладнево на аеродромот во Приштина, каде што беше пречекана од нејзината косовска колешка, Доника Гервала, јави дописникот на МИА од Приштина.

„Добредојдовте во Република Косово, министерке Елина Валтонен“, се вели во објавата на финската амбасада во Косово.

Гервала и Валтонен нивната средба ја започнаа нешто по 11:00 часот во косовското МНР.

Приштина – Министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен изјави дека на денешната средба со нејзината косовска колешка, Доника Гервала разговарале за дијалогот меѓу Косово и Србија и нормализацијата на односите меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференција по средбата, Валтонен рече дека Финска е поддржувач на Косово, нагласувајќи дека ќе направат сé за да се постигне нормализација меѓу Косово и Србија.

Тирана – Во изминатите три месеци, односно од 1 јуни до 31 август, во летните здравствени амбуланти во Албанија услуга добиле над 70.000 туристи, изјави министерката за здравство Албана Кочиу.

- Медицинска услуга добија 70.187 туристи, од нив 22.202 или 32 отсто странски, што е за околу 30 проценти повеќе, што е условено и од поголемиот број туристи. Овие, 34 амбуланти нудат 24 часовна услуга седум дена во неделата и се незаменлив извор на услуги за домашните и странските туристи во текот на летната сезона, наведува Кочиу во видео објава на Фејсбук.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го назначи поранешниот еврокомесар Мишел Барние за нов премиер.

Макрон побара од Барние, поранешниот преговарач на ЕУ за Брегзит, да „формира влада на национално единство во служба на земјата“, јавуваат француските медиуми.

Киев – Парламентот на Украина денеска ја прифати оставката на министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба и за негов наследник го изгласа Андриј Сибига.

Кулеба (43) четири години раководеше со украинското МНР, а поднесе оставкла во рамките на големата реконструкција на Владата.

Сибига (49) од април ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи, а претходно беше заменик-шеф на претседателската администрација. Тој беше амбасадор во Турција и во Полска.

Ријад – Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска пристигна во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад од каде ја почнува турнејата по Блиски Исток. Прва тема на разговор на Бербок со саудискиот колега Фејсал бин Фархан ал Сауд биле нападите врз меѓународните бродови од страна на јеменските Хути, кои се поддржани од Иран.

Предвидено е Бербок подоцна да отпатува за Јордан каде ќе се сретне со министерот за надворешни работи Ајман ал Сафади, со кого ќе разговара за хуманитарните услови во Појасот Газа.

Брисел - Исплатата на средства од Инструментот за раст и реформи за Западниот Балкан на земјите од регионот ќе зависи од успешната имплементација на реформите усогласени со Европската комисија и утврдени во реформските агенди, меѓу кои е и усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, изјави денеска портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро. 

- Како што знаете тие реформи ги опфаќаат и социо-економската сфера и областа на фундаменталните вредности, истакна Писонеро.

Франкфурт - Извршниот директор на „Дојче банк“, Кристијан Зевинг денеска ги повика Германците да работат повеќе за да помогнат во обновувањето на германската економија, велејќи дека просечната работна недела во Европската унија е околу 34 часа, споредено со околу 28 часа во Германија.

„Инвеститорите веќе се сомневаат во нашата способност за реформи, но особено во нашата способност и нашата волја за реформи. Поголем раст во Германија ќе дојде само ако го промениме и нашиот однос кон работата, ако сме подготвени да работиме поинаку, но генерално да работиме повеќе и повеќе“, рече Зевинг, пренесува „Политико“.

Зевинг рече дека Германија треба да прифати подолги работни недели.

Брисел – Одржувањето на врски со Русија како се да е нормално, не е во согласност со принципите на пристапниот процес и членството во ЕУ, изјави денеска главниот портпарол за надворешни работи и бебзедносна политика на Европската комисија Петер Стано, во коментар на изјавата српскиот вицепремиер Александар Вулин дека „Србија не е само партнер, туку и сојузник на Русија“.

Брисел – Одржувањето на врски со Русија како се да е нормално, не е во согласност со принципите на пристапниот процес и членството во ЕУ, изјави денеска главниот портпарол за надворешни работи и бебзедносна политика на Европската комисија Петер Стано, во коментар на изјавата српскиот вицепремиер Александар Вулин дека „Србија не е само партнер, туку и сојузник на Русија“.

- Русија е земја која под водстсво на (претседателот Владимир) Путин ги крши Повелбата на ОН и меѓународото право, што воедно е спротивно на принципите на кои е изградена ЕУ. Очекуваме Србија да се воздржи од интинизирање на врските со Русија и сите челнови на српската влада да ги почитувааат обрските што Србија ги презеде доброволно го станува збор за процсот на пристапување во ЕУ, изјав стано.

Атина – Едногласно е изразена желбата заедничкото празнување на Велигден следната година за источното и западното христијанство да не биде едноставно една среќна случајност, туку почеток на воспоставување заеднички датум за неговото годишно празнување, пишува во соопштението од Вселенската патријаршија по одржаниот Синодот на Јерархијата на Вселенскиот Престол, јави дописничката на МИА од Атина.

Во 2025 година Христовото воскресение е на ист ден, на 20 април и за православните и за католиците, а вселенската патријаршија одново ја покрена идејата за празнување на Велигден на ист ден и во иднина.

Вашингтон - Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби денеска ги негираше наводите дека Украина со помош на ракетите ATAЦМС може да уништи руски воени авиони кои се користат во нападите на украинска територија, а се наоѓаат во бази на територијата на Русија.

„Мислам дека е важно да се забележи дека 90 отсто од авионите што Русија ги користи за клизни бомби и напади со долг дострел лежат надвор (областа од) 300 километри од украинската граница, длабоко во руска територија“, рече Кирби на брифинг.

Москва – Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека украинскиот напад врз руската Курска област не успеа да го запре напредувањето на руските сили во Донбас.

- Преместувајќи голем број обучени војници во рускиот пограничен регион, Украина ја ослабна сопствената одбрана и ѝ овозможи на Русија да го забрза напредувањето на истокот од Украина. Целта на непријателот беше да не направи нервозни и загрижени и да ги преместуваме војниците од еден сектор до друг и да ја запреме нашата офанзива во клучните области, пред сè во Донбас. Дали тоа функционираше? Не, наведе Путин на Источниот економски форум во Владивосток.

Остани поврзан