• петок, 06 септември 2024
МИА Радио флеш

5 септември 2024

-Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската унија, Микалис Рокас, притоа посочувајќи дека неговата дипломатска мисија започнува во исклучително важен момент за Европската иднина на земјата и во таа смисла, изразувајќи уверување дека со силна заемна посветеност ќе се обезбеди одлучен напредок на патот кон реализација на нашата стратешка определба за идно членство во ЕУ, соопштија од Министеството за надворешни работи.  

- Точно петнаесет години изминаа од трагедијата на Охридското Езеро кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија. Несреќата се случи на денешен ден во 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

- Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово ги повика косовските граѓани и дијаспората да избегнуваат транзит низ територијата на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина. Во јавното соопштение објавено на Фејсбук, косовското МНР повика да се избегнуваат сите влезови и излези на граничните премини меѓу Косово и Србија. Повикот доаѓа по предупредувањата на така наречениот „Организациски совет за блокади“ од Србија, кој објави дека на 6 септември година се планираат блокади на патиштата кои водат до граничните премини, сè до повлекувањето на косовската полиција од областите населени со српско мнозинство во северно Косово.

-Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) упати повик на преземање итни мерки за ограничување на ширењето на сексуално преносливите инфекции во Европската Унија и во Европската економска област, во услови на регистриран значителен раст на овие заболувања во текот на минатата година. Според податоците на ЕЦДЦ, лани во земјите од ЕУ и ЕЕО се регистрирани 300.000 нови случаи на сексуално преносливи инфекции, при што процентот на случаи на гонореја е зголемен за 48 отсто, на сифилис за 34, а на кламидија за 16 проценти.  Групите со зголемен ризик за изложеност на сексуално преносливи инфекции вклучуваат млади луѓе на возраст меѓу 15 и 24 години, мажи кои имаат хомосексуални односи и сексуални работници. Овие инфекции најчесто се пренесуваат преку практикување незаштитен сексуален однос, но и од бремена мајка на новороденче, како и при доење. Гонорејата, сифилисот и кламидијата се потенцијално излечиви со антибиотици и други третмани. 

-Џенаро Санџулијано, италијанскиот министер за култура, во интервју за РАИ призна дека се обидел да ја вработи својата љубовница Марија Розарија Бочија во својот тим. Тој со солзи во очите призна што се обидел да направи и откри дека ѝ ја понудил својата оставка на премиерката Џорџа Мелони, но таа ја одбила. Скандалот изби кога Бочија, инфлуенсерка со повеќе од 60 илјади следачи на Инстаграм, објави дека станала советничка на министерот за култура. Министерството веднаш го негираше ова, но таа потоа објави фотографии и видеа од службени патувања.

- Во текот на летото, односно од почетокот на сезоната заклучно со вчера во Грција биле потврдени вкупно 140 случаи на вирусот Западен Нил, додека починаа 17 лица, на возраст меѓу 61 и 92 години, според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина. Согласно неделниот извештај, во изминатата седмица биле регистрирани 16 нови случаи додека пак починале две лица. Дополнително, во изминатиот период постојат и четири увезени случаи, три од Албанија и еден од Австрија, односно инфекција кај пациенти изложени во друга земја, кои не се опфатени во анализите на ЕОДИ. Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е речиси во цела Грција, со потврдени случаи во северниот, североисточниот, западниот и централниот дел на земјата, во Епир и Јонските острови, на Пелопонез, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

- Специјалниот претставник на Германија за миграциони прашања, Јоаким Штамп, предложи депортирање на мигранти кои нелегално влегуваат во Европската Унија преку границата со Белорусија во Руанда. Овој предлог доаѓа во време кога се зголемува притисокот врз германската владејачка коалиција да ја ограничи нелегалната миграција по нападот со нож за време на фестивал минатиот месец во Солинген. Нападот е поврзан со терористичката група „Исламска држава“, што предизвика критики од крајната десница кон миграциската политика на Берлин. Јоаким Штамп изјави дека ЕУ може да ги користи постоечките засолништа во Руанда, кои првично беа дел од планот на Велика Британија во 2022 година за испраќање на нелегални мигранти во источната африканска држава. Планот беше откажан во јули од новата влада на Киер Стармер.

- Европската Унија, САД и Велика Британија се очекува да го потпишат првиот меѓународен договор за правно регулирање на технологиите базирани на вештачка интелигенција, јави весникот „Фајненшл Тајмс“. Брисел, Вашингтон и Лондон се очекува денеска да ја потпишат конвенцијата на Советот на Европа за вештачка интелигенција, која ги нагласува човековите права и демократските вредности во нејзиниот пристап кон регулирањето на системите на јавниот и приватниот сектор. Конвенцијата, која има правно обврзувачки карактер, се подготвувала повеќе од две години. Во нејзиното создавање учествуваа повеќе од 50 држави, меѓу кои Канада, Израел, Јапонија и Австралија, дополнува „Фајненшл Тајмс“.

-Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси изјави дека кулата за ладење во украинската нуклеарна централа Запорожје, окупирана од Русија, е тешко оштетена во пожар и најверојатно ќе мора да биде урната. - До денеска не успеавме да стигнеме до оваа точка, високо во кулата, но денеска можеме на многу подобар начин да ја процениме штетата. Оваа голема градба не е употреблива во иднина, па најверојатно ќе биде урната кога тогаш, посочи Гроси. На 11 август избувна пожар во кулата на Запорожје, а Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат дека го предизвикале пожарот.

- Рускиот претседател Владимир Путин е згрозен од фактот дека неговиот постар син сака анимирани филмови произведени од „Дизни“, пишува „Њузвик“, повикувајќи се на извор од „Досиер Центар“. Според „Њузвик“, Путин не успеал да ги заштити своите деца од западното влијание. Наводно станува збор за Иван Владимириевич, син за кој се верува дека мајка му е Алина Кабаева, љубовницата на Путин. Како што пишува „Њузвик“, Путин во јануари 2024 година ги критикуваше Русите велејќи дека „ќе им отпаднат главите“ од гледање „модерни западни анимирани филмови“, и истакна дека советските филмови се со „комплетно различен квалитет“, со додавање дека имаат „емоционален и естетски ефект“ и „сосема различно влијание врз развојот на личноста“.

-Белоруската армија денеска собори две руски беспилотни летала кои навлегле во воздушниот простор на Белорусија, во близина на градот Гомел. Белоруските воени авиони ги пресретнала руските дронови во близина на градот Гомел, околу 30 километри од границата на Белорусија со Укриана. Уште едно беспилотно летало го нарушило белорускиот воздушен простор, но нема информации дали бил соборен дронот. За една недела вторпат се ангажирани воените авиони за да се заштити воздушниот простор на Белорусија. Тоа е прв случај на соборување на руски дрон.

-Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху истакна дека неговата земја мора да ја задржи неограничената контрола над границата на Газа со Египет, додека САД развиваат нов предлог за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Прашањето за контролата над „Филаделфискиот коридор“ е централна пречка во преговорите. Хамас бара целосно повлекување на Израел од Газа во повеќефазен договор. Египет, кој посредува во преговорите заедно со САД и Катар, побара израелските трупи да се повлечат од коридорот, додека Обединетите Арапски Емирати исто така го критикуваа ставот на Израел. Нетанјаху, пак, го повтори ставот дека Израел мора да ја задржи контролата на границата за да спречи вооружување на Хамас преку криумчарење оружје во Газа, и дека тоа е витален дел од воените цели.

-Најмладото дете и единствената ќерка на новозеландскиот крал на Маорите, денеска е прогласена за нова маорска кралица. Кралот на Маорите Тухеитија Поотатау Те Вирохеро почина на 30 август, само неколку дена по прославата на 18-годишнината од неговото крунисување. Текау-маа-руа, совет од 12 претставници, ја прогласи неговата 27-годишна ќерка Нга Ваи Хоно И Те По за нов монарх. Таа е осмиот монарх на Маори и втора жена што ја има оваа титула. Првата жена на таа позиција беше нејзината баба Те Арикинуи Те Атаирангикааху која почина во 2006 година.

-Кандидатите за претседател на САД од редовите на Републиканската и на Демократската партија Доналд Трамп и Камала Харис ќе мора да се натпреваруваат во системот наречен Изборен колеџ (electoral college) за да ја освојат власта. Секоја сојузен држава во САД носи одреден број поени, односно електорски гласови, во зависност од бројот на жители. Најмалку можат да имаат три, а најмногу има Калифорнија со 54. Без оглед на тоа дали разликата во гласовите е еден, десет или стотици илјади, кандидатот што ќе добие повеќе гласови во една држава „ги зема“ сите бодови. Ова правило не важи за Небраска и Мејн, кои даваат два електори на кандидатот со најмногу гласови и еден по електорски округ. Мејн има два, а Небраска три електори. Победува кандидатот што ќе освои најмалку 270 електори. Според анализата на повеќето експерти, Харис може да смета на 226 електори, додека Трамп има 219.

Остани поврзан