• четврток, 05 септември 2024

Почнува проектот од 250 милиони евра за општините, до крајот на годинава на располагање ќе имаат шест милијарди денари

Почнува проектот од 250 милиони евра за општините, до крајот на годинава на располагање ќе имаат шест милијарди денари

Гостивар, 5 септември 2024 (МИА) – До крајот на годинава, на општините ќе им бидат на располагање шест милијарди денари од 250-те милиони евра што треба да бидат наменети за развојни проекти на општините. 

Јавниот повик за аплицирање на општините за инфраструктурни проекти е веќе објавен и направен врз основа на претходно утврдени критериуми и процедури на Министерството за транспорт, за животна средина и просторно планирање, образование и наука, социјална политика, демографија и млади, спорт и Министерството за култура и туризам.

Според премиерот Христијан Мицкоски, овие средства ќе имаат директно влијание за зголемување на економскиот раст и развој на општините и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните. 

- Испраќам апел што е можно повеќе општини, независно од политичката припадност на градоначалниците, да учествуваат на овој повик. Ние сме Влада на сите граѓани и нашата цел е да се подобри животот на сите граѓани. Овие пари значат повеќе проекти, решенија за нови улици, булевари, училишта, градинки, канализации, сè она што во суштина им е потребно на граѓаните, рече Мицкоски на денешната прес-конференција со министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Според него, ова е прв ваков проект од толку обемен карактер за инфраструктурен развој на општините.

- Во минатото се правеле инфраструктурни проекти во главниот град, но никогаш секаде и за сите општини, во толку голем обем, како што е замислата со овие 250 милиони евра и свесен сум дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестции, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека целиот процес ќе биде транспарентен и достапен и на увид на целата јавност. 

Министерот Перински посочи дека средствата ќе бидат оперативни од октомври и дека ќе бидат ставени на наменски сметки преку шест министерства од каде ќе се префрлаат на наменска сметка на локалните самоуправи. Парите се обезбедени со Ребалансот на буџетот.

Локалните самоуправи можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.

- Јавниот повик е веќе објавен и отворен на веб страната на Министерството за локална самоуправа и веб страната на Владата и е објавен во два печатени медиуми, рече Перински.

Рокот за пополнување на апликативниот формулар е седум дена и општините треба да го достават до Министерството за локална самоуправа. Потоа, во рок од десет дена, целосната проектна документација општините се доставува до ресорното Министерство од областа на проектот каде ќе се врши евалуација.

- Евалуацијата се очекува да заврши во рок не подолг од десет дена и врз основа на неа ресорните министерства подготвуваат предлог одлука за тоа кои проекти ќе се финансираат од нивната област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на владина седница, рече Перински.

Средствата ќе се доделат преку Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за спорт.

Целиот процес, нагласи министерот Перински ќе го следи владино Координативно тело. згм/бак/

Фото: Влада

 

Остани поврзан