• петок, 06 септември 2024
МИА Флеш

5 септември 2024 

- До крајот на годинава, на општините ќе им бидат на располагање шест милијарди денари од 250-те милиони евра што треба да бидат наменети за развојни проекти на општините. 

Јавниот повик за аплицирање на општините за инфраструктурни проекти е веќе објавен и направен врз основа на претходно утврдени критериуми и процедури на Министерството за транспорт, за животна средина и просторно планирање, образование и наука, социјална политика, демографија и млади, спорт и Министерството за култура и туризам.

- Премиерот Христијан Мицкоски најави дека може да се одложи примената на Законот за забрана на нефер трговски практики за неколку недели доколку има објективни пречки и причини. 

Според Мицкоски, важно е примената да биде како што треба. - Доколку постојат објективни пречки или причини да треба да се се одложи за некоја недела не е тоа голем проблем, ќе ја донесеме одлуката да се одложи  за некоја недела само да биде имплементирано како што треба. Ова е закон донесен од претходната Влада. Ако објективно неможе да се примени нема со сила нешто да правиме, ако навистина нема можности така ќе постапиме, изјави денеска Мицкоски, на новинарско прашање за писмото што му го упатил претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески  дека е краток периодот за прилагодување кон новото законско решение.

-Турција цврсто ја поддржува Северна Македонија од осамостојувањето и ќе продолжи со тоа, порача турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, кој се наоѓа во официјална посета на земјава. 

- Имавме интензивна агенда. Соработката, пријателско и сојузништвото со Македонија го цениме многу. Разговаравме како можеме да ја унапредиме оваа соработка. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме Биш стратешки совет за соработка. Турција има цел да се зголеми билатералната економска соработка на две милјарди и ќе продолжиме со поддршка на турските компании да инвестираат во земјава. Продолжуваме и со воената соработка, преку учество на заеднички вежби, изјави Фидан по средбата со Муцунски.

- ВМРО-ДПМНЕ бара претседателот на СДСМ Венко Филипче да одговори дали ја криел фирмата од Бугарија за да не се доведе во релација со Медикал420 од која исчезнувала марихуана фатена во меѓународна акција за за сузбивање на трговија со наркотици.

-Улица „Гоце Делчев“ 12, Петрич е адресата околу која се вртат милионите на Заеви и Филипче. Ова е адресата која Венко Филипче сакал да ја сокрие од јавноста кога не ја пријавил својата фирма основана во Бугарија. Имено на адресата на која е регистрирана фирмата на Венко Филипче во Бугарија, е адресата на која претходно се регистрирани низа фирми на Заеви, меѓу нив најпозната е Медикал 420 БГ. Медикал 420 БГ е фирмата во чија поддружница во Битола во 2022 биле пронајдени наркотици во вредност од 800 илјади евра, иако на истата фирма една година претходно и била одземена лиценцата, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева на денешната прес-конференција.

- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската унија, Микалис Рокас, притоа посочувајќи дека неговата дипломатска мисија започнува во исклучително важен момент за Европската иднина на земјата и во таа смисла, изразувајќи уверување дека со силна заемна посветеност ќе се обезбеди одлучен напредок на патот кон реализација на нашата стратешка определба за идно членство во ЕУ, соопштија од Министеството за надворешни работи.  

Муцунски изразил задоволство од досегашната континуирана поддршка на Европската унија за унапредување на реформските процеси, стабилноста и просперитетот на земјата, и ја потенцирал нашата подготвеност за натамошно продлабочување на меѓусебното партнерство засновано на заедничките вредности и интереси.

– Министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, пристигна претпладнево на аеродромот во Приштина, каде што беше пречекана од нејзината косовска колешка, Доника Гервала, јави дописникот на МИА од Приштина.

„Добредојдовте во Република Косово, министерке Елина Валтонен“, се вели во објавата на финската амбасада во Косово.

- Претставниците на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), го оценија упадот на косовските власти во српските институции на северот на државата како политички прогон на српскиот народ, бидејќи тие институции, како што велат, давале услуги на граѓаните, јави дописникот на МИА од Приштина.

Членот на Претседателството на СЛ, Игор Симиќ, на денешната вонредна прес-конференција рече дека претставниците на српските институции кои добиле покани за сослушување ќе одговорат на поканите и дека јасно и гласно ќе кажат дека работеле во корист на граѓани од сите националности и дека никогаш не фалсификувале документи, како што ги обвинуваат властите во Приштина.

– Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово ги повика косовските граѓани и дијаспората да избегнуваат транзит низ територијата на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во јавното соопштение објавено на Фејсбук, косовското МНР повика да се избегнуваат сите влезови и излези на граничните премини меѓу Косово и Србија. Повикот доаѓа по предупредувањата на така наречениот „Организациски совет за блокади“ од Србија, кој објави дека на 6 септември година се планираат блокади на патиштата кои водат до граничните премини, сè до повлекувањето на косовската полиција од областите населени со српско мнозинство во северно Косово.

- На денешната средба помеѓу австралиските министри за надворешни работи и за одбрана, Пени Вонг и Ричард Марлес со јапонските колеги Јоко Камикава и Минору Кихара постигнат е договор за интензивирање на заедничките воени вежби.

Договорот уследи по неодамнешните упади на Кина во воздушниот простор и територијалните води на Јапонија.

На средбата се разговараше и за заедничката поддршка на мирот и стабилноста во Тајвански Теснец и загриженоста за се поагресивните територијални претензии на Кина во Јужно и во Источно Кинеско Море.

- Американски федерални агенти вчера запленија кокаин вреден 33 милиони долари од брод кој се обидел да ја прошверцува дрогата на малиот порторикански остров Виекес.

Повеќе од 1.670 килограми кокаин биле запленети откако непознати лица го истовариле товарот од брод и побегнале од областа, соопшти Царината и граничната заштита на САД. Островот Виакес се наоѓа источно од Порторико и е популарна туристичка дестинација.

-  Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека украинскиот напад врз руската Курска област не успеа да го запре напредувањето на руските сили во Донбас.

- Преместувајќи голем број обучени војници во рускиот пограничен регион, Украина ја ослабна сопствената одбрана и ѝ овозможи на Русија да го забрза напредувањето на истокот од Украина. Целта на непријателот беше да не направи нервозни и загрижени и да ги преместуваме војниците од еден сектор до друг и да ја запреме нашата офанзива во клучните области, пред сè во Донбас. Дали тоа функционираше? Не, наведе Путин на Источниот економски форум во Владивосток.

- Трет ден по ред во стотици училишта во Чешка и во Словачка пристигнуваат закани за поставени бомби.

- Заканата не смее да се потцени. Сè уште важи дека не сакаме да интервенираме во училиштата бидејќи заканите ги сметаме за малку релевантни, соопшти чешката полиција.

Во Чешка денеска 490 училиште добиле предупредување додека во вторникот – 600, а вчера имало 400 закани. Непознати лица прво се заканувале со подметнување пожар, а потоа дека се поставени бомби во училиштата.

- Кандидатите за претседател на САД од редовите на Републиканската и на Демократската партија Доналд Трамп и Камала Харис ќе мора да се натпреваруваат во системот наречен Изборен колеџ (electoral college) за да ја освојат власта.

Секоја сојузен држава во САД носи одреден број поени, односно електорски гласови, во зависност од бројот на жители. Најмалку можат да имаат три, а најмногу има Калифорнија со 54.

Без оглед на тоа дали разликата во гласовите е еден, десет или стотици илјади, кандидатот што ќе добие повеќе гласови во една држава „ги зема“ сите бодови. Ова правило не важи за Небраска и Мејн, кои даваат два електори на кандидатот со најмногу гласови и еден по електорски округ. Мејн има два, а Небраска три електори.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе учествува денеска на состанокот на таканаречениот формат Рамштајн, меѓу земјите кои испорачуваат оружје на Украина, соопшти германскиот магазин „Шпигел“.

Се очекува на состанокот, кој ќе се одржи во американската военовоздушна база Рамштајн во Западна Германија, Зеленски да побара дополнителни испораки на оружје, особено ракети со долг дострел, како и повеќе средства за противвоздушна одбрана, наведува списанието.

- Во изминатите три месеци, односно од 1 јуни до 31 август, во летните здравствени амбуланти во Албанија услуга добиле над 70.000 туристи, изјави министерката за здравство Албана Кочиу.

- Медицинска услуга добија 70.187 туристи, од нив 22.202 или 32 отсто странски, што е за околу 30 проценти повеќе, што е условено и од поголемиот број туристи. Овие, 34 амбуланти нудат 24 часовна услуга седум дена во неделата и се незаменлив извор на услуги за домашните и странските туристи во текот на летната сезона, наведува Кочиу во видео објава на Фејсбук.

Министерката изразува гордост што Албанија привлекува толку многу посетители од целиот свет, притоа потенцирајќи дека се „исполнува заложбата за безбедна и здрава туристичка сезона“.

Остани поврзан