• сабота, 07 септември 2024
МИА Радио флеш

6 септември 2024

- Три фирми досега пројавиле интерес за тендерот за компресорската станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Информацијата за МИА ја потврди Стојче Николовски, стручно лице за посета на терен, задолжено од комисијата и раководител на Секторот за техники работи во ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и ургентен центар - Скопје.

- Три заинтересирани фирми ја посетија локацијата со цел да видат што ќе биде потребно да се набави и каде да го монтираат тоа, појасни Николовски во изјава за МИА.

 - Во Собранието денеска ќе биде одржан прием по повод Денот на независноста - 8 Септември.  На приемот што го приредува претседателот на Собранието Африм Гаши, се очекува да присуствува државниот врв, министри во Владата, пратеници и други личности од општествениот живот. 

- Во Собранието денеска седница ќе одржат две комисии - Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија. Пред членовите на Комисијата за финансирање и буџет е преостаната само уште една точка на дневен ред - Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2023 година.

- Работното ангажирање е најдобриот начин за ресоцијализација на затворениците, смета в.д. директорот на управата за извршување на санкции, Александар Пандов. Во интервју за МИА тој вели дека ќе се обиде законски да интервенира во делот на работно ангажирање на затворениците со цел тоа да се користи почесто.

- Имам забелешки на последниот закон, направен сега во април. Планирам во наредниот период да побарам измени на одредени точки, или вметнување на нови. Забелешка е тоа што кај нас, доколку говориме дека имаме 2 400 затвореници, мислам дека околу 100 се само работно ангажирани. Моите насоки кон директорите на затворите се да се обидат да постигнат договори со градоначалниците, со други фирми, што поголем број на затвореници да бидат работно ангажирани, рече Пандов.

- Во организација на “Мускулна Дистрофија Асоцијација Македонија” (МДАМ) денеска во Струмица ќе се одржи “Првата национална конференција за Душен и Бекер мускулна дистрофија”, под мотото „Заедно за свет без бариери!“.

Според организаторите, на настанот се поканети претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски. На тридневната конференција своето учество веќе го потврдиле водечки лекари од Универзитетската клиника и од приватни болници, како и претставници од Светската организација на Душен. Оваа важна конференција, се посочува, ќе биде и повод за одбележување на  7 Септември - Светскиот ден на Душен и Бекер мускулна дистрофија признат од Обеднинетите нации. 

- НЕЛТ и УНИЦЕФ во Северна Македонија денеска ќе склучат ново партнерство, со цел на учениците во стручните училишта да им обезбедат можности за практично учење со фокус врз јакнење на зелените вештини. 

Како што информираат од УНИЦЕФ, со иницијативата ќе се подобри вработливоста на учениците од стручното образование и обука при што тие подобро ќе се подготват за пазарот на трудот. Оваа партнерство е дел од глобалното партнерство за зајакнување на образовните системи во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, кое ќе се прошири и на Ангола во 2026 година.

- По трите концерти на отворањето на сезоната на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, каде под диригентската палка на британскиот маестро Алпеш Чауан учествува во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Рахманинов, познатиот македонски пијанист Симон Трпчески се враќа дома за уште еден настап со интернационалниот музички проект „МАКЕДОНИСИМО“, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“.

По струшкото село Збажди, Скопје, Штип, Битола и село Секирник, Босилово, Струмица, Трпчески и пријателите и пред публиката во Делчево ќе го изведат албумот „МАКЕДОНИСИМО“ што во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ го обиколи светот.  Тоа е проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор Панде Шахов, кој, како што вели Трпчески, „со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови“.

- Во спомен-домот на „Блаже Конески“ во Небрегово денеска ќе биде промовирана книгата „Конески е бесмртен“.Промоцијата е во организација на Културниот и едукативен центар „Небрегово“. По промоцијата на книгата, ќе биде доделена наградата „Зборот на Конески“.

- Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ги повика Израел и палестинското движење Хамас да го финализираат договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, изразувајќи увереност дека 90 проценти од договорот веќе е постигнат.

- Навистина, зависи од двете страни да постигнат договор за преостанатите прашања, изјави Блинкен на прес-конференција во Хаити, каде што пристигна во посета.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе се сретне со германскиот канцелар Олаф Шолц, потврди портпарол на германската влада.

Без да даде повеќе детали, портпаролот изјави дека двајцата лидери ќе одржат билатерална средба утрово во Германија, каде што Зеленски ќе пристигне во рамките на својата официјална посета.

- Основачот и извршен директор на апликацијата Телеграм, Павел Дуров денеска ја критикуваше Франција поради неговото апсење и обвинение за објавување нелегална содржина на апликацијата.

Во неговата прва реакција по апсењето, во подолга изјава за Телеграм, Дуров оцени дека е „изненадувачки“ да се смета тој за одговорен за содржината објавена од други луѓе.

- На јапонскиот државјанин Масатоши Наканиши, кој е уапсен во Белорусија, му е предочено обвинение за агентурна дејност откако тој ги признал своите незаконски дејства. Ова го изјави шефот на истражниот оддел на Комитетот за државна безбедност (КГБ) на Белорусија, Константин Бичок, цитиран од ТАСС.

„Наканиши е обвинет за кривично дело предвидено со член 358, став 1 (агентурна дејност) од Кривичниот законик на Белорусија. Обвинетиот е задржан во истражниот затвор на КГБ и активно соработува со истрагата, давајќи детални изјави за својата незаконска дејност“, изјави претставникот на белорускиот КГБ.

 – Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан денеска ќе престојува во официјална посета на Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

За време на престојот во Косово, Фидан се очекува да оствари билатерални средби со претседателката на Косово, Вјоса Османи, со премиерот Албин Курти и со министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала.

– Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, поранешниот премиер, Рамуш Харадинај вели дека косовската полиција се наоѓа под политички притисок од премиерот Албин Курти, кој, според Харадинај, ја користи оваа безбедносна институција „за изборни интереси додека е на власт“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По повод денешното одбележување на 25-годишнината од формирањето на полицијата на Косово, Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека Курти „може да одржи потресен говор“, но, според него, зборовите на актуелниот премиер не се ништо друго освен измама.

- Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак се очекува денеска да го допатува во Приштина, во нов обид за обновување на дијалогот меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што изјави Лајчак минатата недела, цел на неговата денешна посета е да подготви средба на ниво на главните преговарачи на двете земји во рамките на дијалогот што се одвива со посредство на ЕУ. Овој пат, според извори од Брисел, по Приштина Лајчак нема да го посети Белград.

- Израелските сили се повлекоа од Џенин и истоимениот бегалски камп во северниот дел на окупираниот Западен Брег по 10-дневна опсада, соопштија палестински медиуми.

Израелските војници ја напуштија територијата на владината и на градската болница во Џенин, каде што беа распоредени од почетокот на воената операција во окупираниот Западен Брег на 28 август. Изминативе девет дена израелските сили спроведуваа акции низ целиот Западен Брег.

- Министерот за заедници и враќање во Владата на Косово, Ненад Рашиќ, се изјасни против отворањето на мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на јужен дел, населен со албанско мнозинство и северен со мнозинство Срби, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ваквиот став на Рашиќ, кој е од редовите на српската заедница во Косово, е сосема спротивен од оној на неговиот шеф, премиерот Албин Курти, кој веќе неколку недели изјавува дека мостот треба да се отвори и за сообраќај на возила, освен за пешаци, како што е сега.

Остани поврзан