• понеделник, 04 ноември 2024

Маринакис: Во овој момент не сме до точка да ставиме вето, но почитувањето на Договорот е неопходен предуслов за ЕУ перспективата на Северна Македонија

Маринакис: Во овој момент не сме до точка да ставиме вето, но почитувањето на Договорот е неопходен предуслов за ЕУ перспективата на Северна Македонија

Атина, 13 мај 2024 (МИА) – Потребата да се почитува Договорот од Преспа како меѓународна обврска на двете земји, но и ставот дека Грција има континуитет и мора да го почитува договореното, ги повтори портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг, одговарајќи на прашањата на новинарите, меѓу кои и на дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа дека и Министерството за надворешни работи на Грција во вчерашното соопштение и грчкиот премиер утрово на Фејсбук порачаа дека за напредокот и во билатералните односи и патот на земјата кон ЕУ, зависат од почитувањето на Договорот, на прашањето на дописничката на МИА од Атина дали ова во пракса би значело и грчко вето за европската перспектива, Маринакис посочи дека не сме стигнати до таа точка, но сепак дека е неопходен предуслов.

-Во овој момент не сме до оваа точка, но јасно е и не се потребни многу толкувања, неопходен предуслов за интегративниот процес на Северна Македонија е почитувањето на Договорот од Преспа, рече Маринакис.

Портпаролот на грчката Влада го повтори она што утрово го напиша премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис дека вчерашниот став на претседателката Силјановска Давкова за време на инаугурацијата е „провокативен и навредлив и спротивен на Договорот од Преспа“, Договор за кој како што посочи „откако беше изгласан ги обврза двете држави и Грција и Северна Македонија да го спроведат“.

-Ова е факт за кој не постојат многу толкувања. Исто така е нешто што се чини дека го прифатија целосно и претседателката на Европската Комисија и претседателот на Европскиот совет кои веднаш реагираа, нешто што ги покажува и рефлексите на нашата земја и влијанието што веќе меѓународно го има Грција, да не го потценуваме тоа, бидејќи некогаш беше црната овца на Европа, посочи Маринакис.

Во однос на ставот за Договорот од Преспа на Нова демократија додека беше опозиција, се повика на твит од 24 јануари 2019 на Мицотакис, тогаш како лидер на опозицијата, во кој пишува дека „ако Договорот од Преспа се ратификува, тогаш нема да може да се поништи бидејќи има поголема сила од кој било друг закон“.

-Тогаш како опозиција, ние не се скривме, ги изразивме нашите сериозни приговори за Договорот од Преспа и гласавме против, позиција за која не се каеме. Го имаме токму истото мислење, но целосно го почитуваме она што го потпиша нашата земја, она што го изгласа Парламентот и како сериозна држава имаме обврска да го спроведуваме, а ова го кажавме уште од прв момент, истакна Маринакис.

Паралелно посочи дека очекуваат „од другата страна да го почитува договореното“, а тие „како држава што има континуитет“, ќе ги сторат истото.

На новинарско прашање за трите меморандуми со Северна Македонија што сè уште не се ратификувани во Парламентот, упати прашања до опозициската СИРИЗА која повторно ја покрена темата.

- Искрено ги прашуваме и опозицијата, но пред сè граѓаните. Подобро ќе беше во овој период, со ставот на претседателката на Северна Македонија, да беа изгласани меморандумите? Можеби е подобро што не се изгласани досега? Ние сме искрени и јасни, мораме да го спроведуваме Договорот од Преспа, но изгласувањето на меморандумите зависи и од другата страна и од тоа колку ќе биде доследна до своите меѓународни обврски, потенцираше портпаролот на грчката Влада на редовниот брифинг со новинарите и странските дописници. ср/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан