• понеделник, 23 декември 2024

Kонститутивна седница на Советот за безбедност

Kонститутивна седница на Советот за безбедност

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова за денеска со почеток во 15:00 часот во Вила Водно закажа конститутивна седница на Советот за безбедност, соопшти кабинетот на шефот на државата.

Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Членови на Советот за безбедност се претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.

На седницата, покрај членовите на Советот на безбедност, на покана на претседателката Сиљановска Давкова ќе присуствуваат началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во Република Северна Македонија, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.

Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.

Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за тоа одлучува претседателот на Советот. дма/са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан