• понеделник, 04 ноември 2024

Кампањата на Харис под удар на руски агенти, тврди „Мајкрософт“

Кампањата на Харис под удар на руски агенти, тврди „Мајкрософт“

Вашингтон, 18 септември 2024 (МИА) - Технолошкиот гигант „Мајкрософт“ објави дека руски агенти ја насочиле својата активност кон претседателската кампања на Камала Харис, кандидатката на Демократската партија за претседател на САД, јави ДПА.

„Во последните два месеца, забележавме значителна промена во тактиката на руските операции за влијание, што ја одразува променливата политичка клима во САД“, напиша генералниот менаџер на Центарот за анализа на закани при „Мајкрософт“, Клинт Ватс, во блог објавен на официјалната страница на компанијата.

Според „Мајкрософт“, Русија се фокусирала на кампањата на Харис, користејќи агенти кои шират лажни видеа со цел да предизвикаат раздор и да шират дезинформации за неа.

- Фокусот врз кампањата на Харис претставува стратегиски потег на руските агенти, со цел да ги искористат сите претпоставени слабости на новите кандидати, додаде Ватс.

Камала Харис го замени Џо Бајден како кандидат на Демократската партија, откако 81-годишниот актуелен претседател се повлече од трката во јули поради слабото претставување на дебатите со кандидатот на републиканците, Доналд Трамп.

„Како што се приближуваат изборите, треба да очекуваме дека руските агенти ќе продолжат да користат кибер-прокси и хакерски групи за да ги шират своите пораки преку медиумски платформи и социјални мрежи, таргетирајќи политички содржини со цел да создадат поделби“, изјавија од „Мајкрософт“. Компанијата предупреди на користењето на инсценирани видеа и пропаганда поддржана од вештачка интелигенција како дел од овие операции.

Во август, американските разузнавачки служби изјавија дека Иран стои зад хакерски напад врз претседателската кампања на Трамп.

„Мајкрософт“ исто така посочи дека кинески агент за влијание, поврзан со кинеската влада, создал видеа кои ја критикуваат администрацијата на Бајден и кампањата на Харис.

„Во целина, овие три држави – Иран, Кина и Русија – покажуваат колку е сложена странската вмешаност со која се соочуваат САД, и зошто е неопходно јавноста да биде внимателна кон овие променливи закани“, додаде Ватс.

Компанијата потсети дека целта на нивните извештаи е да се поттикне свесноста и да се заштитат институциите од каква било форма на странско мешање. ссм/

фото: архива

Остани поврзан