• недела, 23 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Украинецот Забарњи не сака да премине во ПСЖ се додека Русинот Сафонов е член на тимот

Украинецот Забарњи не сака да премине во ПСЖ се додека Русинот Сафонов е член на тимот

Париз, 21 март 2025 (МИА) - Пари Сен Жермен сака во своите редови да го доведе Украинецот Илја Забарњи, но неговото доаѓање го кочи политичко прашање.

Тимот од француската престолнина уште од зимата беше заинтересиран за дефанзивецот, но фудбалерот на Бурнмаут одби да влезе во какви било преговори се додека голманот Матвеј Сафонов е член на парижаните.

Поранешниот дефанзивец на Динамо Киев наводно се плаши од потенцијален конфликт со споменатиот голман, а причината би била вооружениот конфликт во кој се вклучени земјите на двајцата играчи.

Поради несекојдневната ситуација, тимот од „Паркот на Принцовите“ уште од јануари размислува да го продаде Сафонов, за да може непречено да се заврши доаѓањето на Забарњи.

Белгискиот инсајдер Саша Таволиери изјави дека очекува летен напад на тренерот на ПСЖ Луис Енрике за дефанзивецот, а за проблемот извести и украинска „Правда“.

Украинскиот репрезентативец оваа сезона забележа 29 настапи за „црешите“, а неговиот договор го врзува за „Дин Корт“ до 2029 година. Токму поради ова неговата цена се проценува на околу 40 милиони евра, иако тоа не би требало да претставува преголем проблем за богатата сопственичка структура на Французите. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан