• петок, 21 јуни 2024

Претпоследниот ден на МТФ „Војдан Чернодрински“ донесе голем интерес на разговорите за претставите и уште три нови претстави

Претпоследниот ден на МТФ „Војдан Чернодрински“ донесе голем интерес на разговорите за претставите и уште три нови претстави

Прилеп, 13 јуни 2024 (МИА) - Претпоследниот ден на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој утре завршува во Прилеп, денеска донесе промоции, разговори на тркалезната маса за синоќешните претстави, а вечер и уште три претстави од богатата фестивалска програма.

Напладне се разговараше за претставите „Едвард втори“ на Велешкиот театар кој работи во копродукција со театарот „Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија, во режија на Андреј Жолдак и за претставата „Демонот од Дебар Маало“ од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска.

Претставата „Едвард втори“ е плод на двогодишен меѓународен проект кој Велешкиот театар го создава со Драмскиот театар од Пловдив и ова е првиот од целиот проект. Вториот  е претставата „Без крв“ на која моментално се работи во Пловдив во режија на Јана Донева.

-Соработката со режисерот Жолдак беше исклучителна школа. Еден многу посериозен, поинаков, различен пристап она кое нам ни е секојдневно создавање театар. Оваа претстава е артикулација на поинакви техники. Ова не е претстава, туку пост драмска форма и е надвор од стандардите на поставувањето на драмските текстови, рече драматургот Сашо Димоски кој го напиша текстот за претставата.

За претставата „Демонот од Дебар маало“ на Штипскиот театар со кој режисерката Наташа Поплавска прват соработува, беше речено дека поставувањето на сцена било „копање“ по непознатото од сето она што е познато за текстот на големиот автор Горан Стефановски.

Режисерката Наташа Поплавска потенцира дека при работатата на претставата се апстрахирала од другите дела на нејзиниот професор, советник и пријател Горан Стефановски за да извлече свое видување на „Демонот од Дебар Маало“ и да го извлече непознатото од познатото за Стефановски.

-Тоа го правам за да го погледнам делото со чисто срце и да комуницирам со актерите со кои работам.  Со штпскиот ансамбл работев првпат. Делата на Горан ги знаеме, но ми беше потребно да се втурнам во непознатото.  И со екипата, со актерите, заедно „копавме“ по непознатото, рече Поплавска.

Вечер, од 17 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ Албанскиот театар од Скопје ќе ја изведе „Диво месо“ од Горан Стефановски, во режија на Мартин Кочовски. Во 22 часот на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе биде претставата „Лекција“ во продукција на Motion Network и Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип. На полноќ на големата сцена на Центарот за култура ќе гостува Драмскиот театар „Стојан Бочваров“ од Варна, Бугарија. Претставата е според текст на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев.ем/

Фото: МИА

 

Остани поврзан