• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Се подготвувам за Самитот на НАТО, мојата позиција за употребата на името е јасна и никој за тоа не треба да има дилема

Мицкоски: Се подготвувам за Самитот на НАТО, мојата позиција за употребата на името е јасна и никој за тоа не треба да има дилема

Скопје, 20 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски во врска со употребата на уставното име денеска повтори дека неговата позиција е јасна и за неа никој не треба да има дилема и оти е подготвен да аргументира и да дебатира во врска со тоа. Прашан за коментар за изјавата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дека „премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на НАТО Самитот“, Мицкоски рече дека се подготвува и оти би сакал да го види тој предизвик потсетувајќи на изјавите дека досега требаше да почне ратификацијата на протоколот за влез на Македонија во рамките на ЕУ.  

-Се подготвувм јас. Јас сум човек кој се подготвува и сака предизвици. Би сакал да го видам и тој предизвик. Мојата позиција е јасна и тука не треба никој да има дилема. Доколку постојат во Европа а не верувам дека постојат европски политичари кои се претставуваат како европски политичари на 21 век а сепак имаат во себе талибански мотиви па сакаат да го загрозат човековото право кое што е заштитено со многу меѓународни конвенции тогаш јас сум подготвен со тие луѓе да аргументирам и да дебатирам и тука не треба да имаме никаква дилема. Мојот интерес е да градиме мостови а не да ги уриваме и да разговараме врз основа на аргументи, врз основа на факти. Јас сум подготвен и со аргументи и со факти да разговарам и тоа го правам целиот мој живот, не само на НАТО самитот. Каде и да е, и во Атина, и во Скопје и во Брисел... секаде сум подготвен да разговарам со факти и со аргументи.

Мицкоски вели дека се додека има манипулации и двојни стандарди и додека не се држиме до Копенхагеншките критериуми ќе ни се случуваат вакви анахрони изјави, талибански методи и враќање во средниот век, наместо да се гледа во иднината. 

- Ние денеска ако ги слушавме тие пораки веќе требаше да отпочне ратификацијата на протоколот за влез на Македонија во рамките на ЕУ, бидејќи се сеќавам дел од политичарите кои што се сега гласни за Преспанскиот договор седеа пред мене пред шест години ме гледаа во очи и ми велеа само уште ова Христијан нека помине и за пет-шест години вие сте дел од Европската унија. Би сакал истите тие да ги погледам во очи и да им кажам сега јас што имам да им кажам, бидејќи и тогаш им кажував и сега истото ќе им го кажам дека се нечесни, дека даваат лажни изјави и дека го манипулираат овој мал, но драг, скапоцен народ во срцето на Балканот. И се додека има манипулации и двојни стандарди и се додека не се држиме до Копенхагеншките критериуми и вредностите дефинирани од тројцата многу важни луѓе за Европската унија Де, Шуман и Аденауер нас ќе ни се случува вакви анахрони изјави, талибански методи, и враќање во средниот век, наместо да гледаме во иднината.

Мицотакис во интервју за радиото „Реал фм“ за ставот на мандатарот за формирање влада Мицкоски околу употребата на името Македонија, вели дека „премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на НАТО Самитот“. 

Грчкиот премиер рече дека Договорот од Преспа обезбеди едно име за севкупна употреба, а не двојна формула и уште еднаш го повтори ставот дека оспорувањето може да создаде проблеми во односите со Грција, со НАТО и ЕУ, но и дека прашањето ќе го покрене на НАТО Самтитот во првата половина на јули. 

-Секако ќе го покренам и мислам дека ќе имам многу сојузници во овој обид. Скопје да сфати дека не може да си игра со Атина за такво прашање, бидејќи ако земјата се стремеше кон двојно име, прашањето ќе беше затворено пред многу години. Скопје влезе во НАТО токму преку Договорот, кој има свои проблеми, меѓутоа обезбеди едно име за сите и ако ова се оспори, тогаш да знае Северна Македонија дека ќе има големи проблеми, не само во нејзините билатерални односи со Грција, туку и во нејзините односи и во НАТО и со Европската Унија кон која има амбиција во некој момент да стане членка, рече Мицотакис. ев/лв/

ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан