• петок, 21 јуни 2024

Агелер: Најавата на идниот премиер дека ќе го користи уставното име при заклетвата е за поздравување

Агелер: Најавата на идниот премиер дека ќе го користи уставното име при заклетвата е за поздравување

Скопје, 20 јуни 2024 (МИА) - Американската амбасадорка Анџела Агелер ја поздравува најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар на идната влада Христијан Мицкоски дека при заклетвата како иден премиер и во настапите во странство ќе го користи уставното име на државата. 

Во интервју за „360 степени“, Агелер изразува надеж дека неговиот пример ќе го следат и сите министри.

- Ќе кажам дека беше разочарување за раководството во Вашингтон кога претседателката реши да не го употреби уставното име на земјава при давањето заклетва и, искрено, тоа што идниот премиер и министри ќе го направат, е нешто што го поздравуваме. Како што разбирам, Деловникот на Собранието е сменет за да се вклучи и тоа (уставното име) и воодушевена сум што тоа го гледам, и сум многу задоволна и го поздравив неговиот јавен настап од пред некоја вечер, во кој тој рече дека ќе го почитува уставното име на земјата при давањето заклетва, вели Агелер.

Од идната влада очекува колку што може побрзо, да ги испорача ветувањата дадени за време на изборната кампања.

- Очекувам да видам како тие, а така ќе беше за која било влада која ќе дојдеше на власт, дали на реториката од кампањата и дадените ветувања ќе одговорат со конкретни дела. На крајот, како политичка партија и влада ве судат според вашите дела наспроти предизборните ветувања кои, искрено, можат да го покријат целиот спектар на политиката во време на избори, вели Агелер во интервју за „360 степени“.

Собраниската седница за избор на новата влада почнува во сабота, а треба да заврши најдоцна до недела на полноќ. Мандатарот Христијан Мицкоски најави дека при заклетвата ќе го употреби уставното име на државата. бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан