• среда, 20 ноември 2024

Во Штип меѓународен шаховски турнир за слепи лица од 1 јули

Во Штип меѓународен шаховски турнир за слепи лица од 1 јули

Штип, 20 јуни 2024 (МИА) - Меѓународен шаховски турнир за слепи лица ќе се одржи во Државниот студентски и ученички интернат „Браќа Миладиновци“ во Штип, најави денеска на прес-конференција претседателот на Здружение на слепи лица- Штип, Драги Витанов. На натпреварот ќе учествуваат членови на здруженијата од земјава, но и од Србија и Бугарија.

-Здружението на слепи лица на град Штип работејќи по Програмата за оваа година, во план е од 1 до 4 јули да реализираме шаховски меѓународен турнир во поединечна конкуренција за слепи лица. Меѓународен е турнирот, затоа што на турнирот ќе присуствуваат и слепи лица од Србија и од Бугарија. До сега имаме пријавено 12 шахисти и верувам дека тоа ќе биде конечниот број, бидејќи до 20 Јуни беше времето за пријавување на турнирот и битно е дека турнирот ќе биде многу јак, бидејќи тоа се шахисти во врвот на нивните натпреварувања, вели Витанов.

 Директорот на Државниот студентски и ученички интернат „Браќа Миладиновци“-Штип, Јордан Насев вели дека за лицата кои ќе пристигнат од останатите држави е обезбеден престој и нивно сместување.

-Конкретно за овој настан имаше доставено барање од страна на здружението до Управниот одбор на државниот студентски дом за сместување и престој на околу 40 лица. Станува збор за учесници на самиот овој настан на турнирот и оној концерт, кој што ќе биде, меѓу тоа овие лица ќе дојдат со придружба. Очекуваме 40 лица да бидат сместени во овој дом во 20 соби, вели Насев.

Покрај шаховскиот турнир, на 3 јули е организиран и хуманитарен концерт на кој освен здруженијата за слепи лица, ќе учествуваат и професионални музичари и пеачи од државата.

-Настанот ќе го води нашиот познат штипјанец Раде Рогожаров, а средствата од концертот ќе бидат наменети за Здружението за слепи лица, а дополнително со Управниот одбор ќе видеме каде ќе бидат донирани средствата. Концертот ќе биде во Домот на културата „Ацо Шопов“, а влезот ќе биде бесплатен, со што ќе има поставено кутија за донирање кој колку сака, изјави Витанов.

 Наградите за меѓународниот шаховски турнир се обезбедени од Општина Штип. вдј/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан