• четврток, 09 април 2026

Општина Илинден ја реализираше традиционалната хуманитарна акција „Подај рака – хумана Општина Илинден“

Општина Илинден ја реализираше традиционалната хуманитарна акција „Подај рака – хумана Општина Илинден“

Скопје, 9 април 2026 (МИА) - Општина Илинден и оваа година традиционално ја спроведе хуманитарната акција „Подај рака – хумана Општина Илинден“, во рамки на која беа донирани храна и хигиенски производи за ранливите категории граѓани, во пресрет на големиот христијански празник Христовото Воскресение – Велигден.

Како што соопштија од општината, акцијата беше реализирана во духот на солидарност и човечност, во соработка со Црвениот крст и локалната бизнис заедница. Благодарение на нивната поддршка, обезбедени и дистрибуирани беа околу 250 пакети со основни прехранбени и хигиенски производи, со цел да се придонесе кон достоинствено одбележување на празникот за сите граѓани.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, упати благодарност до општествено одговорните компании кои активно се вклучија во акцијата, посочувајќи дека токму во празничните денови доаѓа до израз значењето на меѓусебната поддршка и солидарност. Тој нагласи дека секое семејство заслужува да ги помине празниците во мир, хармонија и благосостојба.

Од Општина Илинден упатија благодарност до компаниите МАН, Компанија Петковски, Компанија Атанасовски, КАМ, Дени Интернационал, Интер Оил, Гранд Слот, Пекабеско, Марк Маркет и ТАВ, кои со своите донации ја покажаа својата општествена одговорност.

Општина Илинден најави дека и во наредниот период ќе продолжи со вакви и слични активности, преку заеднички напори и партнерства со бизнис секторот и граѓанските организации, со цел градење општество засновано на грижа, емпатија и меѓусебна поддршка. бк/вг/

фото: Општина Илинден

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан