• недела, 05 мај 2024

Премиера на претставата „Стилист“ во Струмичкиот театар

Премиера на претставата „Стилист“ во Струмичкиот театар

Струмица, 15 декември 2023 (МИА) - Утревечер Народниот театар „Антон Панов“ премиерно ќе ја изведе претставата „Стилист“ работена според комедијата „Кројач за дами“ од Жорж Фејдо, а во режија и адаптација на Синиша Евтимов.

Тој последната деценија се занимава опсесивно и извонредно успешно со феноменот наречен-комедија. Претставата „Стилист“ е негово повторно „враќање“ во струмичкиот театар и работа со ансамблот кој добро го познава, но исто така и „враќање“ кон струмичката публика која досега ги препознавала и уживала во неговите претстави.

-Водвиљот е една од најпопуларните театарски форми кај публиката. А еден од големите мајстори на таа форма е токму Жорж Фејдо, чии дела не се симнуваат од театарските сцени. Нашата претстава го пренесува дејствието на познатата комедија „Кројач за дами“ во наше време, денес, со нов наслов „Стилист“, а ликовите на Фејдо стануваат познати и препознатливи лица од нашата современост. Обидот за брачна изневера произведува низа неверојатни, комични, урнебесни ситуации кои наликуваат на каламбур, стои во текстот за претставата.

Сценографијата е на Илина Ангеловска, а костимите на Ване Василев. Во претставата играат актерите Стојан Велков-Трн, Танкица Стојанова, Игор Тодоров, Оливера Аризанова-Мансбарт, Коста Ангов, Анкица Бенинова, Васил Михаил, Јулија Милкова и Ангелина Тренчева Ангелова. рт/дма/

Фото: НТ „Антон Панов“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан