Почнува битката за поделба на ресорите во новата Европска комисијата
- Со ова се обезбедува секоја од 27-те земји членки на ЕУ има по еден член на Комисијата, но не е сеедно дали некој ќе раководи со трговските прашања, надворешната и безбедносната политика, контролата над конкурентноста, земјоделството, со образованието или спортот. Од таму во следните недели клучни прашања во ЕУ ќе бидат кој ќе ја добие моќната позиција на комесар за трговија и ќе ја „менаџира“ трговската војна на ЕУ со Кина, дали Полјаците ќе го заземат очекуваниот нов ресор за одбрана за да се спротивстават на нивните големи ривали Русите или кој ќе биде „полицаецот“ што ќе ја контролира работата на американските технолошки гиганти како „Епл“ и „Гугл“.
Брисел, 8 јуни 2024 (МИА) - Европската комисија e извршното тело на ЕУ што ја сочинуваат претседателот, високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност и 25 еврокомесари задолжени за одделни ресори или вкупно 27 члена, колку што изнесува и бројката на земји членки на блокот.
Со ова се обезбедува секоја од 27-те земји членки на ЕУ има по еден член на Комисијата, но не е сеедно дали некој ќе раководи со трговските прашања, надворешната и безбедносната политика, контролата над конкурентноста, земјоделството, со образованието или спортот. Од таму во следните недели клучни прашања во ЕУ ќе бидат кој ќе ја добие моќната позиција на комесар за трговија и ќе ја „менаџира“ трговската војна на ЕУ со Кина, дали Полјаците ќе го заземат очекуваниот нов ресор за одбрана за да се спротивстават на нивните големи ривали Русите или кој ќе биде „полицаецот“ што ќе ја контролира работата на американските технолошки гиганти како „Епл“ и „Гугл“.
За најпосакувани позиции, покрај оние на претседателот и високиот претставник, важат и комесарските функциии за трговија и конкурентност, а во најмалку посакуваните или дури утешни ресори се вбројуваат спорт, образование и мултијазичноста.
При изборот на сегашната Европска комисија нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен побара од земјите членки да предложат по двајца кандидати - маж и жена - за функцијата еврокомесар. Ако биде реизбрана на функцијата, веројатно ќе можеме да ја очекуваме истата постапка.
Иако, Евроизборите се уште не се завршени, во кулоарите веќе се споменуваат можните кандидати за идни еврокомесари.
Така, како најсериозен австриски кандидат за еврокомесар се споменува актуелната министерка за ЕУ на Австрија, Каролине Едштадлер, која е членка на Австриската народна партија (ОВП), односно Европската народна партија (ЕПП). Виена за Едштадлер го посакува ресорот за проширување и соседска политика.
Од Белгија во игра се неколку кандидати - актуелниот премиер Александер Де Кро од партијата Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД)/либералната група „Да ја обединиме Европа“ , претседателот на валонската Регионалната влада Елио Ди Рупо од Социјалистичката партија (ПС)/Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), лидерот на ПС Пол Магнет, белгискиот министер за здравство Френк Ванденбрук од социјалдемократската партија Напред (Воројт)/СД и поранешната белгиска премиерка и актуелна пратеничка Софи Вилмес од Реформското движење (МР)/РЕ. Во Белгија утре заедно со евроизборите се одржуваат и избори за Федералниот премиер и за членови на регионалните парламенти на Брисел, Валонија и Фландрија, па идниот белгиски еврокомесар се очекува да биде дел од пакет договорот за идната влада, што може да го одолговлече неговиот избор. За Брисел како најпрефериран ресор во идната Еврокомисија се посочува климатската политика, што секако ќе зависи и од составот на идната белгиска влада.
Во Бугарија, како и во Белгија, утре заедно со европските се одржуваат и парламентарни избори, па идниот бугарски еврокомесар ќе зависи од изборните резултати и идната влада што би се формирала по изборите. Сепак, како најсериозен кандидат се споменува европратеничката Ева Мајдел од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ)/ЕПП. Софија нема преференции за одреден ресор, но бидејќи Мајдел е експерт за дигитализација и вештачка интелигенција, доколку таа биде конечниот избор за еврокомесар веројатно ќе добие некое портфолио поврзано со нејзината стручност.
Од Данска како потенцијални идни еврокомесари се споменуваат министрите за климатска политика и развој Дан Јоргенсен и за бизнис Мортен Бодсков и двајцата членови на партијата Социјалдемократи (С)/СД. Но, како можен кандидат за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност се посочува и данската премиерка Мете Фредериксен од С/СД, па доколку таа биде избрана на оваа должност, Данска нема да има свој еврокомесар. Фредериксен е во игра и за претседателка на Советот на ЕУ, па ако дојде на оваа позиција, тогаш би имало и дански еврокомесар. Копенхаген би сакал да го добие ресорот трговија.
Естонија има двајца кандидати за еврокомесар – актуелната премиерка Каја Калас од Естонската реформска партија ЕР/Либерали и нејзиниот сопартиец, поранешен министер за надворешни работи и актуелен европратеник Урмас Пает. Доколку изборот падне на Калас, на која и се даваат поголеми шанси, таа би можела да стане и висок претставник за надворешна политика и безбедност, но тоа сепак ќе зависи и од договорот за распределба на останатите врвни функции во ЕУ.
Доколку Урсула фон дер Лајен биде реизбрана за претседателка на Европската комисија, тогаш Германија како и во сегашниот мандат ќе нема свој еврокомесар. Но, доколку Фон дер Лајен не добие доволна поддршка за реизбор, тогаш како главен фаворит за германски еврокомесар би се наметнала министерката за надворешни работи Аналена Баербок, но во игра се и двајцата државни секретари во Министерството за економија, Франциска Брантнер и Свен Гиголд, сите тројца членови на партијата Зелени-Сојуз 90/Зелени. Берлин би сакал да ја задржи раководната позиција со ЕК, но доколку не успее во тоа сигурно ќе инсистира на некој од „најпосакуваните“ ресори.
Грција има неколку кандидати за еврокомесар, меѓу кои како најсерозен се споменува актуелниот претседател на Европската комисија за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас. Покрај Схинас, во игра се и министрите за внатрешни и за надворешни работи Ники Керамеус и Јоргос Герапетритис и поранешниот државен министер Ставрос Папаставру. Сите четворица се членови на владејачката партија Нова демократија (НД)/ЕПП. Атина е заинтересирана во следната ЕК да ги добие ресорите миграција или одбрана.
Ирска како фаворит за еврокомесар го има министерот за финансии Мајкл Мекграт, но во игра се и вицепремиерот и поранешен премиер Мајкл Мартин и министерот за земјоделство Чарли Меконалог, сите членови на Фајана Феил-Републиканска партија/Либерали. Даблин би сакал да го добие ресорот финансии.
И Италија има неколкумина кандидати за еврокомесар, сите актуелни министри - за европски прашања Рафаеле Фито, за земјоделство Франческо Лолобриџида, за надворешни работи Антонио Тајани, за економски развој Адолфо Урсо и за одбрана Гвидо Крозето. Сите освен Тајани, кој е лидер на Форца Италија/ЕПП, се членови на партијата Браќа на Италија/Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР). Како сериозен италијански кадар за функција во Брисел се споменува и поранешниот премиер Марио Драги, но малку е веројатно дека тој би се согласил да биде „обичен“ европски комесар. Името на Драги е во игра и за претседател на Европската комисија, доколку Фон дер Лајен не биде реизбрани, но тоа што не е член на ниту една партија се смета за негов „минус“. Рим би сакал да го добие раководењето со некој „моќен“ економски ресор.
Кога станува збор за Кипар, во игра се четири имиња – актуелната еврокомесарка за здравство и безбедност на храната Стела Киријакидес и поранешните министри за финансии - Харис Георгијадес, за енергија Јоргос Лакотрипис и за надворешни работи Константинос Комбос. Сите, освен Комбос кој е независен, се членови на Демократскиот собир (ДИСИ)/ЕПП. Никозија би сакала да го задржи ресорот здравство, но влијателното кипарско бродско лоби го преферира ресорот транспорт.
Летонија најверојатно одново ќе го предложи извршниот потпретседател на ЕК и еврокомесар за трговија Валдис Домбровскис, за кого Рига го посакува раководењето со внатрешниот пазар или потенцијално „некој ресор поврзан со Украина“. Домбровскис е член на партијата Единство (В)/ЕПП.
Кандидат на Литванија за еврокомесар е шефот на дипломатијата Габриелиус Ландсбергис од Татковинскиот сојуз-Литвански христијански демократи (ТС-ЛКД)/ЕПП. Вилнус би сакал да го добие раководењето со ресор поврзан со надворешната политика и соработка.
Согласно коалицискиот договор за формирање на актуелната Влада, кандидат на Луксембург за еврокомесар треба да биде досегашниот европратеник Криштоф Хансен од Христијанско социјалната народна партија (ЦСВ)/ЕПП. Но, доколку Фон дер Лајен биде реизбрана на функцијата би можела да претпочита во Еврокомисијата да остане актуелниот еврокомесар за работни места и социјални права Николас Шмит од Луксембуршката социјалистичка работничка партија (ЛСАП) и шпиценкандидат на СД на Евроизборите, па потенцијално да се обиде да го убеди луксембуршкиот премиер Лук Фриден за отстапка, со тоа што Шмит би добил некој поважен ресор, како на пример финансии, кој го претпочита Владата во Луксембург.
Фаворитка на Малта за еврокомесар е министерката за животна средина и енергија Миријам Дали од Лабуристичката партија (ПЛ)/СД, откако претходниот „сигурен кандидат“, нејзиниот сопартиец Крис Ферн беше принуден да поднесе оставка на местото вицепремиер и министер за европски фондови, социјален дијалог и заштита на потрошувачите поради обвиненија за измама и злоупотреба на функцијата. Ла Валета нема некое преферирано портфолио, но веројатно согласно големината на земјата ќе добие некој од „помалку важните“ ресори.
Речиси сигурен кандидат на Полска за еврокомесар е министерот за надворешни работи Радослав Сикорски од Граѓанската платформа (ПО)/ЕПП. Варшава го сака новиот ресор за одбрана, но би се задоволила и со портфолиото за проширување.
Во комбинација за фаворит на Португалија за еврокомесар се поранешните министри за регионален развој Мигел Појарес Мадуро и за финансии Марија Луиза Албукерке, и двајцата членови на Социјалдемократската партија (ПСД)/ЕПП, како и независниот градоначалник на Порто, Руи Мореира. Како сигурен кандидат за португалски еврокомесар важеше донеодамнешниот европратеник и заменик лидер на ПСД, Пауло Рангел, но малку е веројатно дека тој ќе премине во Брисел откако пред два месеци беше избран за министер за надворешни работи на Португалија. Лисабон јавно не пројавува амбиции за одреден ресор, но неофицијално се споменува интересот за иновациите.
Романија најверојатно ќе се определи за актуелниот шеф на државата Клаус Јоханис од Националната либерална партија (ПЛН)/ЕПП, чиј претседателски мандат истекува во декември. Јоханис пројавува амбиции за преземање на функцијата генерален секретар на НАТО, а неговото име е во игра и за претседател на Европската комисија, доколку не тоа место не биде реизбрана Фон дер Лајен. Доколку и стане европски комесар, Јоханис покрај одреден ресор веројатно ќе претендира и на потпретседателска должност. Букурешт нема пројавено интерес за конкретен ресор, но би бил задоволен со портфолиото кохезија.
Словачка најверојатно одново ќе го предложил актуелниот прв потпретседател на ЕК, извршен потпретседател за Европскиот зелен договор и еврокомесар за меѓуинституционални односи Марош Шефчович од партијата Насока-Социјална демократија (СМЕР-СД)/суспендирана членка на СД, кој со својот авторитет би можел да добие некој значаен ресор. Како можен кандидат се споменува и Мирослав Лајчак, актуелен специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и Западниот Балкан, кој од септември треба да ја преземе должноста евроамбасадор во Швајцарија. Братислава исто така нема јавно искажано преференции за одреден ресор.
Како кандидат на Словенија за еврокомесар се споменува Томаж Весел, поранешен претседател на словенечката Ревизорска управа и близок соработник на премиерот Роберт Голоб од Движењето Слобода (ГС)/Либерали. Љубљана е заинтересирана за ресорите демократија, финансии или конкуренција.
Унгарија би сакала актуелниот еврокомесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји да го задржи ресорот, што е малку веројатно дури доколку тој остане член и на следната Европска комисија. Но, Вархеји е познат по неговите блиски врски со Србија и квалификацијата на европратениците како „идиоти“, што би можело да резултира со одбивање на неговата кандидатура како што беше случај и со првиот предлог на Будимпешта во 2019 година - Ласло Трочањи. Во тој случај, како најсериозна кандидатка се посочува европратеничката Енико Ѓури, која е поранешна државна секретарка за европски прашања и амбасадорка на Унгарија во Рим и Мадрид. И Вархеји и Ѓури се членови на партијата Фидес, која е поранешна членка на ЕПП, а сега без европска афилијација, но со амбиција да се приклучи кон ЕЦР.
Финска има две кандидатки за еврокомесар - европратеничката Хена Виркунен и министерката за надворешни работи Елина Валтонен и двете членки на Националната коалициска партија (КОК)/ЕПП. Хелсинки го преферира ресорот конкурентност, но би се согласил и со одбраната, проширувањето, економијата или климатската политика.
Како кандидати на Франција се споменуваат актуелниот еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон, министерот за финансии Бруно Ле Мер и поранешната премиерка Елизабет Борн, сите тројца од партијата Ренесанса (РЕ)/Либерали. Париз би сакал да го добие „зајакнатиот“ ресор за економија, кој би ги опфатил економската и индустриската политика на ЕУ и конкурентноста.
Името на кандидатот на Холандија за еврокомесар е дел од шестмесечните преговори за формирањето на новата холандска влада, но доколку новите коалициски партнери не успеат да се усогласат околу заеднички предлог, можно е актуелниот еврокомесар за климатска акција Вопке Хукстра да остане член на Еврокомисијата иако неговата партија Христијанско демократски повик (ЦДА)/ЕПП нема да биде дел од идниот владин кабинет. Ресорот кој би го добил Хаг меѓу другото делумно зависи и од тоа дали холандскиот премиер во заминување Марк Руте ќе биде избран за генерален секретар на НАТО.
Хрватска најверојатно ќе се реши да ја задржи актуелната комесарка за демократија и демографија Дубравка Шуица од Хрватската демократска заедница (ХДЗ)/ЕПП, но не е познато за кој ресор би бил заинтересиран Загреб. Сепак, доколку Фон дер Лајен не биде реизбрана на функцијата, меѓу можните кандидати за претседател на Еврокомисијата се споменува и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ (ХДЗ/ЕПП). Доколку Пленковиќ застане на чело на ЕК, тогаш Хрватска ќе нема ресорен еврокомесар.
Од Чешка како можни кандидати за еврокомесар се споменуваат поранешната претседателска кандидатка Дануше Нерудова од партијата Градоначалници и независни (СТАН)/ЕПП, европратеникот Марсел Колаја од Чешката пиратска партија (Пирати)/Зелени, како и заменик министерот за финансии Марек Мора и министерот за трговија Јозеф Сикела, кои не се членови на ниту една партија. Согласно коалицискиот договор за формирање на чешката Влада, кандидатот за еврокомесарот треба да го номинираат СТАН или Пиратите. Фаворит на СТАН е Нерудова, а на Пиратите – Колаја, но премиерот Петр Фиала, кој го има последниот збор во предлагањето на кандидатот за еврокомесар, ги преферира Мора (кој е дел од владата на предлог на Граѓанската демократска партија (ОДС)/ЕЦР) или Сикела (кој е министер предложен од СТАН). Прага ги преферира ресорите енергија, економија, внатрешен пазар или неочекуваната комесарска позиција за одбрана.
Како кандидати на Шведска за еврокомесари се споменуваат министерката за европски прашања Џесика Росвол, поранешниот премиер Карл Билт и европратеникот Томас Тобе, сите тројца од Умерената коалициска партија (М)/ЕПП. Стокхолм отворено нема пројавено интерес за конкретен ресор.
Кандидат на Шпанија за еврокомесар е вицепремиерката и министерка за еколошка транзиција Тереза Рибера Родригез од Социјалистичката работничка партија на Шпанија (ПСОЕ)/СД. Мадрид би сакал да го добие ресорот за спроведување на зелениот договор, за климатската акција или за енергија. сп/
Фото: МИА Архива