Почнаа трките со бикови во Памплона, илјадници учесници и пропалестински пароли
- Илјадници луѓе денеска учествуваа во првата трка со шест бикови на отворањето на фестивалот Сан Фермин во шпанскиот град Памплона.
Памплона, 7 јули 2025 (МИА) – Илјадници луѓе денеска учествуваа во првата трка со шест бикови на отворањето на фестивалот Сан Фермин во шпанскиот град Памплона.
Ова беше првата од деветте утрински трки во рамките на традиционалната прослава посветена на светиот Фермин.
За време на отворањето, илјадници собрани граѓани извикуваа „Слобода за Палестина“ и ги држеле високо кренати црвените марами.

Покрај шесте разјарени бикови, во трките по кривулестите и тесни калдрми учествуваат и шест питоми волови.
Во секоја трка, долга 846 метри и со времетраење од три до четири минути, учествуваат до 4.000 тркачи.
Повеќето учесници носат традиционална облека – бели панталони и кошули со црвен појас и марама.
Илјадници гледачи ја следат трката од балкони и дрвени барикади долж патеката, додека милиони ја следат во живо преку телевизија.
Иако убоди од рогови не се реткост, најмногу повреди настануваат при падови и судири меѓу тркачите.
Неофицијални податоци покажуваат дека најмалку 15 лица загинале на овие трки во последниот век, а последниот смртен случај се случил во 2009 година.

Останатиот дел од денот посетителите го минуваат во уживање со храна, пијалоци, танци и други културни настани, вклучително и борби со бикови во арената, во кои учествуваат истите бикови и матадори од утринските трки.
Фестивалот стана светски познат благодарение на класичниот роман на Ернест Хемингвеј од 1926 година, „Сонцето повторно изгрева“, за американски боеми што живеат и се пропаѓаат во Европа. ссм/
фото: ЕПА