• понеделник, 15 декември 2025

Хамас: Убиството на командантот го загрозува примирјето во Газа

Хамас: Убиството на командантот го загрозува примирјето во Газа

Газа, 14 декември 2025 (МИА) - Убиството на висок командант на Хамас од страна на Израел вчера, ја загрозува одржливоста на примирјето во Газа, изјави денеска главниот преговарач на палестинското исламистичко движење, Калил ал-Хаја.

Тој го повика американскиот претседател Доналд Трамп да побара Израел да се придржува до условите на мировниот договор.

Илјадници поддржувачи на Хамас се собраа во центарот на градот Газа на погребот на Саид Раед, највисокиот функционер на групата убиен откако примирјето стапи на сила пред два месеци.

Во телевизиско обраќање, Калил ал-Хаја, кој живее во егзил, го потврди убиството на Саид.

„Континуираните кршења на договорот за прекин на огнот од страна на Израел... и неодамнешните атентати насочени кон Саид и други ја загрозуваат одржливоста на договорот“, предупреди Хаја. „Ги повикуваме медијаторите, а особено главниот гарант, американската администрација и претседателот Доналд Трамп, да работат на тоа да го обврзат Израел да го почитува прекинот на огнот и да се обврзе на него.“

Извори од Хамас го опишуваат Саид како втор човек по команда на вооруженото крило на групата, по Из ал-Дин ал-Хадад. Израел вели Саад наводно бил главниот планер на терористичкиот напад од 7 октомври 2023 година врз јужен Израел, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а над 250 беа киднапирани и однесени во Појасот Газа. 

Хамас не назначил генерален лидер откако Израел го елиминираше лидерот на палестинската група, Јахја Синвар, во 2024 година. Оттогаш, го води петчлен висок совет за лидерство, чиј член е Хаја.

Мировниот договор повикува на создавање меѓународни сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации, за да помогнат во одржувањето на мирот. Хаја рече дека нивната улога треба да биде ограничена на одвојување на страните по границата со Појасот Газа надвор од самата територија.

Централната команда на САД, која ги надгледува американските сили на Блискиот Исток, ќе биде домаќин на конференција во Доха на 16 декември со земјите партнери за да се разговара за распоредувањето на планираните меѓународни сили за стабилизација на Газа. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан