• вторник, 02 јули 2024

Одбележан 3 Март - Денот на Општина Тетово

Одбележан 3 Март - Денот на Општина Тетово

Тетово, 4 март 2024 (МИА) - Советот на Општина Тетово денеска одржа седница од свечен карактер со цел одбележување на 3 Март - Денот на Општина Тетово. На седницата беа доделени награди и признанија на 50-тина поединци, клубови, организации и правни лица во знак на благодарност за постигнатите резултати во разни области од секојдневниот живот и особен придонес за афирмацијата на градот.

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами во своето обраќање се осврна на реализираните проекти од минатата година.

-Трети март е многу важен ден за тетовчани, бидејќи од тој ден тие одлучуваат за својот град, го избираат тимот што ќе ги води четири години. Изборот на општинските советници уште повеќе ги зближува граѓаните со институцијата Општина, со работата и обврските што институциите ги имаат кон граѓаните. Годинава, 3 март го одбележуваме во пријатна атмосфера, каде општинските услуги секогаш се подобруваат, а граѓаните сè повеќе ја разбираат важноста на локалната власт. Денот на општината е прослава на демократијата и суштинската отвореност кон граѓаните. Тоа е прослава што го одбележува заедничкиот граѓански ангажман во негувањето на демократските вредности, транспарентноста, отчетноста и учеството на сите општествени чинители во креирањето на јавните политики за доброто на сите граѓани, истакна Касами.

Во говорот Касами рече дека 2023 година е време на реализација на многу крупни проекти не само во инфраструктурата, туку и во образованието, културата и други сфери.

-Една година се работеше многу, но ќе се осврнеме само на поголемите проекти, почнувајќи од отворањето на патот во селото Вејце, многу важен сегмент за жителите на овој крај, потоа отворањето на булеварот Благоја Тоска, кој со години беше заборавен, а ние за една година успеавме целосно да го завршиме. Друг проект поврзан со инфраструктурата е продолжување на булеварот В.С. Бато кој пробива до село Порој, и кој годинава ќе биде завршен и во служба на граѓаните. Инвестициите во патната инфраструктура, подземните инсталации и регулацијата на атмосферската и фекална канализација ја потврдуваат нашата посветеност. Добивме голем проект за изградба на фекална канализација во селата Порој, Џепчиште, Мала и Голема Речица, дел од градот и село Фалише, проект кој изнесува 40 милиони евра, средства обезбедени од меѓународни институции, како и многу други инфраструктурни проекти, истакна Биљал Касами.ас/бт/

Фото: МИА 

Остани поврзан