• понеделник, 23 декември 2024

Наѓ: Унгарија се стреми да биде логистички центар за трговија меѓу Кина и Европа

Наѓ: Унгарија се стреми да биде логистички центар за трговија меѓу Кина и Европа

Будимпешта, 9 мај 2024 (МИА) - Кина минатата година беше најважниот трговски партнер на Унгарија надвор од Европа, објави унгарскиот весник „Хирадо“ по повод посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Будимпешта.

Според унгарската влада, фактот што КАТЛ (CATL) тука ја основа својата втора европска фабрика за батерии, а БИД (BID), најголемиот светски производител на електрични автомобили, исто така ја избра Унгарија како локација на својата прва европска фабрика, е показател за довербата на кинеските компании во Унгарија. Изградбата на кинеската фабрика БИД во Сегед е во тек.

-Во Унгарија во моментов успешно работат 380 кинески компании, наведува весникот. Една од нив е фабрика во Будимпешта која произведува додатоци во исхраната.

Според министерот за национална економија, Мартон Наѓ, Унгарија има потреба од добри односи со Кина за да ја зголеми конкурентноста.

-Кина игра сè поважна улога во светската економија. Унгарската влада има за цел да ја направи нашата земја комерцијален и логистички центар за трговија меѓу Кина и Европа. Тоа треба да биде место за средба на источниот и западниот свет, како и на капиталот и високата технологија, рече Наѓ.

Тој изјави дека еден од најважните чекори во ова е реконструкција на железничката линија Будимпешта-Белград.

-Оваа рута ќе обезбеди најбрз транспорт до Западна Европа за стоките што пристигнуваат од Кина до грчките пристаништа преку Унгарија, истакна Наѓ.

Си отпатува за Унгарија по посетата на Србија на 7 и 8 мај, како дел од европската турнеја каде ја посети и Франција. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан