• вторник, 30 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

17 април 2024

Скопје - Претставници на политичките партии и коалиции, денеска, во Кристалната сала на законодавниот дом го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори за единаесетите парламентарни избори што ќе се одржат на 8 мај.

Претседателот на Државната изборната комисија, Александар Даштевски, истакна дека овој чин претставува израз на волја да се зачува интегритетот на демократскиот процес.

-Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите, истакна претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Скопје -  Училиштата во кои ќе се одржи гласањето за претседателските избори ќе работат во вторник, ден пред изборите. Ќе бидат заклучени само оние простории каде ќе сместен избирачкиот материјал. 

- Тоа е веќе договорено и мислам дека е ставено на веб страницата. Тие училишта ќе работат меѓутоа просториите во кои ќе биде избирачкиот материјал, ќе бидат заклучени и ќе ги обезбедува Министерството за внатрешни работи, изјави денеска претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски парламентарни избори.

Првиот круг на претседателските избори ќе се одржи следната среда на 24 април.

Скопје -  АД Електрани на Северна Македонија информира дека за утре се создадени услови за испорака на топлинска енергија.

- Ги информираме потрошувачите приклучени на системот за централно греење со кој управуваат компаниите формирани од АД ЕСМ, како и подружницата Енергетика, дека за 18.4.2023 година се создадени услови за испорака на топлинска енергија. Оваа информација е согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, а врз основа на прогнозираната средна дневна температура на воздухот во Скопје од 11˚С за 18.4.2023 година од Управата за Хидрометеролошки работи, се вели во соопштението од АД ЕСМ.

Снабдувањето со топлинска енергија, согласно регулативата, по правило се врши до 15 април, но грејната сезона може да биде продолжена, до 30-ти април, во зависност од временските услови.

Скопје– Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) апелира менаџментот на ЈП „Национални шуми“ и Владата да не поигруваат со судбината на 1.800-те вработени во јавното претпријатие и да им обезбедат плата во спротивно најавува радикализирање на протестот и негово префрлање пред Владата.

-Денес 30 подружници од цела Република се собраа пред ЈП „Национални шуми“ да го изразат своето раководство бидејќи втор месец немаат плата. Не се проблем само платите, туку и теренскиот додаток што не е исплатен, а се тераат луѓето да одат на работа. Во меѓувреме во претпријатието има штрајк, луѓето се на своите работни места и не ги извршуваат задачите, бидејќи се гневни на менаџментот, директорот и нивните раководители, како и на сите претставници од власта зашто сите земаат за 80 отсто зголемени плати, а тие втор месец не земаат. Веќе третиот месец тече и доколку денеска има една исплатена плата повторно ќе немаат здравствен осигурување, изјави претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) Иван Пешевски на денешниот протест пред дирекцијата на ЈП „Национални шуми“ и додаде дека целиот проблем е во претставниците на власта и на менаџментот.

Скопје - СВР Скопје поднесе кривична пријава за Курто Дудуш, градоначалник на општина Шуто Оризари. Тој се товари дека за директори во детска градинка во општината именувал лица кои не биле вработени во таа установа. 

- СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против К.Д.(49), градоначалник на скопска општина, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата" по член 353 од Кривичниот законик, соопшти МВР.

Скопје - Коалицијата Вреди (Влен) денеска на прес-конференција потсети на 2016 година, на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и на случајот наречен „Пациент“. Според нив, во овој случај како прв и единствен обвинет Албанец се издвојувал токму портпаролот на ДУИ, а сега кандидат за претседател Бујар Османи. 

- Во истрагата постоеше засновано сомнение за злоупотреба на службената положба на министерот за здравство, како и овластувањата на службените и одговорните лица во тендерските постапки за градежни работи, при што постоеле сомнежи дека бугарската компанија ГБС Благоевград беше фаворизирана иако имаше неколку поповолни понуди од други компании, во повеќе здравствени установи во земјава, меѓу кои и гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во Чаир. Вредноста на тендерот изнесуваше над 2 милиони евра, се вели во соопштението.

Прес-конференцијата се одржа пред Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Maјка Тереза“ во Скопје со цел, како што велат, да пренесеме порака дека ние не забораваме.

Скопје - Кандидатот за претседател на државата Бујар Османи смета дека коалицијата „Вреди“ нема теми и креативност во изборната кампања и затоа „зборуваат за стари и отворени прашања“.

Во одговор на новинарско прашање тој реагираше на изјавата на претставник од коалицијата „Вреди“ кој  праша дали Албанците заслужуваат кандидат за претседател за кого Специјалното јавно обвинителство во 2016 година отворило предмет „Пациент“.

-Тоа е истрага почната од обвинител кој денеска е во затвор и е на црната листа на САД. Самото Обвинителство го има затворено веднаш тој предмет и немало ни обвинение затоа што е проценето дека изградбата на болницата во Тетово била согласно законите и дека не само што не е направена штета туку, напротив, е заштитен интересот на државата. Така што немало ниту обвинение туку обид за политичка дискредитација од човек што денеска е на американска црна листа, што очигледно зборува дека имало руско замешателство во тој обид за дискредитирање. Апсолутно нема врска ова прашање. Тие веќе изгубиле идеи и креативност во оваа кампања исплашени од големиот пораз, изјави Османи.

Скопје - Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека е изненаден од реакциите по објавата дека Република Северна Македонија е меѓу 17 држави кои ја коспонзорираа Резолуцијата на Обединетите нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година.

Пред сѐ, рече, е изненаден од луѓе кои сметаат дека тоа влијае на односите со Србија, нагласувајќи дека е „универзална човекова должност да се осуди која било форма на геноцид, независно кои се сторителите“.

Скопје - Заштита на слободата на изразување, безбедност на новинарите и менување на менталитетот на функционерите кои поднесуваат тужби против новинари се дел од препораките од тематската дискусија „Поддршка за новинарскиот интегритет: Заштита на новинар(к)ите и медиумските актери во Северна Македонија “.

Една од главните точки на дискусијата се стратешките тужби против учество на јавноста, кои функционерите најчесто ги користат да вршат притисок врз новинарите. Според учесниците, подобрувањето на националната легислатива треба да даде мерки против овие тужби.

Во изјава за медиуми пред дискусијата, Алина Татаренко, раководителка на Оддел за соработка и градење капацитети на тема слобода на изразување при Советот на Европа, ја нагласи важноста на слободата на израз и на безбедноста на новинарите, бидејќи, како што рече, тие се еден од најважните принципи за демократија.

Скопје - Во Националната опера и балет во петок, 19 април, ќе се одржи Велигденски концерт на ансамблот „Танец“.

Како што најавија оттаму, на програмата ќе бидат повеќе дела меѓу кои „Ѓурѓовденка“, во кореографија на Дојчин Матевски која всушност е сплет од игри и песни од Скопска Блатија и Скопска Црна Гора, поврзани со истоимениот пролетен празник. Музичка обработка е на Ѓорѓи Димчевски.

На програмата е и „Мечкари“, што е фрагмент од кореографската постановка „Прилепски игри“, инспирирана од традицијата за верскиот празник Прочка. Кореографијата е на Стојче Каранфилов, а музичката обработка на Милан Завков.

Брисел - При проширувањето на ЕУ, фокусот не треба да биде насочен само кон самиот процес, туку и на негово внимателно спроведување и поконкретно на „методите и времето“ на приемот на нови членки, се наведува во Извештајот за иднината на единствениот европски пазар што утре пред лидерите на Унијата ќе го презентира претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета. 

Во документот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се посочува дека идејата за „постепена интеграција“ на идните членки би можел да биде вистинскиот пат во процесот на проширување на ЕУ. 

- Новата стратегија мора да даде приоритет на областите каде што може да се постигне подготвеност во раните фази, дозволувајќи им на земјите кандидатки да ги искористат придобивките од конкретните елементи на единствениот пазар многу пред целосното пристапување, многу повеќе од она што сега го нудат договорите за асоцијација, се наведува во документот. 

Брисел - Мнозинството Европејци сметаат дека гласањето на изборите за Европскиот парламент е уште поважно во актуелната геополитичка ситуација, а се повеќе луѓе приоритет даваат на одбраната и безбедноста на ЕУ, покажуваат резултатите од новиот Евробарометар.

Последното истражување на Евробарометар во пресрет на европските избори, кои ќе се одржат од 6 до 9 јуни, покажува дека интересот за изборите, свеста за тоа кога ќе се одржат и веројатноста за гласање се зголемени од претходното истражување во есента 2023 година. Растот е уште повпечатлив во споредба со истражувањето од пролетта 2019 година, три месеци пред претходните европски избори, соопшти Европскиот парламент.

Приштина – Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека ги известило амбасадите на земјите од групата КВИНТ (САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција) и институциите на Европската унија и други, за блокирањето на стотици Косовците на граничните премини на Србија со други земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што се наведува во соопштението на МНР, граѓаните биле запрени освен на преминот со Хрватска, исто така и на српско-унгарските гранични премини, па и во Бела Земја на косовско-српската граница.

Приштина – Известувачката за Косово во Европскиот парламент, европратеничката Виола фон Крамон, ја повика Србија веднаш да ги ослободи граѓаните на Косово од граничните премини на Србија, објавија медиумите во Приштина.

Фон Крамон преку платформата „Х“ му порача на Белград „да престане да се срами себеси“ и да обезбеди слободно движење на луѓето.

- Србија да престане да се срами себеси и веднаш да ги ослободи носителите на косовски пасоши и лични карти да ја преминат српско-хрватската граница во Батровц. Слободата на движење мора да биде обезбедена за сите, без дискриминација по национална основа, напиша Фон Крамон.

Тирана – Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани во Хаг го посетил поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, кому му се суди за воен злосторства, при што му ветил дека ќе сторат се за отворен и транспарентен судски процес.

„Албанската дипломатија, како и досега, ќе инсистира на спроведување на стандардите за отворен и транспарентен судски процес, со целосно почитување на човековите права согласно меѓународните конвенции. Албанскиот народ не ги заборава напорите или жртвите на своите синови, како вчера во војна и денес во мир“, напиша Хасани на социјалните мрежи.

Атина – „Не бркаат на улица, излегуваме на улица“; „Нивниот профит или нашите животи“,  „Достоинствен живот за сите“, беа дел од слоганите  на денешниот мирен протест во центарот на Атина во рамките на генералниот штрајк на Синдикатот на вработените во приватниот сектор во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На протестот учествуваа низа федерации и здруженија кои побараа зголемување на платите, но и враќање на колективните договори.

Дел од демонстрантите за МИА велат дека повеќе не можат да ја издржат актуелната ситуација, со драстичните поскапувања на цените на основните продукти, но и со месечните примања, кои не им се доволни.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка откако најмалку 13 лица беа убиени во новиот руски ракетен напад утринава врз северниот град Чернигов.

„Тоа немаше да се случи доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и имаше доволна решеност на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на Телеграм.

Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко во изјава за Телеграм кажа дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени, а спасувачките операции се во тек.

Во нападот беа оштетени четири високи згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.

Техеран -  Иран денеска соопшти дека неговата војска е подготвена да се спротивстави на секој напад на Израел, а високи претставници на воздухопловните сили изјавија дека се подготвени за акција, пренесуваат британските меидуми.

Иран изминатиот викенд го изврши својот прв директен напад врз Израел како одговор на наводниот израелски напад врз зградата на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април. Од своја страна, Израел соопшти дека ќе возврати, а неговиот воен кабинет разговараше за сите опции за контрамерки.

-Секој напад на ционистичкиот режим (Израел) на наша територија ќе биде проследен со остар одговор, изјави денеска иранскиот претседател Ебрахим Раиси на парадата организирана по повод Денот на армијата, пренесоа иранските државни медиуми.

Доха - Преговорите меѓу Израел и Хамас за обезбедување примирје во Газа и размена на заложници се во застој. Поминуваме низ чувствителна фаза со одреден застој и се обидуваме колку што е можно повеќе да го решиме тоа“,  изјави денеска катарскиот премиер шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани на прес-конференција со романскиот премиер Марсел Чолаку.

Катар, заедно со САД и Египет, е ангажиран во неколкунеделни разговори за да се обезбеди примирје во Газа и ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници кои се чуваат во израелските затвори.

Кабул - Талибанците забранија две телевизиски станици во Авганистан затоа што не се придржувале до националните и исламските вредности.

Официјален претставник на Комисијата за прекршоци во медиумите при Министерството за информации, Хафизулах Баракзаи, кажа дека судот ќе ја испита работата на двете станици со седиште во Кабул - ТВ Нур и ТВ Бариа, и дека тие не можат да ја емитуваат програмата додека судот не ја донесе својата пресуда. 

-И покрај постојаните предупредувања и препораки, ТВ Нур и ТВ Бариа не ги следеа новинарските принципи, не ги земаа предвид националните и исламските вредности, рече Баракзаи.

Москва- Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, денеска го потврди повлекувањето на руската мировна мисија од азербејџанскиот регион Нагорно Карабах, пренесоа руските медиуми.

Азербејџанскиот регион Нагорно-Карабах, каде што живеат повеќето Ерменци, со години е спорна територија, а Азербејџан минатата година ненадејно ја освои оваа енклава.

На 1 јануари оваа година беше укината меѓународно непризнатата Република Нагорно-Карабах, по што илјадници Ерменци го напуштија овој регион.

Њујорк - Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп денеска ќе се сретне со полскиот претседател Анджеј Дуда на вечера во Њујорк. Контроверзниот состанок ќе се одржи во момент додека лидерите на ЕУ се подготвуваат за можноста за враќање на Трамп во Белата куќа и можните последици по НАТО и финансирањето на Украина, која се брани од руската инвазија.

Во соопштението за медиумите советничката на полскиот лидер Малгожата Папрочка изјави дека „денес нема поважен партнер на Полска во меѓународните односи од САД и токму во тој контекст треба да се набљудува овој состанок“.

Остани поврзан