• вторник, 21 мај 2024
МИА Радио флеш

29 април 2024

Скопје - Долгата изборна кампања за двојните избори полека влегува во финале, а претседателските кандидати, лидерите на партиите, како и кандидатите за пратеници, повикуваат на масовност на гласањето на 8 мај. 

Партиите продолжуваат со активности, средби со граѓани и прес-конференции, а од синоќешните митинзи уверуваа во победа на 8 мај.

Поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, според претседателот на партијата Христијан Мицкоски би била победа за Силјановска Давкова и промени предводени од нив, во коалиција со албанската опозиција Вреди, како што изјави вчера. Во однос на коалицирањето и давањето гласови се огласи и Максим Димитриевски од ЗНАМ, кој кажа дека ќе почека став на партиските органи за тоа дали ќе побараат од членството да поддржи некој од кандидатите за претседател. Павле Трајанов, кој беше реизбран за претседател на Демократскиот сојуз на вчерашниот конгрес, даде поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска Давкова. 

Скопје – Со засадување дрвце пред зградата на МНР и посета на Меморијалниот центар во Пелинце членовите на Дипломатскиот клуб го одбележа 29 Април – Денот на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија и 55 годишнината од формирањето на македонската дипломатска служба.

-Садењето на дрво се смета за симбол на постојаноста на оваа служба и нејзиниот развој, а посетата на Пелинце е уште еден знак дека Република Македонија своите основи ги има во одлуките на заседанието на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински недалеку од Пелинце, стои во соопштението од Дипломатскиот клуб по повод вчера одржаните активности. Темелите на македонската дипломатија  се удрени пред 55 години, со одлуката на Извршниот совет на Република Македонија донесена на 29 април 1969 година за формирање на Бирото за односи со странство.

Скопје - Учениците од основните и средните училишта од денеска заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Скопје – Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска на седница треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното автомобилско осигурување од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО). 

Скопје - Во последното деноноќие се евидентирани осум пожар на отворен простор, а активни утрово нема. Горела ниска вегетација, депонии и ѓубришта, соопшти ЦУК.

По еден пожар на отворено имало во село Трубарево (ниска вегетација), зад терминалот на влезот во Струмица (ѓубриште) и кај пробиштипското село Неокази (трска). Во Општина Ѓорче Петров имало два, кај „Стопански двор“ (ниска вегетација) и кај „Обиколница Волково“ (ниска вегетација). Три пожари на творено имало во Општина Кочани - горела градската депонија, кај месноста „Монополски Бавчи“ (ѓубриште) и кај местото „Игралиште“ во Кочани (ѓубриште).

Брисел - Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година. 

Заседанието ќе започне вечерва со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската унија. 

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре. 

Белград - Претседателот на Република Српска Милорад Додик синоќа изјави дека ќе побара од Србија да разбере дека Република Српска мора да оди по патот на одвојување од Босна и Херцеговина, поради Резолуцијата за Сребреница.

Додик рече дека, без разлика што резолуцијата на Генералното собрание на ОН не е обврзувачка, таа ќе биде отфрлена бидејќи нејзината содржина бидејќи ја сметаат за политички мотивирана. Да се ​​биде политички мотивиран на овој начин не придонесува за стабилизација на односите во Босна и Херцеговина, особено за стабилизација и нормализирање на бошњачкиот и српскиот народ, изјави Додик за сараевската телевизија „Фејс“.

Софија - Бугарскиот претседател Румен Радев го искористи правото на вето на одредени одредби од Законот за поттикнување инвестиции, кои го загрозуваат уставно загарантираното право на бугарските граѓани на здрава животна средина, соопшти прес-секретарот на шефот на државата.

Радев без да ја оспорува потребата од забрзување на изградбата на објектите од стратешко значење, на нова расправа во Народното собрание ги враќа текстовите, чија имплементација би довело до намалување на степенот на одговорност на администрацијата за заштита на животот и здравјето на луѓето при реализација на проекти од големи размери.

Каиро - На преговорите во Каиро заедно со делегацијата на Хамас „за да се забрза процесот“ била поканета и израелска делегација, пренесува Тајмс оф Израел. 

Претходно вчера, висок функционер на Хамас потврди дека делегација на Хамас денеска ќе го посети Каиро за да преговара за прекин на огнот во Газа.

Тој, исто така, истакна дека немаат „поголеми проблеми“ со најновиот предлог на Израел и Египет за прекин на огнот во Газа. 

Ријад - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Ријад како дел од посетата на регионот.

Блинкен од денеска до среда ќе ги посети Саудиска Арабија, Јордан и Израел, соопшти Стејт департментот.

Како што е наведено, на средбите ќе се разговара за тековните напори за постигнување прекин на огнот во Газа што ќе обезбеди ослободување на заложниците.

Се додава дека ќе разговараат и за зголемување на хуманитарната помош испорачана во Газа.

Канбера - Австралискиот премиер Ентони Албанез го нарече семејното насилство „национална криза“, откако илјадници луѓе ширум земјата се собраа да протестираат против насилството врз жените.

Илјадници луѓе од цела Австралија вчера протестираа за да привлечат внимание на смртта на 27 жени во текот на оваа година во земјата со 27 милиони жители. Се верува дека секоја од нив починала како резултат на родово засновано насилство.

„Митинзите се повик за акција на сите нивоа на австралиската влада за да направи повеќе за да се спречи родовото насилство“, рече Албанез.

Остани поврзан