• вторник, 14 мај 2024
МИА Радио флеш

11 април 2024

 

- Светска банка денеска организира презентација на 25-то издание од серијата на извештаи за економската состојба во земјите од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија), насловен „Заживување на растот“. Извештајот ќе го претстават Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, Јоана Маџоска, економист и Мега Муким, виш урбан економист при Светска банка.

 

- Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан упати честитка по повод Рамазан Бајрам до поглаварот на ИВЗ Реис-ул Улема Хаџи Шаќир Ефенди Фетахи. - Од Своe, како и од името на архијереите, свештенослужителите, монаштвото и верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Ви го честитаме празникот Рамазан Бајрам, посакувајќи Ви Вам и на верниците од исламска вероисповед изобилни добрини од Господа. Периодот на воздржување и пост нека ни бидe од полза, а сите денови да ни поминуваат во мир и почитување, меѓусебно разбирање и соработка, како би можеле богоугодно и човекољубиво да ја оствариме целта зададена од Севишниот! Честит празник!, се наведува во честитката од поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.

 

- Приватни специјализанти најавија генерален штрајк од понеделник. Во денешното соопштение наведуваат дека и покрај одржаниот протест на приватни специјализанти на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сѐ уште не биле исполнети нивните барања. - На средбата со министерот за здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. После остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања, се посочува во соопштението.

 

 - Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 10 пожари на отворено во последното деноноќие, од коишто утрово еден е се уште активен. Активен е пожарот во Општина Дебар помеѓу селата Бомово и Коњаре, каде што горат „костењари“ и ниска вегетација. Регионалниот ЦУК (РЦУК) Охрид известува дека интервенирале со едно ПП возило и пет пожарникари. Пожарот е под контрола. Со гаснењето на пожарот ќе се продолжи во текот на денешниот ден. Изгаснати се три пожари во Скопскиот регион, два во Охрид и по еден во Ресен, кај с.Љубојна, кај штипското село Долни Балван, кај пехчевско Негрево и кај кумановското село Шупли Камен.

 

-  Водич за улогата на родителите во превенција и справување со насилство во училиштата ќе биде промоворан денеска во Скопје, во организација на Првата детска амбасада во светот Меѓаши во Скопје. На прес-конференцијата што по тој повод ја најавува Меѓаши на темата „Поставување на заеднички принципи, вредности и заеднички пристап во развојот на превенцијата од појава на насилство во училиштата“ ќе говорат Драги Змијанац, претседател и основач на Прва детска амбасада во светот Меѓаши, Моника Илиоска - Кантарџиоска,  раководителка на програми во Коалиција за младински организации - СЕГА и Софија Георгиевска - авторка на Водичот.

 

 - Во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) вечер ќе биде отворена изложбата „Три генерации Ташковски“. Поздравен говор на отворањето ќе има претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, а изложбата ќе ја отвори академик  Газанфер Бајрам.  Отворањето на изложбата е со почеток во 19 часот. 

 

 - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел телефонски разговараше со шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, за напорите на ЕУ да ја забрза воената поддршка на Украина. „Повторно разговарав со министерот за надворешни работи, Дмитро Кулеба, за напорите на ЕУ да ја забрза воената поддршка на Украина, особено кога станува збор за системите за противвоздушна одбрана и муницијата. Им се обраќам на земјите-членки на ЕУ да ги поканат да ја идентификуваат достапната опрема што и е потребна на Украина“, напиша Борел на платформата Х.

 

– Американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида вчера во Вашингтон најавија зајакнување на воената соработка меѓу двете земји и развој на нов систем за противракетна одбрана. - Ова е најзначајната надградба на нашиот сојуз откако е формиран, рече Бајден на прес-конференција во Белата куќа по двочасовниот разговор со Кишида на теми како што се тензиите во Индо-пацифичкиот регион и војните во Украина и Појасот Газа. Кишида рече дека со американскиот претседател разговарал и за тензичните односи меѓу Тајван и Кина и оти изразиле подготвеност да го зачуваат меѓународниот поредок заснован на владеење на правото.

 

 - По поканата упатена што украинскиот претседател Володомир Зеленски му ја упати на Доналд Трамп, републиканскиот претседателски кандидат смета дека сега кога не е на функција, не би било соодветно да ја посети Украина.  Во интервју за медиумската куќа „Аксел Спрингер“, Зеленски во вторникот го покани Трамп да ја посети Украина, наведувајќи дека тоа ќе биде можност да се слушнат идеите на поранешниот американски претседател за можниот начин да се стави крај на војната со Русија, пренесуваат британските медиуми.  Кампањата на Трамп денеска потврди дека немало формален контакт меѓу Зеленски и поранешниот американски претседател. 

 

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе направи се што може за да ги интензивира нападите врз Украина оваа година и да се обиде да ја скрши земјата. - Наместо тоа, Украина ја зголемува својата способност да го уништи окупаторот, рече Зеленски во редовното вечерно видео обраќање до сонародниците, пренесен од украинските медиуми. Во обраќањето тој потсети дека во вчерашниот напад на руските сили врз регионот Харков со наведувани бомби загинаа три лица, меѓу кои и едно дете.

 

- Четири лица, меѓу кои и десетгодишно девојче, се убиени во синоќешниот руски ракетен напад врз регионот Одеса, додека седум лица се повредени, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер. Кипер, преку каналот Телеграм, соопшти дека едно повредено лице е во тешка состојба откако му ги ампутирале нозете. Екипите за итна помош се излезени на терен, а „лекарите прават се што можат“, додаде тој. Проектилите, за кои се верува дека се балистички ракети „Искандер-М“, погодиле цели во регионот меѓу 18 и 18,30 часот, а исто така ја оштетиле сообраќајната инфраструктура, вклучително и камионите во близина.

 

- Три лица, меѓу кои две деца, загинаа во напад со украинско беспилотно летало врз западниот руски регион Курск, напиша регионалниот гувернер Роман Старовојт на својот канал Телеграм, цитиран од ДПА. Гувернерот појасни дека дронот фрлил експлозивна направа врз автомобил со цивили во селото Апанасовка, на неколку километри од украинската граница. Старовојт подоцна соопшти за нови напади со беспилотни летала.  Воздушна тревога е прогласена и во соседната област Вороњеж.

 

- Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во телефонски разговор со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека САД ќе застанат крај Израел против какви било закани од Иран и неговите подржувачи и повтори дека Вашингтон ја поддржува безбедноста на Израел, соопшти Стејт департментот.  Во соопштението се наведува дека Блинкен и Галант разговарале и за тековните напори да се обезбеди ослободување на сите заложници кои ги држел Хамас според вонредниот договор за прекин на огнот во Појасот Газа.

 

- Либералните опозициски партии во Јужна Кореја извојуваа убедлива победа на вчерашните парламентарни избори, нанесувајќи му удар на претседателот Јун Сук Јеол и неговата конзервативна партија, иако не добија двотретинско мнозинство во парламентот. Според првичните резултати на Националната изборна комисија, Демократската партија освои 170 од 300 мандати во новото свикување на парламентот. Исто така, се очекува Либералната партија, која важи за сојузник на Демократската партија, да освои најмалку 10 мандати.

 

– Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за време на неговиот престој на воениот универзитет именуван по неговиот татко изјави дека поради нестабилната геополитичка ситуација околу земјата, време е таа да биде подготвена за војна повеќе од кога било досега, јави државната новинска агенција КЦНА. Во последните неколку години, под Ким Џонг-ун, Северна Кореја го подигна нивото на вооруженост и воспостави блиски воени и политички врски со Русија. Наводно и помага на најголемата земја во светот во војната против Украина, а за возврат добива помош од Русија во стратешки воени проекти. 

Остани поврзан