• недела, 06 октомври 2024
МИА Општински пул

13 мај 2024

Валандово  - Триесет и седмото издание на Фолк фест „Валандово“ ќе се одржи на 26 овој месец на Фестивалската сала „Јанко Узунов“, а ќе бидат исполнети 20 новосоздадени македонски песни.

Ова беше соопштено на денешната прес-конференција што се одржа во Валандово, на која беа споделени информациите за Фестивалот и до каде се подготовките за ова издание.

Според градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, подготовките течеле во најдобар ред.

Велес - Во Велес ќе продолжи изградбата на кејот на река Вардар помеѓу Мало Мовче и Стар Мост, со што градот ќе добие уште едно атрактивно место за одмор и рекреација информира на денешната прес конференција градоначалникот Марко Колев.

Воедно најави дека Општината во наредниот период има планови за продолжување на изградбата на кејот од Стар мост до ресторан ,,Пармакот“ или од Нов мост до игралиштето во населба Дворови.

Штип - Почна изградбата на првиот турбо кружен тек на крстосницата кај паркот Кртеќе во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека изградбата на турбо кружниот тек, но и двонасочен сообраќај од зградата на Основниот суд во Штип до овој кружен тек значително ќе го намали сообраќајниот хаос во овој дел на градот.

-Овде во наредниот период ќе се работи на турбо кружен тек, за којшто верувам дека ќе ја подобри состојбата во сообраќајот, ќе ја подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот, како и протокот на возила до Клиничката болница во Штип, вели Јорданов.

Штип –Треба да се почитува волјата на народот и да се земе принципот на самоопределување на народите затоа што тој принцип е темелник на меѓународниот поредок, истакна денеска универзитеската професорка по меѓународно право на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип Ана Никодиновска-Крстевска, одговарајќи на прашањето како ги коментира реакциите на дел од амбасадорите во земјава откако претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова во заклетвата избегна да ја каже придавката северна.

-Според договорот од Преспа, иако треба да се навратиме назад на она што значи договорот од Преспа и кои се нашите меѓународно преземени обврски, меѓутоа верувам дека секојпат треба да се земе волјата и интенциите и се разбира не само тоа, треба да се земе предвид и принципот на самоопределување на еден  народ. Така што не можам да дадам конкретни забелешки затоа што не сум во дипломатскиот кор и не е моја задача да ги коментирам. Меѓутоа секојпат треба да се почитува волјата на народот и да се земе предвид принципот на самоопределување на народите затоа што тој принцип е темелник на меѓународниот поредок, вели Никодиновска-Крстевска, која е дел од денешниот настан „Симулација на Европски парламентарни избори“ во Штип.

Тетово - Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово во соработка со Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје, вчера во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово ја промовираше книгата „Записи од Македонија“ на авторот Милутин Станчиќ. На промоцијата говореа Горан Максимовиќ и Мирјана Бојаниќ – Ќирковиќ, двајцата професори на Универзитетот во Ниш.

-Книгата на Милутин Станчиќ претставува збирка на патеписи и репортажи, кои авторот ги бележел низа години наназад, посетувајќи места, личности, домови, спомен-обележја и сл. поврзани со животот на припадниците на српската заедница која живеела и сé уште живее на овие простори. Милутин Станчиќ е професор по македонска и јужнословенска литература и српски јазик, а дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Книжевноста е негова преокупација уште од студентските денови, па во Центарот „Спона“ се појавува како творец и модератор на многу литературни работилници, на кои се разговарало за познати српски писатели, како и за делата на македонските автори преведени на српски јазик, а организатор е и на бројни трибини, поетски средби, изложби, детски работилници и слично, информираше Соња Андонов, претседателка на Здружението.

Струга - Стружанката Симона Чавкоска ученичка во гимназијара „Д-р Ибрахим Темо“ и Елена Јорданова од СОУ „Свети Кирил и Методиј“ од Неготино ќе ја претставуваат Македонија на Светскиот натпревар - Филозофска олимпијада, што од 16 до 19 мај ќе се одржи во Хелсинки, Финска. 

Чавковска и Јорданова сe победнички на македонскиот натпревар за Филозофска олимпијада (International Philosophy Olimpiad, IPO) што се одржа во Скопје.

За матурантката Чавковска, филозофијата како наука, е синоним за слобода на изразување и проникнување на индивидуалноста во светот на мисли и идеи. На натпреварот во Скопје, избрала да се натпреварува на тема од областа на естетиката. 

Штип - Студентите на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) - Штип денеска имаа можност да бидат дел од симулација на Европски парламентарни избори.

Универзитетската професорка по меѓународно право Ана Никодиновска-Крстевска истакна дека оваа Програма  ќе продолжи со серија на предавања и презентации преку кои ќе бидат истражени различните аспекти на Европските парламентарни избори, со особен фокус на значењето и улогата на Европскиот парламент.

Скопје - Општина Илинден континуирано работи на подобрување на патната инфраструктура на нејзина територија. Во рамки на Проектот за подобрување на патната инфраструктура-изградба, реконструкција, рехабилитација и санација на локалните улици и патишта се изврши асфалтирање на улица „36“ во локалната економска зона „Карагач“ во населба Илинден, информираат денеска од Општината.

Како што истакнал градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, извршена е целосна реконструкција на улицата во должина од 680 метри и широчина од 6 метри коловоз. Оваа улица, нагласуваат од Општина Илинден, е од големо значење бидејќи претставува главна сообраќајница за локалната економска зона „Карагач“ како и ги поврзува населените места Ајватовци, Бунарџик, Бучинци, Мршевци, Бујковци и останатите населени меска со населба Илинден.

Скопје - Со поставување на фасадата привршуваат градежните работи на доградбата на  ООУ „Коле Неделковски“. Доградбата на училиштето опфаќа 6 училници, од кои 4 ќе бидат за настава, 2 кабинета, една библиотека и една просторија за администрација. Во доградениот дел исто така поставена е и рампа за лица со попреченост, а во тек е и поставување на лифт за лица со инвалидитет како и тоалет за нивните потреби во приземниот дел. Градежните зафати на фасадата треба да завршат за дваесетина дена со што дополнителниот дел ќе се вклопи во целосниот лик на училиштето, информираат од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски бил на увид на објектот кој треба да биде готов до почетокот на учебната година во септември.

Куманово - Одлични резултати остварија атлетичарите од атлетскиот клуб „Куманово“ на државното првенство во атлетика за атлетичари под 16 години, соопштија денеска надлежните од клубот. Атлетичарите од Куманово настапија во машка и женска конкуренција и освоија вкупно 14 медали, од кои седум златни, пет сребрени и два бронзени.

Првенството, како што информираа од АК „Куманово“, се одржа вчера на градскиот стадион  во Скопје.

- Задоволни сме од резултатот, но секогаш може и подобро. Очекуваме уште повеќе натпревари и подобри резултати на државното превенство во атлетика кое ќе се одржи на 25 мај годинава во Скопје, изјави тренерот Филип Колевски.

Скопје - Без струја утре од 08:30 до 15 часот ќе бидат корисници од село Долно Лисиче (објекти на патот кон Драчево и ул.„10“), најави Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Скопје. 

Прекинот е поради планирани технички интервенции во електродистрибутивната мрежа. 

 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан