• вторник, 15 октомври 2024
МИА Радио флеш

14 октомври 2024 

Скопје - Безбедна е водата од гостиварскиот водовод, а и присуството на манган е во граница на дозволените вредности, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Според АХВ, ова го покажале резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри вода од гостиварскиот водоводен систем што ги изврши Институтот за јавно здравје - Скопје во рамки на вонредниот инспекциски надзор на 05.10.2024 година. Анализирани биле примероци од три мерни места во Гостивар. Резултатите покажале дека водата за пиење физичко - хемиски и бактериолошки одговара на дефинираните критериуми за безбедност и квалитет.

Скопје - Јавното претпријатие за државни патишта информира дека го прекинала временото задолжение на координаторот за контрола Миланчо Митревски и ќе ги преиспита изнесените наводи во јавноста дека ја злоупотребил службената положба.

-Јавното претпријатие за државни патишта известува дека лицето Миланчо Митревски на 28 јули 2024 година е назначен со времено задолжение од три месеци за координатор за контрола во Одделението за наплата на патарини и контрола. Јавното претпријатие за државни патишта ќе го прекине временото задолжение за координатор за контрола и ќе ги преиспита изнесените наводи во јавноста, затоа што Законот треба да важи за сите независно на која позиција или функција се, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Скопје - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) информира дека се исплатени 216.712.603,00 денари на 4 430 млекопроизводители. Висината на директните плаќања е пет денари за литар кравјо и шест денари за литар овчо и козјо млеко.

Според МЗШВ, исплатата е извршена на земјоделските стопанства - производители на кравјо, овчо и козјо млеко регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози кои произведеното млеко го имаат предадено на регистрирани откупувачи на сурово млеко во август, септември, октомври, ноември и декември 2023 година.

Скопје - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити остварил прва средба со претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) и шеф на Канцеларија во Скопје, Аким Али.

На средбата, како што соопштија денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање, Меџити и Али изразиле подготвеност за зајакнување на меѓусебната соработка, особено од причина што состојбите во животната средина директно се одразуваат на здравјето на граѓаните.

Скопје - Ако му кажеме на народот дека имаме 11 помошници директори, тоа за него ќе биде баук, ќе вика: „чекајте бе луѓе, 11 помошници директори“. Но, тоа се луѓе кои работат, кои држат сектори - за контрола и истраги, за финансии, за админисративно-технички работи, за информатичко усогласување на процедурите,... Секоја позиција кај нас е многу добро систематизирана со обврски и задачи. Ако погледнете, сосема ќе се согласите и веќе нема да поставувате вакви прашања, рече денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски во врска со именувањето уште еден дополнителен заменик директор. 

Одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на сработеното во првите 100 дена, Николовски рече дека „Отворен Балкан“ функционира, но со потешкотии. Иако фактички поплаки нема, транспортерите и стопанствениците се во право дека системот мора да се подобри, напомена Николовски и најави средби со претставници од сите земји на „Отворен Балкан“ за да се направат технички манипулации кои би ги убрзале постапките.

Скопје - Бензините од полноќ поскапуваат за 2,5 денари, а цената на дизел-горивата се зголемува за два денара, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Литар БС-95 ќе изнесува 78 денари, БС-98 ќе чини 80 денари за литар, а дизелот ќе биде 70,5 денари.

Според РКЕ, екстра лесното масло за домаќинство поскапува за два денара и литар ќе чини 70,5 денари. Се зголемува и цената на мазутот за 0,473 денари па килограм ќе чини 44,507 денари.

Гостивар - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека решението со големиот број на бездомни кучиња го гледа во регионален стационар.

На новинарско прашање на настан во Гостивар, му беше посочено дека тоа било негово предизборно ветување на последните локални избори.

- Во времето кога бев градоначалник, се направија две прифатилишта за кучињата скитници. За жал, двете беа демолирани од несовесни луѓе и денес се во мизерна состојба. Единствено решение е прифатилиште за кучиња за целиот Полошки регион. Ова сме го кажале одамна, бидејќи вака кучињата само се носат од едно на друго место, рече Таравари.

Скопје - Институтот за македонски јазик ќе има посебно внимание од Владата и во фокусот ќе биде развитокот на јазикот  и чувањето на идентитетот. Оваа Влада се обврзува да го поправи она што сме го задоцниле и она што сме го подзаборавиле, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, додавајќи дека македонскиот јазик системски ќе се негува, заштитува, унапредува и афирмира.

Во обраќањето по повод годинашните Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се одржуваат од денеска до 18 октомври, министерката соопшти дека во план на Владата е реновирање на училиштето во Подвис каде првпат, во 1943 година, учениците слушнале дека ќе учат на македонски јазик и дека „ова училиште ќе биде паметник на славната историја на македонскиот народ и на македонскиот јазик кои се неразделно поврзани“.

Скопје - Од утре почнува грејната сезона, но во основните училишта во општина Карпош испораката на топлинска енергија ќе почне од 1 ноември. Ова, како што информираат од АД ЕСМ, е на барање на Општината.

Пред почетокот на грејната сезона во 117 објекти сè уште не се обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, од кои 25 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 23 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица, а 69 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот.

Скопје - Ако не оваа среда, тогаш кон крајот на месецот Предлог-буџетот за 2025 година ќе се најде на владина седница, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска.

Како што изјави Димитриеска Кочовска, контурите на буџетот се во рамки на фискалната стратегија, а приоритет за покачување на платите ќе имаат образованието и здравството.

-Законскиот рок е најдоцна до 15 ноември. Се подготвуваме за Владата во среда, но не можам ништо да ветам, бидејќи има ситници што треба да ги издоговориме уште еднаш со некој од министрите каде што требаше уште нешто да биде скратено, така што доколку не успееме за оваа среда, следната недела нема да бидам тука, значи ќе му дојде некаде на крајот од месецот, вторникот, да се најде буџетот на владина седница. Во однос на контурите, може да се отвори Фискалната стратегија, генерално се движиме во тој круг, тоа што беше предвидено и веќе е објавено и помина веќе на Влада, така што контурите на буџетот за 2025 се во рамки на тоа што е во официјалната стратегија, истакна министерката.

Скопје - Наставниците и професорите од овој месец ќе имаат повисока плата за пет проценти, додека до 2028 зголемувањето ќе биде минимум 46 проценти, соопшти на денешната прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

Владата, МОН и СОНК ќе потпишат и колективен договор за сукцесивното зголемување на платите, што ќе зависи од приходите во буџетот, но и за други прашања важни за образовниот кадар. После опсежните преговори со засегнатите, Владата ја донела одлуката за зголемување на платите и донела став за континуиран раст во наредните години, што ќе зависи од приходите во буџетот.

Скопје - Портпаролката на Владата Марија Митева денеска изјави дека до Владата досега не е пристигнато предлог решение за правична застапеност откако Уставниот суд го укина Балансерот.

Митева вели дека прашањето е отворено и дека ќе се разговара во рамки на коалицијата и ќе се отвори широка дебата. Ставот на Владата е пред да се донесе законското решение, да биде испратено до Венецијанската комисија. 

Бања Лука - Претседателот на Република Српска Милорад Додик оцени дека за десет години од Берлинскиот процес ниту една земја од Балканот не се приближила кон ЕУ. Тој оцени дека сè се сведува на разговори за прашања како што е дозволувањето влез во БиХ со лични карти од Косово

Додик истакна дека БиХ не ја признала еднострано прогласената косовска независност и дека односите со Косово треба да бидат официјални преку Србија.

Приштина - Косовскиот премиер, Албин Курти денеска на самитот на Берлинскиот процес изјави дека Косово, од 1 јануари 2025 година, еднострано ќе дозволи слободно движење само со лични карти за граѓаните на Босна и Херцеговина.

Курти, како што пренесуваат медиумите во Приштина, оценил дека Берлинскиот процес во овие десет години бележи „значаен напредок“, но според него „потребни се повеќе чекори“.

Белград - Србија продолжува по патот на фискалната стабилност, но ќе мораме да бидеме уште подисциплинирани и поодговорни од претходно, соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ на својот официјален профил на Инстаграм по средбата со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ во соопштението кажа дека преговорите биле „тешки“ но и дека е постигнат голем напредок.

-Ова го потврди шефот на мисијата Донал Мекгетиган. Тој ми честиташе за постигнувањето на инвестицискиот рејтинг на Србија и го истакна успешното завршување на четвртата и последна ревизија на сегашниот стенд-бај аранжман, како и договорот за новиот PCI аранжман од следната година, најави претседателот на Србија.

Будимпешта - Унгарија не го разгледува прашањето за влез на Украина во НАТО бидејќи тоа би значело директен судир на Северноатлантската алијанса со Русија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Според него, официјална Будимпешта од самиот почеток на конфликтот во Украина поставила црвени линии и се залага за избегнување на директен судир мешу НАТО и Русија.

Коломбо - Шри Ланка денеска ги затвори училиштата во главниот град Коломбо бидејќи обилните дождови предизвикаа поплави во многу делови од земјата.

Обилните врнежи за време на викендот предизвикаа хаос во многу делови од земјата, поплавувајќи ги домовите, полињата и патиштата. Три лица загинаа, додека околу 134.000 беа погодени од поплавите, соопшти државниот центар за управување со катастрофи.

Ерусалим - Израелскиот министер за енергетика Ели Коен денеска ги обвини мировните сили на Обединетите нации УНИФИЛ во јужен Либан дека се бескорисна сила која не успеала да ги заштити израелските граѓани од нападите на Хезболах и ги повика да се повлечат додека борбите се интензивираат.

-Државата Израел ќе направи се за да ја обезбеди безбедноста на своите граѓани, а ако ОН не можат да помогнат, барем да не се мешаат и да го преселат својот персонал од борбените зони, објави тој на „X“.

Брисел -  Поголемиот број од земјите членки на ЕУ презедоа акции против антисемитизмот, но од ланските напади на Хамас врз Израел состојбата за Евреите во Европа драматично се влоши, се оценува во првиот Извештај на Европската комисија за напредокот во имплементацијата на Стратегијата на ЕУ за борба против антисемитизмот и поттикнување на еврејскиот начин на живот за периодот 2021-2030 година објавен денеска.  

Според потпретседателот на ЕК за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас, по усвојувањето на Стратегијата во ноември 2021 година, Комисијата и земјите членки на ЕУ како никогаш порано воведоа конкретни мерки за справување со антисемитизмот, поттикнување на еврејскиот начин на живот и за сеќавање на Холокаустот.  

Газа - Министерството за здравство во Појасот Газа денеска соопшти дека започнала втората фаза на вакцинација против детска парализа на територијата зафатена од војна.

Како што е наведено, втората доза од вакцината ќе ја добијат децата до десет години во централниот дел на палестинската територија во следните три дена, пред да се прошири вакцинацијата на север и југ.

Газа - Шефот на агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), Филипе Лазарини, денеска изјави дека централна Газа поминала низ „ноќ на ужасот“ откако биле нападнати болницата Ал Акса и училиштето на УНРВА.

Како што јави Ал Џезира, Лазарини рекол дека „Газа е пекол без крај“. „Шатори се запалени по воздушниот напад на дворот на болницата Ал Акса каде луѓето бараа засолниште. Во меѓувреме, во истата област, беше погодено училиште на УНРВА, при што загинаа 20 луѓе“, рече Лазарини.

 

Остани поврзан