• вторник, 15 октомври 2024
МИА Радио флеш

15  октомври  2024

 

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржат две комисии - Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на двете собраниски комисии се две исти точки - Предлог на националната развојна стратегија 2024-2044 година во второ читање и Предлог на програмата за спроведување на Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2028 година. 

Скопје - Здружението на контролори на летање на  Македонија – ЗКЛМ од денеска до 17 октомври во Скопје  организира Европски регионален состанок IFATCA ERM SKOPJE 2024.

- Овој собир ветува непроценлива можност за здруженијата членки да споделат сознанија, најдобри практики и експертиза во динамичната област на контрола на воздушниот сообраќај. Целта е поттикнување врски и размена меѓу индустриските експерти и професионалци од целиот свет, соопшти ЗКЛМ.

Скопје - Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески учествува на Евроазискиот самит што денеска и утре се одржува во Истанбул на тема: „Колаборативен пристап за климатска акција“, во организација на Светската коморска федерација (World Chambers Federation – WCF) и Унијата на комори и стокови берзи на Турција (TOBB). 

Скопје - Во Европската куќа во Скопје, ќе се одржи прес-конференција во врска со прогресот на активностите во рамки на проектот на Министерството за образование и наука за реконструкција на државните студентски домови. 

Како што соопшти МОН, на прес-конференцијата ќе се обратат министерката за образование и наука Весна Јаневска, раководителот на Секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија Стефан Худолин, раководителот на Германската развојна банка за Југоисточна Европа (KFW) Клаус Милер.

Скопје - Преку превентивната кампања „Не биди соучесник – пријави обид за корупција“, Агенцијата за катастар на недвижности ќе работи на подигнување на свеста за спречување корупција во институцијата.

Скопје – Од денеска почнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје што ќе трае до 15 април 2025 година, со можност за продолжување уште 15 дена во зависност од надворешните температури.

Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) велат дека за време на грејната сезона снабдувачот е должен да обезбеди греење од 6:00 до 22:00 часот. Сепак, на почетокот на грејната сезона доколку има високи надворешни дневни температури,  испораката на топлинска енергија ќе се прекинува, а доколку температурите се спуштат под 15 степени Целзиусови испораката ќе продолжи. 

Струга - Со изложба на рачни изработки и работилница за накит денеска во Струга ќе биде одбележан Светскиот ден на занаетчиството - 15 Октомври, во организација на националното здружение „Пинкокрафтс“, а во соработка со Националната установа музеј „Др. Никола Незлобински“.

Сара Матоска од „Пинокрафтс“ за МИА информира дека седуммина изложувачи ќе ги претстават своите ракотворби и во живо ќе презентираат како ги изработуваат своите дела.

Скопје - Саем за пракса и вработување денеска и утре ќе се одржи на Машински факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на кој ќе учествуваат 20 компании.

За денеска напладне е најавено свеченото отворање на саемот на кое ќе говорат деканот на Машинскиот факултет, проф. д-р Златко Петрески, проф. д-р Јасмина Тониќ-Рибарска, раководител на Центарот за кариера на УКИМ,  и проф. д-р Радмил Поленаковиќ, раководител на Центарот за кариера на Машинскиот факултет од Скопје.

Скопје - Филмскиот фестивал „Киненова“ вечерва свечено се отвора со првиот македонски долгометражен анимиран филм.

-Оваа година повторно сите светла ќе ги впериме во македонската филмска продукција и недвосмислено ќе придонесеме кон афирмација и меѓународна промоција на македонскиот филм. Овогодинешното фестивалско издание на МФФ КИНЕНОВА 2024 ќе биде отворено со првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, на нашиот драг колега и посветен режисер, Гоце Цветановски, вели Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот.

Скопје - Во насока на зголемување на видливоста и препознавањето на клучната улога на жените од руралните средини во земјоделството и руралниот развој, Националната федерација на фармери по 17. пат организира настан за одбележување на Меѓународниот ден на руралната жена - 15 Октомври.

Скопје – Македонската престолнина Скопје од 6 до 11 декември ќе биде домаќин на Европскиот шампионат во брз и блиц шах, објави Европската шаховска федерација.

Европското првенство во брз шах ќе биде прво на распоредот и ќе се одржи на 7 и 8 декември. На 9 декември ќе се играат партиите од Европскиот блиц шаховски шампионат. Следнито ден (10 декември) на програмата е Европскиот Фишер шаховски шампионат.

Вкупниот награден фонд на првенството изнесува 47.000 евра.

Тирана - Албанија денеска го отвора првиот т.н кластер на преговори за пристапување во ЕУ. 

Во Луксембург ќе се одржи меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, на која ќе започне првата фаза од преговорите, откако земјата во овој процес беше одвоена од Република Северна Македонија на крајот на септември.

Албанија и Северна Македонија заеднички ги започнаа преговорите на 19 јули 2022 година во Брисел.  

Подгорица - Црногорскиот завод за статистика (Монстат) денеска ќе презентира дел од конечните резултати од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Црна Гора, што беше спроведен на крајот на минатата година по двегодишно доцнење.  

Како што соопшти Монстат, на прес-конференцијата ќе бидат презентирани резултатите од населението според пол и возраст, државјанство, национална или етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик што вообичаено се зборува.

Белград - Српскиот патријарх г. Порфириј, со сослужение на архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан вчера богослужеа на празникот Покров на Пресвета Богородица, со света литургија во чудотворниот манастир посветен на Богородица во Ѓунис кај Крушевац, каде пред две и пол години се водеа разговори и беше постигнат договор за воспоставување канонско и литургиско единство меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, јави дописникот на МИА од Белград.

Брисел - Европската комисија ќе предложи нов закон што ќе поддржи протерување илегални мигранти, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во писмо до членките на ЕУ.

„Комисијата ќе претстави нов нацрт-закон“ со „јасни обврски за соработка за вратените лица и желба за ефикасно рационализирање на процесот на враќање“, наведе фон дер Лајен како одговор на барањето на неколку земји-членки на ЕУ.

Брисел – Подготовките за одржување на октомвриската средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија и мерките за борба против антисемитизмот во Европа, ќе бидат главни теми на заседанието на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) што ќе се одржи денеска во Луксембург. 

Според најавите, министрите и државните секретари за европски прашања на земјите членки на ЕУ ќе треба да го усогласат текстот на Предлог-заклучоците за претстојниот Самит на Европската Унија, што треба да се одржи в четврток и петок во Брисел.  

Брисел - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се обрати на самитот на Европската унија на 17 и 18 октомври, каде се очекува да го претстави својот план за победа. Тоа го соопшти синоќа на прес-конференција по состанокот на Советот за надворешни работи, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

„Денеска го започнавме нашиот Совет со разговор со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига, кој не информираше за ситуацијата на бојното поле и коментираше за елементите од планот за победа што претседателот Зеленски ќе го претстави за време на следниот Европски совет“, рече Борел.

Брисел – Пред денешното заседание на Совет за општи работи на ЕУ (ГАК) во Луксембург, ќе се одржи Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, со што Тирана практично ќе ги започне преговорите за членство во Унијата по првиот Кластер „Основни вредности“.  

Овој Кластер опфаќа сет на поглавја поврзани со фундаменталните реформи, од чие спроведување ќе зависи целокупното темпо на преговарачкиот процес и почетокот на преговорите по другите кластери.   

Одржувањето на Меѓувладината конференција беше овозможено откако Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) минатата недела го усвои Заедничкиот став на Унијата за отворање на првиот Кластер од преговорите за членство на Албанија.   

Берлин - Шефот на германската надворешна разузнавачка служба БНД, Бруно Кал, ги предупреди членовите на германскиот Парламент во Берлин дека директна воена конфронтација со НАТО „стана опција“ за Москва и дека руската војска веројатно ќе биде во позиција да започне напад врз западната војска до крајот на оваа деценија.

На состанокот на шефовите на германските разузнавачки служби со пратениците во Бундестагот, Кал рече дека подготвеноста на Русија да користи хибридни и тајни мерки достигна „ниво што досега не е видено“, пренесува бриселскиот портал Политико.

Варшава - На денешниот состаок полската влада ќе разговара за времено укинување на правото на азил, како и стратегија за контрола на илегалната миграција, јави ДПА.

Во саботата, премиерот Доналд Туск објави дека планира барем привремено да го суспендира правото на азил.

Њујорк - Шефот на мировната мисија на Обединетите нации, Жан-Пјер Лакроа изјави дека мировниците на ОН ќе останат на сите позиции во Либан и покрај повиците од Израел да се поместат поради интензивирањето на борбите меѓу Израел и Хезболах и ранетите пет мировници.

„Одлуката е донесена УНИФИЛ засега да остане на сите свои позиции и покрај повиците на израелските одбранбени сили да ги напуштат позициите лоцирани во близина на Сината линија“, рече Лакроа.

Вашингтон - На три недели пред изборите во САД, републиканскиот претседателски канидат Доналд Трамп и неговиот демократски соперник, потпретседателката Камала Харис, разменија остри напади еден кон друг.
Во интервју за телевизијата Фокс њуз, Трамп повика на прогон на Американците од „радикалната левица“.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден „тивко“ го задолжи својот Совет за национална безбедност (НСЦ) да го предупреди Иран дека САД ќе го сметаат секој обид за атентат на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како чин на војна, се вели во извештај на Вашингтон пост.

Зад сцената, администрацијата на претседателот Бајден и потпретседателката Камала Харис, наводно, вршеле притисок врз Иран да ги прекине заговорите против Трамп и другите поранешни членови на неговата администрација во услови на зголемени безбедносни закани од Иран, објави весникот.

„Сметаме дека ова е прашање на националната и домашната безбедност од највисок приоритет и силно го осудуваме Иран за овие дрски закани“, се вели во соопштението на портпаролот на НСЦ, Шон Савет.

Тел Авив - Израелската армија (ИДФ) објави дека во изминатите 24 часа погодила „околу 230 терористички цели во Газа и Либан“.

Во соопштението се наведува дека повеќе од 200 цели на Хезболах, вклучително и ракетни фрлачи и противтенковски позиции, биле нападнати во Либан.

Десетици припадници на Хезболах се убиени во судири со израелските војници, тврди израелската армија. 

Киев - Едно лице загина, а најмалку 11 лица се повредени во руски воздушен напад врз украинскиот регион Николаев, изјави денеска шефот на регионалната воена администрација.

„Дел од ранетите се во тешка состојба“, напиша регионалниот гувернер Виталиј Ким на својот канал на Телеграм. 

Tajпеј - Тајван пресретнал рекорден број -  153 кинески авиони за еден ден во близина на островот, според податоците објавени денеска од тајванското Министерство за одбрана на крајот од денот на големи кинески воени вежби.

Тие летови се реализираа во период од 25 часа што заврши во 06:00 часот по локално време денеска (22:00 часот по Гринич вчера), соопшти Министерството, додавајќи дека 14 биле исто така откриени во истиот период кинески брод.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин поднесе до Државната Дума предлог-закон за ратификација на договорот за сеопфатно стратешко партнерство меѓу Русија и Северна Кореја.

Соодветниот предлог-закон беше објавен вчера во законодавната база на податоци на Државната дума, јавија руските медиуми.

Удине - Напаѓачот на Монца, Даниел Малдини, дебитираше за италијанската фудбалска репрезентација на синоќешниот натпревар од Лигата на нации против Израел (4:1).

Фудбалерот влезе како замена во 74. минута од натпреварот наместо Џакомо Распадори.

Остани поврзан