МИА Општински пул
- 14 октомври 2024
14 октомври 2024
Берово - Вкупно 16 ученици од угостителско – туристичката струка од гимназијата Ацо Русковски од Берово денес заминаа на двонеделна обука во Умбрија, Италија. Во периодот од 14-ти до 28 октомври, како што информираа од учичиштето, беровските гимназијалци ќе бидат дел од реализацијата на Еразмус+ проектот „Здрава исхрана за здрава тежина".
-Заради таа цел, претходно во просториите на училиштето се одржа родителска средба во врска со реализацијата на студиското патување во Сполето, Италија. Целта на состанокот беше родителите и учениците од угостителско – туристичката струка да се запознаат со целите на проектот, програмата која што ќе ја имаат за време на двонеделниот престој во Италија, како и нивните права и обврски за време на обуката, информираа од гимназијата „Ацо Русковски".
За реализација на оваа активност на гимназијата претходно и беше одобрен грант за користење на средства.
Скопје - Во текот на празничниот продолжен викенд, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје подигнаа и транспортираа приближно 70 кубни метри отпад од десетина диви депонии лоцирани во скопските општини Аеродром, Центар, Карпош и Чаир.
Како што соопшти „Комунална хигиена“ - Скопје, отстранети се автомобилски гуми, стар и неупотреблив мебел, градинарски отпад и градежен шут што биле непрописно одложени на јавни и сообраќајни површини на улиците „Февруарски поход“ во општината Аеродром, „Орце Николов“ и „Народен фронт“ во општината Центар, „Вуковарска“ во општината Чаир, улиците „Јуриј Гагарин“ и „Париска“, како и булеварот „Метрополит Теодосиј Гологанов“ во скопската општина Карпош.
Во текот на викендот беше извршено и целосно расчистување на теренот по сообраќајната незгода што се случи на аголот меѓу булеварите „Србија“ и „Трета македонска бригада“ во скопската општина Аеродром, се вели во соопштението.
Велес - Со голем огномет над градот синоќа во 1:30 по полноќ заврши програмата на годинашниот Фестивал на велешка пита пастрмајлија и македонски вина „Питијада 2024“, што го организира Општина Велес. Годинава учествуваа 17 ресторани од градот и винарии од регионот.
Од Општина Велес информираат дека фестивалот одлично поминал сите три дена, од 11 до 13 октомври, со најголема посетенст во саботата, кога имаше концерт Саша Ковачевиќ. Додаваат дека бил срушен досегашниот рекорд по посетеност на велешката „Питијада“.
Александра Андреева од Организациониот одбор потенцира дека бројките на посетеност, изедени пити и испиено вино допрва ќе се сумираат, по што ќе бидат објавени за медиумите.
-Се помина одлично и ние како организатори сме задоволни од реализираното. Имаше огромна посетеност на гости од целата држава, па и гости од странство. Сите посетители, како што ни изјавија на нашата Фејсбук страна и во директен разговор со нив, многу им се допаднала програмата која била за сите генерациии, а одлично ја оценија и понудата од угостителите и винариите, потенцира Андреева.
Скопје - Општина Ѓорче Петров повторно ги вклучува граѓаните во изготвување на буџетот. Како и минатите две години, жителите на оваа општина повторно ќе имаат можност да учествуваат во креирање на буџетската каса за 2025 година, информираат денеска од Општината.
Оттаму велат дека целта е сите заедно да ги испланираат и да ги реализираат приоритетите кои ќе ја направат општината подобро место за живеење.
Од Општина Ѓорче Петров истакнуваат дека во периодот што следува, граѓаните ќе имаат можност преку прашалник да го споделат своето мислење.
Куманово - Изложбата „Пресеци“ на македонските уметници, Стефан Анчевски и Марјан Стојановски, вечерва со почеток во 19 часот ќе биде отворена во македонскиот културно-информативниот центар во Загреб, информираа денеска уметниците.
Изложбата ги поврзува двајца уметници со разни автономни и своеобразни ликовни изрази, обединети преку линијата како главен двигател во композициската наративност.
Академскиот графичар Стефан Анчевски создава слободни отворени и шаховски композиции во кои е присутна хармонија по аналогија. Во одредени композиции преовладува спонтан пристап и употреба на бојата, каде доаѓа до израз нејзината вискозност и флуидност. Со разлевањето на бојата врз површината тој создава мрежи од испреплетени линии со разни големини кои се движат во спротивни насоки. Во шаховските композиции преовладува слободен ритам и спонтан редослед при распоредувањето на контрастните линии и форми (тенки и дебели, кратки и долги, светли и темни, мазни и рапави), притоа се создава динамичен дијалог и јасна синтеза. Неговата сликарска палета ја сочинуваат црната и белата боја, како и разни нијанси на сивата и кафеавата боја. Градација на боја е присутна во позадините на апстрактните и парадигматски композиции.
Скопје - Општина Гази Баба обезбеди бесплатни училишни униформи за сите ученици кои го следат образовниот процес во општинските основни училишта на нејзината територија. Со проектот се опфатени 6800 ученици кои добиваат сет на бесплатни училишни униформи, кој содржи две поло маици, една блуза со долг ракав и еден дуксер.
Овој проект првпат се имплементираше во општина Гази Баба минатата година и претставува реализирано ветување од изборната програма на актуелниот градоначалник Бобан Стефковски. За реализираниот проект, градоначалникот Стефковски истакна дека е од голема важност за општината и е посебно среќен бидејќи учениците се ослободени од предрасудите и на сите нив им останува единствено обврската да се посветат на совладување на материјалот кој им се предава од страна на наставниот кадар, стои во соопштението.
Гостивар - Мислењето на Венецијанската комисија за законот за правична застапеност е добредојдено, рече министерот за здравство Арбен Таравари одговарајќи на новинарско прашање со кое му беше предочено дека претходно го критикувал Законот за јазици, бидејќи бил испратен до Венецијанската комисија.
Се радувам што сте сфатиле дека има закон за правична застапеност бидејќи до пред три - четири дена се зборуваше дека нема таков закон, па дека премиерот не знае за тоа. Има готов закон кој треба да го синхронизираме и да го координираме. Нема ништо лошо ако се бара дополнително мислење. Сметам дека е неспорно овој закон да помине во Собрание што поскоро, и нема ништо лошо ако земаме второ мислење, рече Таравари.
Велес - По премиерата на фестивалот „Охридско лето“, во среда, 16 октомври, со почеток во 20 часот, премиера на матичната сцена на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе има претстaвата „Р А Ц И Н“, во режија на Дејан Пројковски. Драматург е Сашо Димоски, а сценограф Валентин Светозарев, кој го изработи и дизајнот на плакатот.
Костимите се на Раде Василев и Елена Вангеловска, композитор е Сашко Костов, а изведбата на музика во живо е Сашко Костов и Орхидеја Дукова. Кореографијата на сценски движења е на Васил Зафирчев.
Рацин го игра актерот Исидор Јовановски, а неговата сенка Васил Зафирчев. Музата на Рацин Рахилка Раца Фирфова ја игра актерката Талија Настова, а неговата втора љубов Невенка ја игра ,Славица Манаскова.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Сообраќајната полиција-Скопје од 7 октомври до 13 октомври 2024 година со помош на специјалните возила „пајак“ отстраниле 105 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
- ЈП ПОЦ и Општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар, се наведува во соопштението од ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Потсетуваат на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците.
Прилеп - Маратонците на 17-тиот ултрамаратон во чест на Тоше Проески пристигнаа во Нова Градишка, Хрватска и во попладневните часови ќе го почнат ултрамаратонот кој од Нова Градишка, преку Србија, во Македонија, на 16 октомври напладне треба да го завршат во Крушево, на 17-годишнината од трагичното загинување на нашата и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.
Маратонците вчера пристигнаа во Загреб, Хрватска. Беа пречекани од претставниците на македонското друштво, а во македонската православна црква во Загреб, ги пречека протојереј ставрофор, отец Кирко Велински и се одржа света литургија за помен на Тоше.
Куманово - Над 29.000 македонски државјани излегле од граничниот премин Табановце за време на празничниот викенд, соопштија денеска од МВР. Викендов во државата од северната граница влегле над 14.000 странски државјани.
Според податоците на Министерството на ГП Табановце на 11 октомври, во петокот излегле 20.952, македонски и 14.800 странски државјани. Во саботата фреквенцијата се намалила на излез на 5.946 македонски и на 5.724 странски државјани. Вчера пак излегле 2.528 македонски и 4.514 странски државјани.
Во истиот период, според податоците на МВР на 11 октомври во петокот влегле 3.874 македонски и 4.201 странски државјанин. Во саботата на 12 октомври пак влез оствариле 5.101 македонски и 5.097 странски државјани. Најмногу македонски граѓани влегле вчера над 13.000 (13.635) и 4.718, странски државјани.
Велес - Македонската актерка Јована Миладинова за улогата на Изабел де Валоа во претставата „Едвард Втори“ на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во режија на Андриј Жолдак доби награда за најдобра млада актерка „Рејхан Демиржиќ“ на Меѓународниот фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево, МЕСС.
Одлуката за наградата, во отсуство на Миладинова, жири-комисијата ја соопшти вчера на затворање на фестивалот. Оваа претстава на Велешкиот театар на МЕСС во Сараево на сцената беше одиграна со голем успех на 6 октомври. Одлуката ја донесе жирито во состав: Изудин Бајровиќ, актер, Горчин Стојановиќ, режисер и Ана Вукотиќ, режисерка.
Струмица - Од Струмица денескја МВР ја почна иницијативата „До Вас, за Вас“ во рамки на концептот „Полицијата-сервис на граѓаните“.
На влезот во Градскиот парк во Струмица полицијата претстави дел од својата опрема и возила кои се користат во извршувањето на секојдневни задачи.
Почетокот на иницијативата ја означи Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност, кој ги посети сите поставени штандови со опремата, а граѓаните непосредно ги запозна со задачите и целите на полицијата.
Тетово - Општина Тетово по повод месецот на подигање на свеста против ракот на дојката денеска органираше панел-дискусија. Во воведниот говор, градоначалникот Биљал Касами посочи дека оваа болест како предизвик, жените не треба да го надминуваат сами.
-Како сопружници, семејство, пријатели и како општество, имаме морална обврска да бидеме покрај нив, да им помогнеме стравот да се претвори во сила, очајот да се замени со надеж, и секој ден да биде исполнет со љубов, поддршка и грижа. Во оваа битка никој не треба да се чувствува осамен. Солидарноста не е само теоретски концепт, туку одговорност која му припаѓа на секој од нас. Преку подигнување на свеста и конкретни дејствија, можеме да изградиме општество што се грижи и ги поддржува најранливите меѓу нас, рече Касами.
Д-р Весна Колевска, онколог и радиотерапевт во Клиничка болница, посочи дека како лекар таа се соочува со пациентите по дијагностицирањето кога треба да се почне терапија. Во Клиничка болница овие пет години третирањето е со ограничен број на пациенти, па затоа превентивата е важен чекор, посочи докторката.
Гостивар - Во Основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Гостивар денеска министерот за здравство Арбен Таравари, амбасадорот на Албанија Денион Мејдани, в.д. градоначалник на општина Гостивар Валбон Лимани и директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија (ИДКНАМ) Скендер Асани поделија примероци од унифицираниот буквар на албански јазик.
Гостите на првоодделенците и на наставниците им посочија дека од оваа книга ќе може да учат како и нивните врсници во Албанија и Косово.
Министерот Таравари рече дека со овој буквар ќе се придонесе во зачувување и негување на стандардниот и унифициран албански јазик.
Радовиш - Центарот за култура „Ацо Караманов“ - Радовиш и Советот на 51. Караманови средби ги распишаа конкурсите за најдобра необјавена поетска книга и најдобар поетски раскопис од странски автор за доделување на наградата „Караманов 2024“.
Конкурсот трае од 14 до 25 октомври 2024 година, а може да учествуваат автори од Република Северна Македонија и автори од дијаспората коишто пишуваат на македонски јазик, како и автори од целиот свет.
Ракописите не треба да бидат подолги од 64 страници или четири табаци, а се бара да бидат доставени под шифра во два маила во електронска форма потпишани со шифра, а со посебен маил да дадат и одговор на шифрата на адреса aco.karamanov@yahoo.com