• понеделник, 23 декември 2024

ЕК: Приватната потрошувачка и инвестициите ќе го забрзаат растот на македонскиот БДП 

ЕК: Приватната потрошувачка и инвестициите ќе го забрзаат растот на македонскиот БДП 

Брисел, 15 ноември 2024 (МИА) – Растот на БДП на Северна Македонија во следниот период ќе забрза умерено, главно поттикнат од зајакнувањето на приватната потрошувачка и зголемувањето на инвестициите, се наведува во есенската прогноза на Европската комисија за економските перспективи на членките на ЕУ и кандидати за членство за наредните две години.

Во извештајот објавен денеска се посочува дека во првата половина од годината, годишниот раст на БДП на земјава бил ограничен поради ниската надворешна побарувачка, дека вкупната инфлација продолжила да забавува, а базичната инфлациска стапка покажувала знаци на намалување.

ЕК предвидува годинава растот на македонскиот БДП да изнесува 2 проценти, во 2025 година - 2,6, а во 2026 година - 2,9 отсто. 

Влошеното стоковно салдо и намалените дознаки, заедно со зголемувањето на трошоците, веројатно ќе резултира со многу поголем фискален дефицит во 2024 година, отколку што беше предвидено претходно, проценува ЕК.  

Сепак, како резултат на фискалната консолидација, се очекува дефицитот да се намали на три отсто до 2027 година, при што се нагласува дека во 2025 и 2026 година потребите за финансирање ќе бидат особено високи.  

- Домашната побарувачка остана слаба во првата половина на 2024 година, при што растот на потрошувачката на домаќинствата забави во однос на нивото од 2023 година, но инвестициите во голема мера имаа позитивен ефект, се наведува во документот. 

Во извештајот се додава дека во првата половина од годината производството забележало просечен раст на годишно ниво од 1,8 отсто, главно како резултат на големиот пад на увозот, со што е компензирано намалувањето и на извозот. Според ЕК, очекуваниот придонес за економскиот раст од изградбата на трансевропските коридори 8 и 10д, веројатно ќе се оствари во 2025 и 2026 година.

- Се очекува зголемување на приватните инвестиции, а потрошувачката на домаќинствата веројатно повторно ќе се зголеми, главно поради брзото зголемување на платите и пензиите и падот на инфлацијата, предвидува ЕК. 

Нето извозот не се очекува значително да придонесе за економскиот раст во следните две години, како резултат на бавното економско закрепнување на главните извозни пазари, особено Германија. Од друга страна се очекува зголемениот увоз да го поттикне проектираниот пораст на инвестициите, а на севкупното умерено забрзување на растот на БДП би влијаело и очекуваното зголемување на приходите од туризмот и ИТ услугите. 

Во прогнозата натаму се посочува дека откако достигна максимална стапка од 19,8 отсто во октомври 2022 година, годишната инфлација во земјава продолжи да се намалува во првите девет месеци од 2024 година на просечни 3,3 проценти.  

- Се предвидува инфлацијата да се врати во просек на близу 2 отсто во 2025 година, се додава во документот.  

Во однос на основната каматна стапка, се посочува дека во поголем дел од годината таа остана непроменета на ниво од 6,3 отсто утврдено во септември 2023 година, по што во септември и октомври годинава Народната банка ја намали стапката за по 0,25 процентни поени. 

Во делот на вработеноста се посочува дека таа благо опадна во 2023 година и во првата половина на годината, а поизразен стана одливот на работна сила, особено кај младите работници, поради што работодавачите се соочуваат со недостиг на работна сила и со потребата да исплаќаат повисоки плати. 

- Просечните бруто номинални плати се зголемија за 14,8 отсто на годишно ниво во првите осум месеци од 2024 година, посочува ЕК, додавајќи дека како резултат на структурни проблеми вработеноста веројатно нема значително да се зголеми во следните години. 

Во есенската прогноза се предвидува подобрување на буџетскиот биланс, поттикнато од значителното зголемување на јавните приходи во првата половина од годината, делумно како резултат на законските измени за проширување на даночната основа, што стапија на сила во октомври 2023 година и во јануари 2024 година за  

Со ребалансот на Буџетот, новата Влада го зголеми планираниот фискален дефицит од 3,4 на 4,9 отсто од БДП, со цел да го приспособи на обврските главно поврзани со платите во јавниот сектор, новото ад-хок зголемување на пензиите во септември 2024 година и понискиот раст на БДП од очекуваниот. 

- Со многу повисоко проектиран дефицит за 2024 година од претходно, плановите за фискална консолидација се одложени, а дефицитот се предвидува да се намали на три проценти до 2027 година. Потребите за финансирање се зголемени во текот периодот опфатен со прогнозата, особено поради рефинансирањето за отплата на две големи еврообврзници во 2025 и 2026 година, се вели во извештајот. 

ЕК прогнозира дека ризиците по економијата на земјава „главно се во надолна линија“, иако зајакнувањето на домашната побарувачка може да биде помало од очекуваното, доколку домаќинствата се соочат со намалени приходи од дознаките или ако се зголемат притисоци врз инфлацијата и врз вработеноста поради високиот раст на платите.  

Во документот се нагласува дека во случај на натамошни одложувања на проектите за патните коридор 8 и 10д или при неостварувањето напредок во менаџирањето со јавните инвестиции, инвестицискиот придонес во економскиот раст може да биде помал од очекуваниот. 

- Од друга страна, побрзата интеграција со ЕУ, поткрепена со структурни реформи, како што е предвидено со Планот за раст на ЕУ, може да ги зголеми извозот и продуктивноста, се заклучува во делот на есенските економски прогнози на ЕК за земјава. сп/бак/

 Фото: МИА Архива 

Остани поврзан