• сабота, 16 ноември 2024
МИА Општински пул

15 ноември 2024

Охрид – Охридската организација на Црвениот крст заедно со сестрински организации на уште седум држави ќе биде дел од истражување наменето за проценка и справување со поголеми ризици кои имаат влијание врз заедниците, со цел да се утврди ранливоста на луѓето во однос на ризиците како и зајакнување на капацитетот за справување и опоравување од одредена катастрофа.

Станува збор за активност поддржана од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, што преку посебни алатки ја мери изложеноста на луѓето и нивните капацитети за отпорноста од креирањето содветни програми на заедницата за подготвеност при катастрофи во заедницата.

Со проценката на ризици и капацитети се овозможува идентификација на локалните приоритети и превземање на активности за намалување на ризиците од катастрофи како и асистирање при развивањето и изработувањето на програми кои се взаемно поддржувачки и подготвени за имплементација.

Четири групи за проценка денеска ќе имаат средби и разговори со стручни и компетентни лица во делот на справување со кризи во Општина Охрид, на кои ќе учествуваат и претставници на Територијалната противпожарна единица, претставници на јавните претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“, на Општинското оделение на  Центарот за управување со кризи, Секторот за Локален економски развој, преставници на Центар за јавно здравје, на меѓуопштинскиот Центар за социјална работа и претставници на Црвениот крст од Охрид.

Куманово -  Расте бројот на заболени од дијбетес во Куманово, информираа денеска надлежните лекари од Општа болница Куманово. Според податоците на Центарот за дијабетес од Куманово во моментов има 4.232 заболени од дијабет на подрачје на општина Куманово, од Липково се евидентирани 729 и 136 во општина Старо Нагоричане, претежно од женски пол.

- Организираме предавања, трибини, мерење на шеќер во крвта. Годинашново мото е „Дијабетес и севкупна благосостојба“ и особено важно ни е да се обрне внимание не само на вредноста на шеќерот во крвта, туку и на севкупното здравје на пациентите, и физичко и ментално, изјави доктор Марија Бајдевска Спирковска, раководител на Центарот за дијабет Куманово.

Дијабетесот зема замав, едно од десет лица во светот има дијабетес, а секој втор е пациент без дијагноза. Според официјалните статистики, расте бројот на лица со предијабетес (состојба на гранично покачени вредности). Здравствените работници апелираат граѓаните да обрнат внимание и на оваа состојба кога пациентите имаат зголемено ниво на шеќер, меѓутоа не се на високи граници и исклучително важно за нив се навремените прегледи.

- Дијабетесот е хронично заболување, кое се карактеризира со покачен шеќер во крвта. Најчести симптоми се жед, сува уста, поспаност, замор, често мокрење, чести инфекции. Ризик фактори се начинот на исхрана, прекумерна телесна тежина, седентарен животен стил, вели Бајдевска Спирковска.

Кочани – Граѓаните од Кочани ја прекинаа блокадата на крстосницата кај селото Бели, каде 18 дена го контролираа пристапот кон градската депонија за комуналните возила од општините од регионот.

Во образложениито за ваквата одлука, од Одборот на граѓанската иницијатива за протестот нагласуваат дека даваат доверба на Локалната самоуправа, откако Советот на Општината на последната седница даде едногласна поддршка на барањето да не се носи отпад од другите општини на кочанската депонија.

-Наша конечна цел е чист воздух и здрава околина во нашето Кочани. Сега, во насока на реализирање и спроведување на донесената одлука, а сè до формирањето на надзорното тело, односно екопатролата за управување со отпадот на територијата на Кочани, група граѓани ќе продолжат со 24-часовен мониторинг на работата и дотурот во депонијата. Во моментот, според одлуката на Советот на Општина Кочани, единствена надлежност за депонирање има КЈП „Водовод“ и истото ќе управува само со отпадот на територијата на општина Кочани, истакнуваат од Одборот во писменото соооштение до јавноста.

Голема благодарност за поддршката, на скоро тринеделната блокада на патот кон Пониква, Одборот упатува кон сите граѓани и кон медиумите кои објективно известуваа за нивните активности.

Радовиш - Во Радовиш денеска точно на пладне ќе почне 51. издание на Меѓународната поетска манифестација „Караманови средби“. На отворањето ќе бидат промовирани книгите за деца „Големата и малата мечка“ (раскази за деца) и баснарката „Приказни за деца и животни“ од Тихомир Јанчовски.

Свеченото отворање ќе се случи во Музејот на љубовта и уметноста со доделување на наградата „Караманов 2024“ за најдобра книга од македонски автори на поетесата Ирена Павлова Де Одорико за книгата „Новоженство“ и Интернационалната награда за поезија „Ацо Караманов“ на руската поетеса Олга Панкина за книгата „Меѓусебна потрага“.

Жири комисијата на манифестацијата додели специјална награда „Караманов 2024“ на книгата „Пристоен предлог и други песни“ од Тихомир Јанчовски заради исклучителните вредности на стихот како сведоштво и одбрана на  хуманизмот и бескрајната добрина на човекот чие срце е како тупаница во градите и кое одвнатре е химна на доброто со дупка која нема дно и крај на добрината и ги реафирмира човечките вредности,  бидејќи од сиот жив свет „само човекот може да љуби и зборува“.

Во продолжението на Манифестацијата следуваат настапи на поетите учесници на 51. Караманови средби и роднокрајни поети од Радовиш, а годинашното издание завршува утре со промоција на наградените книги.

Велес - Со програма насловена „Бдеење пред муграта“ што вчера попладне се одржа на Спомен костурницата од НОВ  во Велес, каде меѓу стотината борци почива и Коста Солев Рацин,  започна програмата на 57-те Детски Рацинови средби што ги организираат Општина Велес и МДПС „Премиера“.

Програмата продолжува денеска во 10 часот со дефиле „Цветен пат за Рацин“ на кој ќе учествуваат најмладите - децата од градинките, а ќе се одржи пред споменикот на Кочо Рацин во Гимназијата која со гордост го носи неговото име.

Утре - сабота  во 13,30 часот во салата на локалната библиотека „Гоце Делчев“  ќе биде свеченото доделување на наградите по распишаниот литературен и ликовен конкурс за основците и средношколците од земјава. Овие ученици - учесници на Рациноците средби, литературни и ликовни творци се продолжувачи на творештвото на Рацин.

Струмица - Апликацијата „#CxOmniBus“, која е достапна за симнување на сите мобилни уреди, е идеална за сите што користат јавен превоз во Струмица, објавија од локалната самоуправа

Според наведеното, таа нуди лесен начин за планирање на патувања со автобус низ градот и околните населени места.

-Со апликацијата може да ги видите точното време на пристигнување на автобусите, да добиете упатства за линиите. Без разлика дали сте редовен патник или понекогаш користите автобус, #CxOmniBus ќе ви го олесни секојдневието, стои во информацијата од Општина Струмица.

Инаку, јавниот електричен автобуски превоз во Струмица беше пуштен во употреба на 11 септември, на Денот на ослободувањето на Струмица, а десетте автобуси сообраќаат на линии во градот и кон населени места.

Кавадарци - Момче од Росоман било приведено синоќа пет минути пред полноќ, поради пријава дека агресивно се однесувал во домот на млада кавадарчанка, кон неа и кон други гости. За ова денеска информираа од СВР Велес. 

- Синоќа во 23.25 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле М.И.(20) од Росоман, постапувајќи по претходна пријава дека во домот на Х.Ј.(22) од Кавадарци агресивно се однесувал кон неа и кон другите присутни гости и се обидел и физички да ги нападне. Тој бил задржан во полициска станица и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија од СВР Велес. 

Остани поврзан