• сабота, 16 ноември 2024
МИА Флеш

14 ноември 2024

Скопје - Предлог-буџетот за 2025 година се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските, нагласи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во нејзиното обраќање пред пратениците на првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. 

Според Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

- Ова е прв буџет којшто го предлагам како министер за финансии и прв буџет на оваа Влада. Зад бројките стои нов концепт. Бројки кои покажуваат борба со сивата економија, борба со криминалот, бројки кои ќе донесат повисоки стапки на економски раст и одржливост на долг рок. Фискалната политика за 2025 година е во функција на натамошна консолидација, реструктуирање и оптимизирање на јавните приходи и расходи со намалување на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и поттикнување на економската активност преку реализирани инфраструктурните расходи. Очекуваните резултати се во остварување повисоки стапки на економски раст, повисоки плати, подобар стандард за пензионерите, подобри услови за живот преку реализација на општинските проекти и инфрструктурните проекти, а сето тоа ќе биде поттикнато и од спроведување на реформите со поддршка на Планот за раст за Западен Балкан, рече Димитриеска-Кочоска. 

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска остварил средба со постојаната координаторка на Обидинетите нации во Северна Макеоднија, Рита Колумбиа, на која била реафирмирана повеќе од дводецениската блиска соработка помеѓу Северна Македонија и агенциите на ОН во земјата.

Како што соопштија од Министерството за европски прашања, Муртезани упатил благодарност за партнерството кое го поддржува патот на земјата кон ЕУ интеграција и инклузивен развој, имајќи предвид дека иницијативите на ОН се тесно усогласени со реформските цели на Северна Македонија.

- Министерот Муртезани, исто така, ја истакна улогата на агенциите на ОН, особено UNOPS и UNDP, во справувањето со значајни предизвици и во унапредувањето на клучни проекти финансирани од меѓународни партнери. Тој подвлече дека нивното учество во работните групи предводени од Владата го зајакна координирањето на донаторите, осигурувајќи ефикасна употреба на ресурсите за поддршка на приоритетите на Северна Македонија за ЕУ интеграција, се вели во соопштението.

Скопје - Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков денеска се сретна со претставници на канцеларијата на UN Women и со Весна Ивановиќ Кастареде, раководителка на канцеларијата на UN Women во нашата земја.

На средбата, како што информира Министерството за европски прашања, се дискутираше за важноста на родовата еднаквост и улогата на жените во општеството, како и за можностите за унапредување на соработката меѓу институциите и UN Women во насока на подобрување на правата и економските можности на жените во Македонија. 

Трајков ја истакнала важноста на поддршката на UN Women во спроведување на политиките за родова рамноправност и изразила подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на платформата „100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ денеска во Владата, рече дека во овој краток временски период додека е министер, докажале дека предмети кои се од висок интерес ќе бидат процесуирани соодветно во рамки на законско утврдена постапка и оти конечно криминалците ќе бидат таму каде што им е местото.

Тошковски говореше за преземените сеопфатни акции од страна на МВР во изминатиот период, под раководство на Обвинителството за борба против организиран криминал и висока корупција.

-Една од позитивните работи што морам да ги истакнам во рамки на МВР, е дека се уште има луѓе кои си ја сакаат Македонија и луѓе кои се професионалци и сакаат да работат за интересите на државата. И тоа е она што треба да биде позитивен сигнал и за македонските граѓани, односно со професионална, чесна и посветена работа. Докажавме дека и во овој краток временски период предмети кои се од висок интерес ќе бидат процесуирани соодветно во рамки на законско утврдена постапка, и конечно криминалците ќе бидат таму каде што им е местото, а институциите ќе се ослободат од луѓето кои не и мислат добро на оваа држава и кои ја злоупотребувале оваа држава за свој личен интерес, нагласи Тошковски.

Министерот посочи дека кога дошол на функција, затекнал, како што кажа, катастрофа во работењето на Министерството, пред се од аспект на работењето на Министерството. 

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на платформата „100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ денеска во Владата, прашан кога ќе биде пуштен во употреба системот за безбеден град „Сејф сити“, рече оти се надева дека во текот на 2025 година овој систем ќе има целосна функционална примена.

Тошковски рече дека претходните власти извршиле набавка, но не направиле стратешки план како сето тоа ќе го стават во функција и не направиле законски процедури, каде точно тоа треба да се имплементира, како ќе се доставуваат казните, дали судот ќе може да одговори на предизвикот да постапува по десетици ијлади предмети на месечна основа.

-По завршување на техничката влада и по формирање на нормална влада, се посветив круцијално особено на овој проект, затоа што сметам дека оние бројки кои ги имаме од типот на 146, 126, 138 – ова се бројки на луѓе кои изгубиле живот како последица на сообраќајна незгода. овие цифри мора да ги намалиме, целта на воведувањето на овој систем на сообраќајна култура е да ги намалиме овие бројки. Еден човечки живот нема цена. Поради тоа, мора да го имплементираме овој систем, но како што треба, мора да го поставиме целокупниот систем на здрава основа. Ако јас се прашувам најдобро е да почне во функција во јануари 2025, но тоа е невозможно, имајќи ги сите овие чекори што треба да се преземат и би бил среќен доколку во текот на 2025 го пуштиме во финална употреба, нагласи Тошковски.

Скопје– Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, лошо е што криминалните банди си „хараат“ и денеска, но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние кои што го „реметат“ мирот на македонските граѓани, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со денешниот настан во кој експлозивната направа била фрлена во двор во скопска Керамидница.  

Одговарајќи на новинарско прашање на дебатата „Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“, Тошковски посочи дека јасно и одлучно ќе се борат против криминалот и против организираниот криминал.

- Убиства имало и ќе има, бомби фрлање имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа, рече министерот.

Во однос на прашањето дали можело да им се влезе во траг на напаѓачите, имајќи предвид дека нападот бил најавен на социјалната мрежа ТикТок, министерот одговори дека ќе постапат во рамките на капацитетите што ги имаат.

Скопје – Безбедносната ситуација во земјата е стабилна, граѓаните се безбедни, надлежните институции од областа на безбедноста се во секојдневна координација и комуникација согласно ингеренциите, истакна денеска државната секретарка во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска, на дебатата фокусираната на прашањата од областа на внатрешните работи, правдата и одбраната.

Чуповска посочи дека состојбата по прашањето на безбедноста е стабилна и во регионален аспект, со одлична комуникација на сите субјекти од сферата на безбедносниот сектор со стратешките партнери и сојузниците од НАТО.

- Придонесот што Македонија го има во регионалната безбедност е соодветно валоризиран и потврден од НАТО сојузниците. Ние сме повеќегодишен контрибутор во мисијата КФОР на Косово, а значајно придонесуваме во мисијата на ЕУ во БиХ. По однос актуелните безбедносни случувања, активно придонесуваме и во гарантирањето на колективната безбедност, што го докажуваме со нашето активно учество во мултинационалните сили распоредени во Летонија, Бугарија и Романија, рече таа.

Скопје – Државната секретарка во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска, денеска на платформата „100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ што се одржа во Владата, посочи дека во рамки на Министерството продолжува реализацијата на договорите за набавка на опрема и модернизација на капацитетите на Армијата. За таа намена за наредната година планирано е да се издвојат 4,2 до 4,5 милијарди денари

Пред учесниците на денешната владина дебата посветена на прашања од областа на правдата, внатрешните работи и одбраната, Чуповска го посочи зајакнувањето на капацитетите на сите институции од областа на безбедноста во државата, вклучувајќи ја и одбраната, како предуслов и за натамошен економски развој, истакнувајќи дека севкупната безбедносната состојба секако влијае врз подготвеноста на заинтересираните субјекти за инвестирање.

- Сите инвестиции што Министерството ги реализира во областа на одбраната, како и планираните за во иднина, секако значајно придонесуваат за економскиот развој бидејќи гарантираме безбедни услови за можност за дополнитени инвестиции и поттикнување на самото претприемништво и севкупен економски развој, рече таа.

Скопје – Министерот за правда, Игор Филков, на дебатата „Платформа: 100% посветени за тебе“ на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ истакна дека Извештајот на Европската Комисија претставува силен поттик за потребните реформи. Тој нагласи дека измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе бидат клучни за напредокот на патот кон ЕУ, за што од утре почнуваат јавни дебати. Министерот информираше и за формирањето на Комората на вештаци, која, според него, ќе игра важна улога во подобрувањето на правниот систем.

- Да бидеме искрени, нас не ни треба никаков извештај за да ни каже какви се состојбите, ниту го чекавме истиот за да пристапиме кон реформските чекори кои ги ветивме на граѓаните и за кои ја добивме довербата. Ние како Министерство за правда, уште од прв ден пристапивме кон реформскиот процес и кон донесување одлуки и измени како сето ова да го придвижиме во вистински правец, рече Филков.

Нагласи дека реформите во правосудството се одвиваат во согласност со развојната секторска стратегија за правосудство за 2024-2028 година. 

-Она што е најбитно за нас во периодот се реформите во правосудството и тие секако ќе се одвиваат во согласност со развојната секторска стратегија за правосудство за 2024-2028 година, посочи тој. 

Скопје - Нашата земја останува силно посветена на приспособување на националните енергетски политики кон европските стандарди, со цел да се поттикне економски раст и да се зачува природната средина за идните генерации. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на денешната средба со претставници на Секретаријатот на Енергетската заедница, како и билатерална средба со директорот на Европскиот секретаријат за енергетика, Артур Лорковски, во рамките на климатскиот самит во Баку, Азербејџан.

- Ние остануваме активен партнер на Енергетската заедница и посветени сме на постигнување на заедничките цели во енергетската транзиција, нагласи Божиновска, подвлекувајќи дека нашата земја ги вложува сите напори за промените да бидат правовремени и ефективни.

Средбата беше фокусирана на теми од стратешко значење за регионот, меѓу кои напредокот на земјите во областа на енергетиката и заштитата на животната средина, интеграцијата на пазарите за природен гас, како и поддршката за транзиција кон зелена енергија.

Скопје - Министерството за образование и наука информира дека се направени измени на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период, како што  наведува, „упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта“.

-Согласно доставените сугестии за време на периодот во кој Концепцијата беше ставена на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви новата унапредена содржина. Измените овозможуваат повторно враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во третиот воспитно-образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение), имајќи предвид дека претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците на соодветната возраст, соопшти МОН:

Посочува дека како резултат на измените во Концепцијата, во следниот период ќе се изработи и нов Наставен план за основното образование, како и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа.

Скопје- Комисија на Министерството за здравство анализира кои лекови треба следно да бидат ставени на позитивната листа на лекови. 

-Имаме Комисија што е формирана од Министерството за здравство и која треба да одлучи кои се побитните работи, кои лекови имаат приоритет, зборувам за целото население во државата, да бидат ставени во позитивна листа. Сега не можам да кажам генерици или имиња на лекови бидејќи тоа веќе е несериозно. Очекувам комисијата која што е компетентна и која што треба врз база на сите фармако-економски и други анализи коишто ги прави да му предложи на Министерството за здравство кои треба да бидат следните лекови за позитивната листа, изјави денеска министерот на прес-конференција.

Потсети дека во првите 50 дена од Владата, листата се прошири со девет нови лекови.

За превентивните програми, рече дека се многу битни и дека се разговара тие да бидат проширени.  - Поуспешни ќе бидеме не со лекови, туку со превентивни програми, толку помалку ќе имаме развиени форми на сериозни болести, така што размислуваме, меѓутоа сепак треба да размислиме и да видиме што имаме во буџетот, што се можностите. Така што, балансираме повеќе да ги истераме превентивните програми, секако и позитивната листа затоа и го направивме тоа. Од друга страна па се обидуваме да заштедуваме, рече Таравари. 

Скопје - Новоизбраните членови на Државната изборна комисија, Светлана Карапетрова и Ангелчо Ристов, денеска дадоа свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Собранието ги избра Карапетрова и Ристов за нови членови на ДИК на седницата одржана на 12 ноември. Тие доаѓаат на местата на досегашните членови на ДИК Бобан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ кој стана заменик-генерален секретар на Собранието и на Радица Ристеска од СДСМ која замина во пензија.

Светлана Карапетрова е дипломиран економист и магистер по економија – финансии, сметководство и ревизија од Тетово, Ангелчо Ристов е дипломиран правник со положен правосуден испит и магистер по административно право и јавна администрација од Делчево.

Скопје - Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) за потребите на Факултетот за музичка уметност издвоил 3.384.000 денари, од кои дел ќе бидат поддршка на обновата на концертната сала на ФМУ наменета за студентите.

УКИМ информира дека со обновена концертна сала студентите ќе може „да се изразуваат и да ги покажат своите таленти пред јавноста, како и да се стекнат со сценско искуство, кое е од исклучително значење за нивниот кариерен развој“.

-Освен тоа, обезбедена е и посебна просторија за рекреација и релаксација и уреден е просторот за физички активности, што е од огромно значење за академското и творечко искуство на студентите... Средствата кои ги доделивме на ФМУ имаат за цел да ги унапредат условите за едукација на идните музички уметници, со што ќе се обезбеди континуитет во развојот на музичката култура и зачувување на националното културно наследство, соопшти УКИМ.

Скопје - Времето утре ќе биде променливо облачно, во југозападните делови со врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег. Ќе дува умерен, долж Повардарието засилен северен ветер, соопшти УХМР.

Во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. 

Вашингтон - Американското Федерално истражно биро (ФБИ) треба да биде укинато, а 1,5 милиони вработени во владата да бидат отпуштени како дел од новото Одделение за намалување на трошоците (DOGE), предложено од новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Ова е ставот на Вивек Рамасвами, кој е назначен да го води новото одделение заедно со најбогатиот човек во светот, Илон Маск.

Рамасвами, чиј слоган „згасни го!” стана препознатлив, за време на кампањата истакна дека планира да започне крстоносен поход против големата администрација во Министерството за образование, Даночната служба и странската помош за Украина, Израел и Тајван.

Меѓутоа, за затворање на цела федерална агенција би било потребно одобрение од Конгресот. Сепак, Рамасвами ќе има моќ да ги обликува приоритетите на новото одделение, создадено од нула за да ја намали бирократијата за само две години.

Новата агенција ќе функционира надвор од владата и ќе ѝ дава препораки на Белата куќа за намалување на регулативата и буџетските трошоци, кои изнесуваат скоро седум трилиони долари.

Москва – Помошникот на рускиот претседател и претседателот на Поморски колегиум, Николај Патрушев изјави дека военото присуство на Русија во Касписко Море овозможува да се ограничат обидите на некои крајбрежни држави да ги отворат своите води за воените поморски сили на трети земји, пред сè на САД и членките на НАТО.

- Каспиското Море е уникатно водно тело, кое не само што има ресурси на нафта и гас, добар транзитен потенцијал, туку и поволна воено-стратешка позиција што овозможува да се обезбеди безбедност во Централна Азија, Кавказ и Блискиот Исток. Проширувањето на соработката помеѓу Русија, земјите од Јужен Кавказ, Централна Азија и намерата на касписките држави да ги решат регионалните проблеми предизвикуваат незадоволство на колективниот Запад, наведе Патрушев.

Ереван – Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан денеска во Парламентот изјави дека потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Нагорно-Карабах во 2020 година беше правилна одлука.

Договорот за прекин на огнот, познат како Трилатерален договор помеѓу лидерите на Ерменија, Русија и Азербејџан, беше потпишан на 9 ноември 2020 година.

На 9 ноември 2020 година во мојот кабинет беа многу наши колеги и им кажав дека сега не ме интересира ничие мислење, прифаќам одговорност и ќе го потпишам овој документ. И сметам дека постапив правилно. Зошто го направив тоа е друго прашање, истакна Пашинјан за време на дебатата за буџетот за следната година.

Берлин – Прекумерната бирократија ја чини Германија до 146 милијарди евра годишно загубено економско производство, покажува најновата студија објавена денеска од Минхенскиот институт за економски истражувања (ИФО).

Пресметките се базираат на така наречениот индекс на бирократија, кој дава повеќедимензионална слика за административниот товар во различни земји.

- Големиот обем на трошоци предизвикани од бирократијата покажува дека на Германија и се потребни итни реформи, истакна директорот на Центарот за индустриска организација и нови технологии ИФО, Оливер Фалк.

Според него доколку Германија ја достигне Данска во однос на дигитализацијата на јавната администрација, нејзиното економско производство би се зголемило годишно за 96 милијарди евра.

Остани поврзан