• сабота, 16 ноември 2024
МИА Флеш

15 ноември 2024

Скопје - Директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди смета дека периодов имало кампања против Универзитетската клиника за детски болести и лично против него, иницирана од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини.

- Тие поединци многу добро знаат дека за дезинформациите, клеветите и расистичките натписи, кривично се одговара и затоа, немаат смелост да излезат јавно со име и презиме, туку се кријат позади лажен „Фејсбук“ профил. Меѓу другото, имаше тенденција да се прикаже дека за време на моето директорување, што беше само три месеци во октомври, сега четири месеци, има голема стапка на смртност на Детската клиника, но фактите го говорат спротивното, рече Мемеди на денешната прес-конференција.

Скопје - Состанок за подготовка на новата Рамка за соработка за одржлив развој (2026-2030) помеѓу Обединетите нации и Република Северна Македонија се одржа денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, во воведното обраќање рече дека на состанокот ќе се дискутира за клучните приоритети до 2030 година, фокусирајќи се, рече, како да се забрза постигнувањето на Целите за одржлив развој на ОН и дека исходот од дискусијата ќе послужи како темел за новата УНСДЦФ за 2026-2030, „водејќи ја работата на агенциите на ОН  во Северна Македонија низ тој период“.

Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, познат по својата скептичност кон регулациите за климатските промени, веројатно нема значително да го промени глобалното затоплување дури и откако ќе се врати во Белата куќа. Ова го покажува најновото истражување на проектот Climate Action Tracker (CAT).

Трамп планира да ги укине регулациите за заштита на животната средина на Џо Бајден и да ја повлече Америка од меѓународните договори за ограничување на глобалното затоплување на 1,5°C во споредба со прединдустриското ниво. Сепак, CAT проценува дека тоа би предизвикало зголемување на глобалната температура од само 0,04°C до крајот на векот.

Киев - Едно лице загина, а десет се повредени при синоќешниот руски воздушен напад врз Одеса.

Во самиот центар на Одеса е уништена повеќекатница, становите се запалија, а најмногу настрадаа становите на највисоките катови. Оштетени се и околу 30 автомобили, објави гувернерот на Одеса, Олех Кипер на Телеграм.

Брисел - По подолг период на стагнација, економијата на ЕУ остварува скромен раст, а во исто време продолжува намалувањето на стапката на инфлација, се наведува во есенската прогноза на Европската комисија за економските перспективи во блокот. 

Извршен потпретседател на Европската комисија за економија во интерес на луѓето, Валдис Домбровскис оцени дека постојаното закрепнување на економијата на ЕУ, ќе придонесе за забрзување на економскиот раст во следната година со зголемената потрошувачка, благодарение на зајакнувањето на куповната моќ, рекордно ниската невработеност и очекуваниот раст на инвестиции. 

Берлин - Лидерот на германската опозиција Фридрих Мерц изјави дека политичките дискусии треба да почекаат до гласањето за доверба на актуелната влада на 16 декември, кое беше постигнато по распадот на коалицијата на канцеларот Олаф Шолц.

-Немаме верба во оваа коалиција или во она што остана од неа, изјави денеска Мерц. Прво треба да гласаме за доверба, потоа да го видиме резултатот и потоа да зборуваме за заеднички решенија, додаде тој.

Загреб - Утринава беше уапсен сега веќе поранешниот министер за здравство на Хрватска Вили Берош. Тимови на Канцеларија за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) влегле во неговата куќа во Загреб нешто пред 7 часот изутрина и започнале претрес. Европските обвинители соопштија дека тие покренале акција против Берош и уште седум лица заради криминално здружување, наведувајќи дека Берош примил мито.

Премиерот Андреј Пленковиќ го разреши Берош и свика прес-конференција, која започна нешто по 11 часот.

Тирана -  Претседателот на Партијата на слободата и поранешен шеф на албанската држава, Илир Мета, кој е во затворски притвор, обвини дека целта на актуелната власт е да се уништи вистинската опозиција.

Во телевизиско интервју од затворот „313“ Мета рече дека и апсењето на Сали Бериша, како лидер на ДП и неговото „политичко киднапирање се дел од едно единствено сценарио а тоа е отуѓување на волјата на Албанците и уништувањето на вистинската опозиција, за да се спрчи гарантирање на неказнивоста на нај корумпираната власт на континентот“.

Сараево - Европа мора да се консолидира и да воспостави нов тип на издржливост и на тој начин да одговори на предизвиците што ги донесе изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, а тоа вклучува и побрза интеграција на земјите од Западен Балкан, изјави хрватскиот европратеник Тонино Пицула.

Тој за сараевскиот весник „Дневен аваз“ истакна дека Европска Унија мора да ги зајакне своите капацитети и соработка во одбранбената и воена индустрија поради кризните жаришта - Украина и Блиски Исток.

Будимпешта - Десетици Романци се експлоатирани и поробени во Унгарија, објави романската Дирекција за истрага на организиран криминал и тероризам (DIICOT) на својата официјална веб-страница.

Станува збор за криминална група Романци кои ги мамеле своите жртви - главно обесправени лица, од згрижувачки семејства и во тешка финансиска ситуација, со ветување за работа во странство. Оваа практика постои 11 години и дури сега сторителите се фатени и приведени од полицијата.

Брисел - Европската комисија одреди уште една голема парична казна за американската компанија „Мета“, којашто овојпат изнесува речиси 800 милиони евра.

Поточно, се работи за казна од 797,72 милиони евра, поради тоа што компанијата „практично на секој корисник на социјалната мрежа Фејсбук - сакал или не“, му ја наметнувала услугата „Фејсбук маркетплејс“. Според ЕК, ова значи наметнување нефер услови околу тргувањето за други даватели на услуги и доверливите информации.

Вашингтон - Одлуката на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да го именува Роберт Ф. Кенеди Помладиот за американски секретар за здравство и човекови услуги предизвика широки критики кон Кенеди, познат антивакцинален активист кој поддржува бројни дискредитирани теории за здравјето, пишува Гардијан.

Во синоќешната објава на Truth Social, Трамп тврдеше дека Американците биле „потиснати од индустрискиот комплекс на храна и фармацевтските компании“ и дека Кенеди „ќе ги врати овие агенции на традициите на златниот стандард на научни истражувања и транспарентност, за да стави крај на епидемијата на хронични болести и да ја направи Америка голема и здрава повторно!“

 

 

Остани поврзан