• вторник, 15 октомври 2024
МИА Општински пул

14 октомври 2024

Битола - Македонското хрватско друштво „Марко Марулиќ“-Битола одбележа 30. години од формирањето на Хрватскиот културен центар во овој град.

На јубилејната прослава учествуваа актери на Младински сатиричен театар од Славонски Брод кои синоќа ги одиграа претставите „Децата од Павловата улица“ од Ференц Молнар и „Љубов на прв поглед“ од Фадил Хаџиќ, и двете во режија на Силвио Стилиновиќ.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна, соопшти денеска Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.

Според неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола, направени од 7 октомври 2024 до 10 октомври 2024 година сите анализирани примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење. 

Тетово - Планинарскиот клуб Х20 од Скопје заедно со повеќе клубови од државата во сабота 19 октомври ги повикува жените да се приклучат на женска планинарска акција и искачување на Титов врв на Шар Планина, а по повод месецот за борба против ракот на дојката.

Ова е втора ваква акција на клубот која е предвидена само за жени. Секоја година, месец октомври се одбележува со настани за подигање на свесноста за ракот на дојка, па со таа цел жените планинарски водичи, во нивниот домен, се одлучиле да учествуваат во оваа кампања.

Скопје - Жителите од населеното место Бујковци добија комплетно реконструирано спортско игралиште за мал фудбал, кое денеска беше пуштено во употреба, соопштија од Општина Илинден.

Во рамки на реконструкцијата целосно е обновен теренот со нов асфалтниот слој и обележување на истиот, поставено е целосно ново лед осветлување, променета е заштитната ограда околу целиот терен, поставени се корпи за отпадоци, како и просторот е партерно уреден со што овој спортски терен доби сосема нов лик.

Скопје - ЈП Водовод и канализација - Скопје информира дека денеска поради уличен дефект ф-80 мм на ул.2/бб Студеничани (кај кружниот тек), со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.1 и ул.2.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. 

Скопје - Во текот на последните 24 часа на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 се регистрирани вкупно 1 712 повици. Од нив, како што соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК) „реални“ повици биле 935 или 54,61 проценти, а  777, односно 45,39 проценти биле за други потреби на граѓаните кои не биле итни. 

Кон полицијата биле упатени 180 повици, односно 60,81 проценти од вкупно примените повици, кон итната медицинска помош 94  или 31,76 проценти, кон пожарникарите 18 повици или 6,08 проценти и кон ЦУК четири повици или 1,35 процент. Сите овие повици за итни случаи биле предмет на примање и обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).

Скопје - Во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, којшто го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање, денеска, во хотел Александар Палас ќе се презентираат резултати од загадувањето на воздухот во пет општини – Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

Како што информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање, настанот ќе го отвори првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан, додека резултатите од истражувањето ќе ги сподели ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. Дејан Мираковски.

Остани поврзан