• петок, 11 октомври 2024
МИА Радио флеш

10 октомври 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски, кој во Дубровник учествуваше на Самитот посветен на Украина, се сретна со претседателот на Украина Володомир Зеленски. 

- Остварив средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленськи. Изразив поддршка и стремеж за остварување на целта за траен мир, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Во состав на македонската делегација беше и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски. 

Самитот „Украина-Југоисточна Европа“ го отвори хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Ова е трет самит организиран во овој формат. Првиот беше организиран во август 2022 година во Атина, а вториот во февруари годинава во Тирана. Главната цел е искажување на солидарност и поддршка на Украина.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека ќе излезат со извештај во врак со смртта на бремената жена и 14-месечното бебе, а натаму останува на судските и истражните органи да делуваат.

- Извештаите се подготвени, скоро комплетирани. Чекав извештај од професионални компетентни педијатри за да дадат одреден заклучок. Се надевам или денеска или во понеделник најдоцна, ние како Министерство ќе имаме прес-конференција и ќе ги кажеме сите детали од случувањата и со жената која што беше бремена од Куманово која  почина и за детето, 14-месечно, кое почина во Клиниката за педијатрија. Кажав, ако очекувате јас да судам, ние не сме судски орган, подвлече тој. 

Истакна дека извештајот од Куманово утрово бил доставен во Министерството за здравство.

-Сега ќе ме брифираат штом се вратам оти беше извештајот малку подолг. Јас планирам, можеби денеска во 13 часот ќе свикам повторно прес-конференција во Министерство за здравство, за двата случаи, очекувам можеби и од Педијатрија ќе стигне извештајот денеска, додаде тој. 

Скопје - На предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Владата донесе Уредба за гаранции за потекло на електрична енергија со која се отвора патот кон издавање Гаранции на потекло (Guarantees of origin – GOs) од страна на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, известуваат од Министерството за енергетика.

- Гаранција за потекло е електронски документ чија цел е обезбедување на доказ за потрошувачите дека определен удел или количина од енергијата е произведена од обновливи извори на енергија. Овие гаранции за потекло се користат во Европска Унија со цел следење и потврдување на потеклото на електричната енергија со што се промовира еколошка одговорно, транспарентност и доверба на потрошувачите на енергетскиот пазар, објаснуваат од ресорното министерство.

Оттаму потенцираат дека гаранциите за потекло се од огромна важност особено за домашните компании кои извезуваат на европскиот пазар кои ќе можат да докажат дека во оперативниот процес користат чиста енергијата, таканаречена, енергија од обновливи извори, а со тоа го намалуваат јаглеродниот отпечаток.

Скопје - Советот на Народната банка одржал редовна седница на која бил разгледан и усвоен најновиот Извештај за ризиците во банкарскиот сектор за второто тримесечје од 2024 година.

Од Народната банка денеска соопштија дека во Извештајот се наведува дека во вториот квартал од 2024 година, банките работеле во поповолно домашно макроекономско окружување, во време кога геополитичкиот контекст сѐ уште е нестабилен и создава неизвесност и зголемени ризици за следниот период. Притоа, во овој квартал растот на депозитите на банките бил поумерен, но тој и натаму е солиден и овозможува одржување на кредитниот раст, којшто малку забрза во вториот квартал од годината.  

- Солвентноста на банкарскиот систем и натаму бележи тренд на подобрување. Стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 19%, коешто е највисоко од 2006 година наваму. Задржувањето на добивките остварени во минатата година овозможи натамошно зајакнување на капиталните позиции на банките, додека без малку 40 отсто од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни“ над потребното минимално ниво и може да се употребат за покривање на неочекуваните шокови и загуби. Повисоките показатели за солвентноста главно се темелат на распределбата на добивкaта од минатата година, а во голема мера се поддржани и од повисоките регулаторни и супервизорски барања за одржување повисок капитал од страна на банките, што пред сѐ е поврзано со заштитните слоеви на капиталот и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оцена. Имајќи предвид дека Народната банка во неколку наврати најави зголемување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, што ќе почне да се применува во наредниот период, се очекува дека солвентноста на банкарскиот систем и натаму ќе се подобрува, се појаснува во соопштението. 

Талахаси – Најмалку 27 торнада се пријавени на Флорида додека ураганот Милтон продолжува да се движи низ државата, соопшти Националната метеоролошка служба (NWS).

Повеќе од 125 предупредувања за торнадо вчера беа издадени од канцелариите на NWS во заливот Тампа, Мелбурн и Мајами, што е најголем број предупредувања за торнадо издадени во еден ден за државата Флорида, соборувајќи го претходниот рекорд од 69 издадени во септември 2017 година за време на ураганот Ирма, јави Си-Ен-Ен.

Шерифот на округот Сент Луси, Кит Пирсон, рече дека стотици домови се уништени во округот и дека има загинати, но не сакаше да даде точен биланс на жртви, освен да каже дека станува збор за „повеќе од едно лице“.

Метеорологот на NWS, Џенифер Хабард, утринава изјави дека дождот и силните ветрови ќе продолжат во некои области дури и кога Милтон ќе се повлече од источниот брег.

Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски по Самитот Украина – Југоисточна Европа во Дубровник ќе отпатува за Франција, а до сабота е предвидено да ги посети и Велика Британија, Италија и Германија.

Европската турнеја на Зеленски е во време кога украинската армија се бори на источниот фронт, соочена со напредувањето на руската војска и на помалку од еден месец пред неизвесните претседателски избори во САД, чиј исход може да ја загрози клучната поддршка на Вашингтон за Киев.

Зеленски, кој изрази жалење што Западот ја „одложува“ испораката на ракети со долг дострел за Украина, се очекува прво да допатува во Париз, каде ќе се сретне со претседателот Емануел Макрон, а потоа утре во Рим, каде што ќе се сретне со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Зеленски од Дубровник најави дека следните денови ќе се сретне и со британскиот премиер Кир Стармер во Лондон и со италијанската премиерка Џорџа Мелони во Рим.

Тел Авив- Неколку десетици ракети беа лансирани од Либан кон северен Израел, објави денеска Тајмс оф Израел.

Некои од ракетите беа пресретнати, додека други го погодија Израел.

Израелските медиуми објавија дека е погодена куќа во општина Маргаљот, но дека нема жртви.

Женева - Повеќе од 370 милиони девојки и жени, кои и денес се живи, биле жртви на сексуално насилство пред да наполнат 18 години, соопшти денеска Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).

-Повеќе од 370 милиони девојчиња и жени кои живеат денес, или една од осум, биле жртви на силување или сексуален напад пред да станат полнолетни, се вели во соопштението на УНИЦЕФ објавено по повод 11 Октомври, Светскиот ден на девојчето.

Ако се избројат и случаите на „неконтактни“ облици на сексуално насилство, како насилство на Интернет и вербално вознемирување, тогаш таа бројка е 650 милиони, односно секоја петта жена била злоставувана.

-Сексуалното насилство врз децата е дамка на нашата морална совест, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел. „Тоа предизвикува длабока и трајна траума, често од некој што детето го познава и има доверба, на места каде што треба да се чувствува безбедно, рече таа, додавајќи дека сме сведоци на ужасно сексуално насилство во конфликтните зони, каде што често силување и родово базирано насилство се користи како оружје во војна.

Атина – Од почетокот на сезоната, односно од јули, заклучно со вчера напладне, во Грција се регистрирани вкупно 206 случаи на вирусот Западен Нил, а починале 33 лица, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатата седмица биле потврдени три нови случаи и се регистрирани два смртни случаи.

Дополнително, во изминатиот период постојат и четири увезени случаи, три од Албанија и еден од Австрија, односно инфекција кај пациенти изложени во друга земја, кои не се опфатени во анализите на ЕОДИ.

Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е речиси во цела Грција, односно во девет од вкупно 13 периферии, а потврдени случаи има во северниот, североисточниот, западниот и централниот дел на земјата, во Епир и Јонските острови, на Пелопонез, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Никозија – Кипарскиот претседател Никос Христодулидис, како и шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос изразија задоволство од изборот на Република Кипар за членка на Советот за човекови права на ОН за периодот 2025-2027 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Кипар, исто како и Северна Македонија за првпат станаа членки на конкретниот совет, заедно со уште 16 земји по гласањето во Обединетите нации.

-Изборот на Кипар, за прв пат, во Советот за човекови права на ОН за 2025-2027 е одличен резултат за нашата земја! Тоа ја покажува почитта и довербата што постои за нашиот Кипар да учествува во важните организации на системот на ОН, напиша Христодулидис на платформата „Х“ и им се заблагодари на земјите членки кои ја поддржаа кипарската кандидатура.

Од Министерството за надворешни работи на Кипар соопштија дека добиле 167 гласа „за“ од 189 земји-членки кои учествувале во гласањето.

Бејрут – Пет здравствени работници загинаа во израелски воздушни напади врз градот Дердгаја во јужен Либан, соопштија денеска локалните власти.

Како што јави Би-Би-Си, со ова вкупниот број на загинати здравствени работници се искачи на 115 од почетокот на израелската операција во Либан минатиот месец.

Силите за цивилна одбрана на Либан соопштија дека здравствените работници чекале во импровизиран центар за итни случаи во црква во јужниот град Дердгаја кога се случил нападот и дека службите во моментов работат на расчистување на урнатините.

Два воздушни напади беа пријавени во текот на ноќта и во предградието Дахиех во Бејрут, кое е под контрола на Хезболах, додека Израел тврди дека цел била „терористичка инфраструктура“.

Остани поврзан