• четврток, 10 октомври 2024
МИА Радио флеш

  10 октомври 2024

 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски, кој во Дубровник учествуваше на Самитот посветен на Украина, се сретна со претседателот на Украина Володомир Зеленски. 

- Остварив средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленський. Изразив поддршка и стремеж за остварување на целта за траен мир, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Во состав на македонската делегација беше и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски. 

Скопје – Економско-социјалниот совет (ЕСС) денеска треба да ја одржи првата седница по формирањето на новата Влада.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во вторникот на прес-конференција изјави дека со работодавачите и синдикатите ќе се продискутираат сите нивни барања, идеи, критики и предлози, како и барањето за покачување на минималната плата.

Скопје - Во македонскиот Парламент денеска свечено ќе биде отворена Волонтерската програма на Собранието.

Најавени се поздравни обраќања на претседател на Собранието Африм Гаши, генералната секретарка Марина Димовска, в.д. раководителот на Фондацијата за демократија на Вестминстер Петар Трајков и поранешната генерална секретарка на Собранието Цветанка Иванова. 

Куманово - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ќе биде домаќин на вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ. 

Двајцата министри ќе се сретнат во Куманово, а тема на разговорите, како што јавија српските медиуми, ќе бидат мигрантските процеси.

На крајот на јули годинава, Тошковски и Дачиќ се сретнаа во Белград и разговараа за натамошното унапредување на соработката меѓу двете соседни земји во областа на внатрешните работи.

Скопје - Новата портпаролка на Владата Марија Митева по реакциите во јавноста за нејзиното извршување на две функции истовремено како портпарол и пратеник преку објава на „Фејсбук“ посочува дека веднаш по нејзиното назначување за портпарол на Владата поднела писмена неотповиклива осавка од функцијата пратеник. 

Скопје - Во Отешево денеска ќе бидат презентирани резултатите од инфраструктурната поддршка за подобрување на здравствените услуги. Ќе бидат промовирани достигнувањата за подобрување на здравствените услуги и создавањето на услови за рехабилитација на ранливи категории граѓани и пост-ковид пациенти, кои се овозможени во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен развој“, што го реализираше Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.

Скопје – Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ денеска треба да именува нов директор на Академијата. Именувањето на нов директор е втора точка на дневниот ред на 221. седница на Управниот одбор на Академијата закажана за денеска во 15 часот.

Јавниот оглас за избор на директор на Академијата беше објавен на 26 август годинава, откако поранешната директорка Наташа Габер-Дамјановска поднесе неотповиклива оставка од функцијата кон средината на јули.

Скопје - Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, денеска на средба со новинарите, ќе ја презентира кампањата фокусирана на унапредување на родовата еднаквост, којашто ќе започне да се спроведува од овој месец.

На средбата, како што најавија од Националната мрежа, ќе стане збор и за состојбата со родовата еднаквост во земјава.

Скопје - Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ денеска ќе го презентира Индексот на отворени општини за 2023 година. Индексот ги зема предвид сите аспекти на планирањето и реализацијата на општинските буџети и е резултат на четиригодишна работа и мерење во сите 80 општини и Градот Скопје.

Од ЗМАИ наведуваат дека овој Индекс претставува важен инструмент за транспарентноста и отчетноста на локалната власт во буџетските процеси. 

Скопје - Универзитетската клиника за психијатрија денеска на плоштадот „Македонија“ ќе го одбележи Светскиот ден на менталното здравје, годинава на тема „Време е да се приоритизира менталното здравје на работното место”. На настанот чија цел е да се подигне свеста за важноста на менталното здравје ќе присуствува и министерот за здравство Арбен Таравари.

- Придружувајќи се кон оваа глобална иницијатива, преку јавен собир имаме за цел да ја подигнеме јавната свесност за важноста од грижа за менталното здравје, а со особен осврт на поврзаноста со факторите од работната средина како место каде поминуваме огромен дел од нашиот живот и е тесно поврзана со сите аспекти на нашето живеење и целокупна благосостојба, соопшти Клиниката.

Скопје - Стопанската комора на Северна Македонија денеска организира тркалезна маса на тема: „Дефинирање на улогата на здруженијата во рамките на Стопанската комора во креирање стручно образование и обука по мерка на бизнисот“.

Тркалезната маса се организира како резултат на спроведената анкета меѓу компаниите членки на Комората.

Скопје – Советот за етика во медиумите на Македонија, денеска ќе промовира Прирачник за уредувачки насоки и најдобри практики за проверка на факти и безбедносни информации. 

Како што информираат од СЕММ, прирачникот е создаден со цел да ги поткрепи новинарите, уредниците и сите медиумски професионалци со практични алатки и насоки во борбата против дезинформациите.

Скопје - По повод Светскиот ден на менталното здравје, во фоајето на Домот на култура „Илинден“ во Демир Хисар денеска во 10:30 часот ќе биде отворена ликовната изложба „Визуелни спознанија“.

Станувало збор за ликовни дела што содржат интимни приказни на самите автори, соопштуваат од Центарот за креативни индустрии „Небо“.

Гостивар - Ансамблот на Драмски театар Скопје на третата вечер од „Меѓународниот театарски фестивал Отело“ синоќа во Гостивар ја изведе претставата „Парови“ во режија на Ивана Ангеловска.

Претставата за прв пат се изведува надвор од матичната сцена, чија премиера беше мај годинава. На големата сцена во Центарот за култура АСНОМ гостиварската публика имаше можност да ја проследи театарската игра на актерите на Драмски театар Скопје: Трајанка Илиева - Вељиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер.

Скопје – Во организација на Театарска работилница – Прилеп, денеска започнува 14. издание на литературната манифестација „Поетски слем Македонија“ што ќе трае до недела.

Отворањето на манифестацијата е во 18:30 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“, со изложба на уметникот Владимир Лукаш, насловена „Hello Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again“.

Скопје - Во пресрет на државниот празник 11 Октомври, Женскиот хор „Менада“ од Тетово вечер ќе настапи во ерменската катедрала „Сурп Асдваѕаѕин“ во Бејоглу, Истанбул, како дел од годишната програма на Македонскиот културен центар во Истанбул, во соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија.

Како што соопшти Македонскиот културен центар во Истанбул, хорот „Менада“ ќе претстави програма со духовна музика, како и изведба на популарни македонски народни песни, „спојувајќи ги светите и традиционалните елементи на начин кој ќе ја отслика богатата културно-музичка ризница на Македонија“.

Јабланица – Денеска продолжува потрагата по исчезнатите во неодамнешните поплави и свлечишта во областите на Федерацијата Босна и Херцеговина, каде четири лица се водат како исчезнати.

Бројот на загинати достигна 22 жртви.

Поради опасност од нови врнежи и лизгање на земјиштето, повеќе од 400 жители во текот на ноќта се евакуирани од Јабланица и Коњиќ, а по мирната ноќ утрово се вратиле во своите домови.

Тирана – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска ќе престојува во Тирана, која е прва дестинација на неговата мини балканска турнеја, во чии рамки утре ќе го посети Белград.

Покрај средбата со неговиот голем пријател, премиерот Еди Рама, Ердоган ќе се сретне и со претседателот Бајрам Бегај. Според протоколот седница ќе одржи Советот за меѓудржавна соработка, на кој ќе бидат потпишани неколку договори, а попладне во 16:30 заедно со Рама ќе ја инаугурираат новата „Намазѓа“ џамија (попозната како големата џамија) во центарот на Тирана.

Дубровник – Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан предупреди дека ризикот од ширење на руско-украинската војна е поголем од кога и да е и дека не може да се исклучи употребата на нуклеарно оружје и оружје за масовно уништување во конфликтот, пренесува Анадолија.

Фидан ова го изјави на самитот Украина-Југоисточна Европа во Дубровник, Хрватска.

Приштина – Заменик-помошникот државен секретар и нов американски емисар за Западен Балкан, Александар Касаноф се очекува денеска да допатува во Косово, откако во изминатите два дена престојуваше во Босна и Херцеговина и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението за медиуми на Амбасадата на САД во Косово, Касаноф во Приштина ќе се сретне со претставници на Владата на Косово, како и со претставници на опозициските партии, на граѓанскиот сектор и бизнисите.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден синоќа разговарал по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нивни прв разговор во седум недели. Двајцата лидери се очекуваше да дискутираат за можниот израелски напад на Иран по иранскиот ракетен напад минатата недела.

Од Белата куќа изјавија дека и потпретседателката Камала Харис учествувала во 30-минутниот разговор.

Вашингтон – Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп изјави дека нема да води уште една предизборна дебата со американската потпретседателка и кандидатка на демократите Камала Харис.

Тој ја даде изјавата вчера, неколку часа откако Фокс њуз ги покани двајцата кандидати на претседателските избори на евентуалната втора дебата на 24 или 27 октомври.

Вашингтон – САД веруваат дека лидерот на Хамас Јахја Синвар е жив и веројатно се крие во подземен тунел во Појасот Газа со заложници во близина, изјави Бред Мекгарк, специјален советник на Белата куќа за Блискиот Исток и Северна Африка.

- Јахја Синвар останува носител на одлуки. Веруваме дека е жив и се наоѓа во тунел под Газа, веројатно со заложници во негова близина, рече Мекгарк за време на разговор со американски рабини, пренесува Белата куќа.

Вашингтон – Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп изјави дека нема да води уште една предизборна дебата со американската потпретседателка и кандидатка на демократите Камала Харис.

Тој ја даде изјавата вчера, неколку часа откако Фокс њуз ги покани двајцата кандидати на претседателските избори на евентуалната втора дебата на 24 или 27 октомври.

Багдад – Милитантната организација Исламски отпор во Ирак соопшти дека извршила напад со дрон врз „витална“ цел во северен Израел „во знак на поддршка на народот на Палестина и Либан поради израелските напади“.

Израелската армија не ги коментираше овие наводи, пренесува Ал Џезира.

Мајами - Најмалку две лица загинаа во округот Сент Луси на брегот на Атлантикот на Флорида, изјави шерифот на округот, Кит Пирсон.

Пирсон процени дека повеќе од 100 домови во округот се уништени од ураганот „Милтон“, објави Ен-Би-Си Њуз.

Претседателот Џозеф Бајден го повика населението на Флорида да се евакуира.

Локалните власти и членовите на Националната гарда на Флорида им помагаат на погодените од ураганот.

Атина - Дефанзивецот на Панатинаикос Џорџ Балдок е пронајден мртов во базенот во својот дом, објавија грчките медиуми.

Засега не се соопштуваат дополнителни детали за смртта на 31-годишниот Грк.

Фудбалерот не одговарал на повиците на неговата сопруга, по што таа го повикала сопственикот на вилата во која живеел Балдок за да дознае што се случило. Го пронашол 31-годишниот Грк без свест во базенот и веднаш повикал брза помош. Лекар констатирал смрт.

Атина - Грчката фудбалска федерација побара од Европската фудбалска асоцијација да им дозволи на играчите да носат ленти на нивните наредни два натпревара во спомен на дефанзивецот Џорџ Балдок.

Вчеравечер 31-годишниот грчки интернационалец беше пронајден мртов во базенот во неговиот дом. Се уште не се познати деталите за смртта.

Грчката репрезентација во Лигата на нации вечер ќе гостува во Лондон против Англија, а на 13 ќе се соочи со Ирска. 

Остани поврзан