• понеделник, 15 јули 2024
МИА Радио флеш

15 јули 2024

- Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска ќе биде во теренска посета на Општина Охрид, каде ќе изврши увид во градба на постоечки и ќе го одбележи почетокот на градба на повеќе други проекти.

Како што соопштија од владината прес-служба, Мицкоски ќе присуствува на поставување камен темелник на спортска сала во село Лескоец, Општина Охрид, каде после 30 години, во склоп на ОУ „Ванчо Николески“ започнува изградба на спортска сала со обем од 592 м2, а ќе вклучува повеќенаменско спортско игралиште.

- Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, од денеска ќе претстојува во неколкудневна официјална посета на Вооружените сили (ВС) на Република Турција.

За време на посетата во генералаштабот на Турските ВС и министерството за одбрана во Анкара, генералот Ѓурчиновски е предвидено да оствари средби со началникот на ВС на Република Турција, генерал Метин Ѓурак и министерот за одбрана Јашар Ѓулер. 

- Борбата со огнените стихии во државава продолжува. Гаснењето на пожарот на планината Серта се очекува да прододолжи утрово со хеликоптери и ер трактори. Во меѓувреме премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро пристигнува помош од Словенија, Србија, Турција и Црна Гора во борба против пожарите.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вчера доцна попладне изјави дека продолжува да гори пожарот на планината Серта, и оти гаснењето продолжува утрово со хеликоптери и со ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.

- САД се најважниот стратешки партнер на Северна Македонија и нивната цел е да ја поддржат, а не да се мешаат во внатрешните работи на земјата, изјава американската амбасадорка Ангела Агелер во интервју за емисијата „200“ на Алсат.

Прашана за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека станува пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи земјата, таа вели оти се надева дека не мислел на неа.

- Нашата намера никогаш не е да се мешаме. Отсекогаш  наша намера било  да ве  поддржиме. Одлуките кои се носат во Судскиот совет, или искрено, во кое било друго тело во рамките на судството, се одлуки само на челниците на оваа земја. Ние не кажуваме кој треба да седне во кој било суд. Ние не кажуваме кој треба да биде член на кој било совет. Дали има широко распространета корупција во судството? Да. Кога јавната поддршка и доверба во судството е 2 проценти, тоа е разочаривачки, рече Агелер.

- Средното стручно образование е поатрактивно за упис на идните средношколци, отколку гиманзиското. Во првиот уписен рок за учебната 2024-2025 година соодност на запишани ученици е околу две третини, наспроти една третина, односно 73,8 отсто се запишани во  стручните училишта, а само  26,2 отсто во гимназиите во земјава.

 -Во двете пријавувања вкупно се запишаа 15.481 ученици, од кои 11.428 ученици во стручно и 4.652 во гимназиско образование, велат за МИА од Министерството за образование и наука (МОН).

- Поради зголемена фреквенција на возила, утрово времето на чекање на граничниот премин „Табановце“ за влез и на граничниот премин „Богородица“ за излез од државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по cуви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

- Без електрична енергија денеска ќе останат корисниците од Служба за заeднички работи при ЈЗУ Клинички Центар „Мајка Тереза“, соопшти РЦУК - Скопје.

Како што посочуваат, прекинот со снабдување со струја ќе биде во периодот од 8:30 до 15:00 часот.

- Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени. UV=10

Во Скопје сончево и многу топло со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 41 степен.

- Театарската програма на „Охридско лето“ продолжува и денеска со настапот на познатиот српски глумец, Никола Ѓуричко, кој пред фестивалската публика ќе се претстави со неговото стендап-шоу насловено „Шоу биз“.

Ова е второ негово самојстојно појавување пред публиката, откако пред три години имаше успешен проект „Сè што сакавте да знаете за Џони, но никогаш не смеевте да го прашате“, што исто така сам го напишал.

- Најмалку 19 лица се повредени во пожар на туристички брод во близина на брегот на турското летувалиште Мармарис, од кои тројца се во тешка состојба, соопшти Командата на крајбрежната стража.

- Поради пожарот на туристичкиот брод Иглс, евакуирани се 96 патници и шест членови на екипажот, соопшти Командата на крајбрежната стража, пренесуваат турските медиуми.

- Комунистичкиот политичар Кадга Прасад Шарма Оли (72) денеска е назначен за нов премиер на Непал.

Назначувањето дојде неколку дена откако неговиот претходник Пушпа Камал Дахал загуби на парламентарните избори.

Претседателот Рамчандра Паудел го назначи Оли, шеф на Комунистичката партија на Непал, за 14-ти премиер на земјата откако во 2008 година беше укината монархијата стара 239 години.

- Израел вчера соопшти Рафа Салама, висок командант на палестинската исламистичка група Хамас, бил убиен во воздушен напад за кој здравствените власти во Газа рекоа дека погодил бегалски камп и во кој загинале најмалку 90 луѓе.

Во меѓувреме, Хамас ги негираше информациите дека по нападот се прекинати преговорите за прекин на огнот и враќањето на преостанатите заложници што се одржуваат во главниот град на Катар, Доха, јави ДПА.

- Глобалните стапки на вакцинација кај децата останаа под нивоата пред пандемијата минатата година, соопштија денеска Светската здравствена организација (СЗО) и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), што предизвика загриженост кај експертите.

Во 2023 година, 84 проценти од децата на глобално ниво биле целосно вакцинирани против дифтерија, тетанус и пертусис – или голема кашлица, тројна вакцинација која се смета за клучен показател за стапката на вакцинација на децата, пренесе ДПА.

- Американската Републиканска партија денеска ја почнува својата национална конвенција, отворајќи го патот Доналд Трамп да биде официјално потврден како кандидат на партијата за претседателските избори во ноември, само неколку дена по обидот за атентат врз него, јави ДПА.

Трамп, кој се очекува да биде номиниран од партиските делегати, треба да го именува и својот кандидат за потпретседател на настанот во градот Милвоки во американската сојузна држава Висконсин.

- Лицето кое загина за време на обидот за атентат на Доналд Трамп е 50 годишниот Кори Компраторе, кој со своето тело го покрил семејството кога почнало пукањето.

Кори Компраторе се фрлил врз своето семејство да го заштити од куршумите кога почнала стрелбата, изјави синоќа гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро. Тој изјави дека се сретнал со семејството на загинатиот.

-Митингот на Трамп во Пенсилванија го зеде животот на мојот брат Кори Компраторе. Омразата кон еден човек го одзеде животот на човек кој ние најмногу го сакавме, напиша вчера сестрата на жртвата на својот Фејсбук профил.

- Претседателот на САД Џо Бајден синоќа од својот кабинет во Белата куќе се обрати до нацијата по повод обидот за атентат врз републиканецот Доналд Трамп, повикувајќи ги сите страни од политичкиот спектар да ја намалат температурата во реториката.

Во говорот од својот кабинет (Овалната соба), трет таков откако ја презеде функцијата во 2021 година, Бајден го осуди пукањето врз Трамп, рече дека во Америка нема место за насилство и повика на единство во земјата.

- Турција денеска го слави националниот празник, 15 јули, Ден на демократијата и националното единство.

Денеска се навршуваат осум години од спречениот обид за пуч организиран ноќта на 15 јули 2016 година од страна на организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен, која е прогласена за терористичка група.

Во соопштението на Дирекцијата за комуникации до Претседателството се наведува дека овогодинешните комеморативни иницијативи ќе го истакнат епскиот отпор на турската нација, која се крена да ја брани својата независност и демократија и на тој начин го спречи извршувањето на подмолниот обид за државен удар.

- Осум лица се ранети во вчерашното руско гранатирање на јужниот украински регион Херсон, соопшти денеска на Телеграм регионалниот гувернер Олександр Прокудин.

Според него, напданите биле Антонивка, Садове, Билозерка, Кизомис, Станислав, Софијавка, Даривка, Микилске, Приднипрвске, Днипровске, Чорнобаивка, Берислав, Тиахинка, Нововоронцовка, Червоњи Маиак, Костирка, Змиивкаил и непријателот Љмивхер.

- Шансите за постигнување мир се многу поголеми преку преговори, повторно отворање на дипломатските канали и дијалог отколку со испорака на оружје, санкции и стратегија заснована на отфрлање на дипломатијата, изјави вчера шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.

Како што пренесе Еуроњуз, тој за унгарското јавно радио додаде дека „сега на сите им е јасно дека стратегијата на Европа и САД во изминатите две и пол години војна во Украина не дала резултати, иако западните политичари не сакаат тоа јавно да го признаат бидејќи тоа би значело признавање на поразот“.

- Руската армија синоќа собори 22 украински дронови во западна Русија и Крим, соопшти денеска Министерството за одбрана во Москва.

- Во текот на изминатата ноќ, системи за противвоздушна одбрана уништија и пресретнаа 22 беспилотни летала, се вели во соопштението објавено на Телеграм.

- Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори, Доналд Трамп изјави дека по обидот за атентат во кој беше полесно повреден, целосно го променил говорот што ќе го одржи в четврток, на последниот, четврти ден од конвенцијата на Републиканците во Милвоки и изјави дека ќе повика на нови напори кон национално единство.

Трамп во ексклузивно интервју за неделникот „Вашингтон Егзаминер“ изјави дека сака да го искористи историскиот момент и да ја обедини земјата.

Остани поврзан