• вторник, 16 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

15 јули 2024 

Штип - Штипските пожарникари се на терен и будно се следи пожарот на планината Серта, изјави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој посочи дека постојано е во комуникација со надлежните институции за гаснењето на пожарите на непрристапниот планиниски терен.

-Екипите на Територијалната Противпожарна единица, заедно со волонтери од Македонски шуми, припадниците на АРМ, Полиција и други институции се на терен. Морам да истакнам дека на територијата на Општина Штип се активни неколку пожари, кои се под контрола и кои од надлежните институции и се соодветно третираат и се дејствува врз нив, вели Јорданов.

Инаку, според ЦУК на територија на планината Серта во текот на утринските часови во штипскиот дел има пожари на две локации. Пожарот на планината Серта се гаси со воздухоплови, но и од земја.

 

Крива Паланка - Општина Крива Паланка воведе нови програмски мерки за поддршка на млади невработени лица од општината, ќе се субвенционира набавка на дигитални уреди, а со програмата за образование првпат се воведува и месечна субвенциија за сите средношколци запишани во прва година во средното општинско училиште „Ѓорче Петров", во учебната 2024/25 година.

- Со Програмата за млади, покрај досегашните субвенции за набавка на дигитални уреди за студенти, воведена е нова мерка за субвенции за млади невработени лица за набавка на дигитален уред. Јавниот повик е отворен од денес до 13 август 2024 година. Вкупно пет млади невработени лица од Крива Паланка, ќе добијат 50 отсто поврат на средствата од вредноста на набавен дигитален уред (не повеќе од 9.000 денари) по лице, информираат од службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка..

Право на учество имаат млади невработени лица со адреса на живеење на подрачјето на општина Крива Паланка, кои ги исполнуваат следните услови: да припаѓаат на категорија млади, од 15 до 29 години, да се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување и дигиталниот уред да е набавен на територијата на Република Северна Македонија во 2024 година.

Со Одлука на Советот на Општина Крива Паланка воведена е и нова мерка за средношколците од прва година во СОУ „Ѓорче Петров", Крива Паланка, субвенција од општинскиот Буџет во износ од 2.000 денари.

 

Куманово - Почна поставување на осветлувањето во спортската сала во Куманово, соопшти кумановскиот градоначалник. 

На последниот тендер што го склучи општината со избрана компанија од Кочани за браварија, надворешни скали, осветлување, партерно уредување, набавка и на семафор висечки четворостран мултифункционален и друго одвои речиси 70 милиони денари (69.885.289,88) со вклучен данок на додадена вредност. За овој дел од внатрешното уредување, компанијата треба да го заврши во рок од 95 дена.

Претходно, партерно се уредуваше спортскиот објект и трибините. Во понатамошниот период предвидено е да се работи на борилиштето, боксерската сала е завршена, ќе следува реконструкција на санитариите одводот, водовод, санитарни јазли. Проблемите со кровната конструкција се надминати.

Спортската сала во Куманово веќе извесен период етапно се реконструира. Изминативе години почна делумна реконструкцијата на трибините, следуваше реконструкција на салата наменета за бокс, претходно се санираше кровната конструкција. 
Спортската сала е еден од четирите големи спортски објекти,  Соколана, градски стадион и стрелиште кои Владата ѝ ги врати во владение на општина Куманово, откако претходно со нив менаџираа приватни стопанственици.

 

Штип - Од денеска, па во наредните неколку недели пробно за сообраќај ќе биде затворена улицата „Ванчо Прќе“ или меѓу штипјани позната како „едносмерната улица“, иформираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Посочи дека предвидено е улицата да се користи како пешачка зона, а најави дека доколку по пробниот период остане затворена, во тој случај  ќе биде уредена со соодветна урбана опрема и поплочена.

Истовремено ќе се работи на подземната канализациона и водоводна мрежа. Во функција се пушти и втората Катна гаража во Штип кај стоковната куќа НАМА.

-Во функција се става и втората катна гаража кај стоковната куќа „НАМА“ која овозможува нови 26 паркинг места, со што имаме можност за влегување до одредена точка на улицата „Ванчо Прќе“ за користење на паркинг површина, вели Јорданов.

Тој забележа со цел да можат да се користат двете катни гаражи, за време на пробниот период се воведува и двонасочен сообраќај на почетокот и крајот на едносмерната улица. Сања Мијалкова-Судиќлиева од Одделението за сообраќај во Општина Штип денеска изјави дека сообраќајот низ централното градско подрачје во Штип во овој период ќе се одвива низ  улиците „Маршал Тито“ и „Кирил и Методиј“.  

Градоначалникот на општина Штип, Јорданов во наредните неколку недели повика на трпение, но и на поромена на навиките кај граѓаните со цел градот да функционира непречено, сообраќајот да се одвива регуларно, а Штип да го добие првото шеталиште во центарот на градот. 

 

Струмица - Пожарот кој избувна пред шест денови на планината Огражден, над селото Бадилен, на територијата на Општина Ново Село, на границата со Бугарија, почнаа да го гаснат четири „Ер трактори“- два на Дирекцијата за заштита и спасување и два турски.

Вклучувањето на авионите во гаснењето на овој голем пожар, кој избувна на крајно непристапен терен, го најави утрово директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој информираше дека на двата авиони на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ) ќе им се приклучат и два турски кои пристигнаа на Скопскиот аеродром
во рамки на меѓународната помош.

Според информации од членови на Ловното друштво „Елен“ од Ново Село, кои се вклучени во гаснењето на пожарот, од бугарска страна е вклучена механизација која со копање „засеци“ не дозволува пожарот да се прошири и според нив со вклучувањето на авионите во гаснењето може да се очекува пожарот да биде локализиран.

Според првичните проценки од ТППЕ Струмица пожарот зафатил над 20 хектари нискостеблеста дабова и борова шума.

 

Скопје - На денешната седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, мнозинството советници го усвои ребалансот на Буџетот на Општина Ѓорче Петров за 2024 година.

Со овој ребаланс, буџетот се проширува за приближно 69.000.000,00 денари со што се обезбедуваат повеќе средства за граѓаните, како и за инфраструктурни и капитални проекти со кои се подобруваат условите за живот во нашата општина.
Предвидени се 5.300.000,00 денари за тековно одржување на улици и патишта, 4.000.000,00 денари за инвестиции во улично осветлување, 2.000.000,00 денари за реконструкција на азбестен кров во ООУ „Страшо Пинџур” и 3.000.000,00 за чистење и одржување на каналите за наводнување; Воедно и дополнителни 4.000.000,00 денари за рехабилитација на улици и патишта, 3.000.000,00 денари за проектирање и планирање на нови капитални проекти, 10.000.000,00 денари за изградба и реконструкција на спортски и детски игралишта, 7.000.000,00 денари за набавка на софтвер за пресметка на даноци и ГИС софтвер за дигитализација на постапката за добивање на потребните информации за извод од план, со цел граѓаните да можат сами по електронски пат да извршат увид во состојбата на нивните парцели.

Во соопштението од оваа локална самоуправа се наведува дека целта на овие средства е во иднина да продолжиме со грижата за граѓаните и, како што велат оттаму, да создадеме услови за подобар и достоинствен живот.

-Доаѓа период на многу работа и реализирани проекти. Граѓаните може да очекуваат реализација на проекти низ целата територија на нашата општина, соопштија од Општината.

 

Скопје - Општина Центар додели 770 000 денари на 60 социјално загрозени лица баратели по основ на нарушена здравствена состојба или тешка материјална положба. Еднократната финансиска помош Комисијата за социјална и здравствена заштита ја одобри врз основа на пристигнати барања од страна на жители на општината кои ги исполнуваат условите според Правилникот за постапката за остварување право на финансиска помош и поддршка на жители на општина Центар-Скопје

„Општина Центар секогаш е тука да им помогне на граѓаните кога тоа им е потребно. Се надевам дека овие средства ќе им помогнат на жителите да санираат дел од штетите или ја подобрат здравствената или финансиската состојба во домот. Со цел да им излеземе во пресрет на поголем број граѓани ги повикувам општествено одговорните компании да дадат свој придонес и се вклучат во хуманитарните акции“, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски. 

Право на користење на овие финансиски средства имаат физички лица што се жители на Општина Центар со влошен социјален статус или загрозувачка здравствена состојба, кои припаѓаат на социјално загрозените групи, лица кои имаат потреба од помош при лекување, еднородителски семејства во социјален ризик. Воедно подносителот на барањето треба да има адреса на живеење во Општина Центар-Скопје и правото на финансиска помош и поддршка може да го искористи само еднаш во текот на календарската година.

Остани поврзан