• сабота, 13 јули 2024
МИА Радио флеш

12 јули 2023

-Европското досие на земјава, процесот на нејзиното пристапување во Европската Унија и внатрешно политичката динамика, беа главни теми на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон. Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја апострофираше нашата цврста заложба за имплементација на реформските процеси, како и определбата за посветена работа во насока на забрзување на евроинтегративниот процес на земјата. Според Муцунски, земјата останува силно посветена на евроинтегративниот процес, особено во делот на исполнување на условите и имплементација на реформите.  

-Министерството за јавна администрација  (МЈА)  ја почна постапката за повлекување на предлог-законите за административни службеници, за вработени во јавниот сектор и за стручно усовршување и обука на административните службеници. Целта е, како што соопшти денеска ресорниот министер  Горан Минчев, да се изготват поквалитетни решенија кои ќе бидат практично применливи и кои ќе овозможат бенефит за сите засегнати страни. Минчев на брифинг со новинарите, најави широка јавна дебата за законите и изрази надеж дека тие ќе бидат донесени и ќе стапат во сила од јануари 2025 година, како што првично беше предвидено. Во рамки на дебатата, напомена, ќе се разговара и за реакцијата на синдикалците според кои, актуелното покачување од 15 проценти на платите не е доволно и е еден од клучните проблеми.

-Во Собранието денеска беше одбележан 11 јули - Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Учесниците апелираат до Владата, согласно Резолуцијата на ОН, да го прогласи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница. Претседателот на Собранието Африм Гаши, кој го отвори настанот, истакна дека овој настан потсетува на кревкоста, но и на непроценливата вредност на мирот, владеењето на правото, соживотот, демократијата и на почитувањето на човековите права. - Мирот, владеењето на правото, соживотот, демократијата и почитувањето на човековите права се круцијални вредности што треба да ги чуваат, негуваат и надградуваат сите цивилизирани и демократски општества, во ерата на глобализацијата, кога од нашето поблиско, но и подалечно опкружување, се уште стигнуваат вознемирувачки вести за воени судири, рече Гаши.

-Министерот за здравство Арбен Таравари именуваше нови в.д. медицински директори во четири јавни здравствени установи, информираат попладнево од надлежното Министерство. - На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се именува професор доктор Марија Срцева. Во Специјализираната болница за нефрологија - Струга се именува доктор Берат Лена. На Универзитетскиот стоматолошки клининички центар „Свети Пантелејмон“ се именува професор доктор Цветанка Бајрактарова. На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија се именува доктор Николина Гроздановска, наведуваат од Министерството за здравство во соопштението до медиуми. 

-Започнување дијалог со здруженијата на пациенти е приоритет на Фондот за здравствено осигурување. Во текот на вчерашниот ден од страна на Граѓанскиот ресурсен центар беше организирана средба со 20тина здруженија на пациенти. Беа отворени теми за проблемите со кои се соочуваат пациентите како што се снабдување со лекови и достапност на услугите. Од страна на директорот на ФЗО, Сашо Клековски беше посочено дека важно ни е да се отвори канал на комуникација со пациентите за да може здравствениот систем да биде поефикасен и подобар. „Само со транспарент однос може да се гради доверба, да се решаваат наталожените проблеми и да има резултати“, истака Клековски на состанокот.

-Управата за јавни приходи информира дека денеска поради опожарување на оптички кабли кај повеќе телекомуникациски оператори, меѓу кои и операторот кој обезбедува услуга за интернет симетричен пристап на УЈП,  системите за електронски услуги не беа достапни во периодот од 07:40 до 11:30 часот. -Овој технички проблем е надминат и системите на УЈП се достапни за реализација на Вашите права и обрвски кои ги остварувате преку истите, се наведува во соопштението од УЈП. 

-Двајцата пилоти на Дирекцијата за заштита и спасување ги поминале процедурите потребни пред секое полетување и авионите ер трактори се упатени кон гаснење на пожарот во Неготинско, информира за МИА директорот на ДЗС Беким Максути. Според правилата пропишани од Европската асоцијација за цивилно воздухопловство (ЕАСА), пилотите пред секој лет прават меѓусебна контрола за нивната психичка и физичка подготвеност. Максути претходно за МИА појасни дека Дирекцијата не смее да лета со еден пилот, односно потребни се уште двајца пилоти, бидејќи, како што рече, едниот му е контролор, додека другиот ги проверува сите постапки дали се како што треба.

-Потребно е изградба на зграда од македонска страна и инвестиции од грчка страна за да се овозможи отворање на граничниот премин „Маркова нога“, истакна денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на промоција на можностите од програмата „ЕУ4Преспа“, финансиран од Европската унија и УНДП, која предвидува средства и за оваа намена. Тој нагласи дека се работи за една многу сериозна инвестиција и дека овој проект претставува уште eден пример за добра меѓугранична соработка. - Се надевам дека резултатот од оваа инвестиција ќе придонесе за отворање на граничниот премин „Маркова нога“. Немам точен датум кога би се отворил, но самата намера на властите на Република Северна Македонија и Грција, и на Европската комисија која е вклучена во ова преку фондови да може овој граничен премин да проработи ќе придонесе за развој на меѓуграничниот регион, истакна Гир, одговарајќи на новинарско прашање.

- САД ќе работат со Северна Македонија и Грција да ги одржат придобивките од Договорот од Преспа, соопштиле од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик во врска со реакциите на официјална Атина за употребата на уставното име на државата од страна новите власти во Скопје. - Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во јужна и источна Европа. САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки, велат од Стејт департментот. Премиерот Христијан Мицкоски кој престојува во Вашингтон на Самитот на НАТО, кога стана премиер, кажа дека дома ќе ја вика државата Македонија, а надвор, во официјален контекст – Северна Македонија.

-Се обидуваат да ја испровоцираат Србија да направи нешто за што би требало да интервенира НАТО, вчера имаше недвосмислен повик за конфликт, а десетпати спомнувањето на наводната големосрпска политика е јасно таргетирање, а целта е уништување на Србија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното обраќање пред јавноста, јави дописникот на МИА од Белград. -Конфликтот на територијата на Украина од 22 февруари, пред две и пол години, многумина во околината се обидоа да го искористат за конечен напад врз Србија, рече Вучиќ, додавајќи дека за нив е добродојдена само понижена Србија, економски уништена и политички растргната со поделени територии.Тој оцени дека вчера имал можност да ги проследи настаните во Сребеница каде е одбележана „29-годишнината од масакрот“. Како што додаде, наместо тоа да биде можност за зборови на помирување и почит кон жртвите, граѓаните на Србија, српскиот народ и Република Српска беа изложени на навреди и на најдиректни закани.

-Агенцијата за статистики на Косово (АСК) ги објави денеска прелиминарните резултати од пописот на населението, според кои Косово има 1.586.659 резидентни жители, од кои 795.046 се мажи, а 791.614 се жени, јави дописникот на МИА од Приштина. Досега, како што информира вршителот на должноста директор на АСК, Авни Кастрати на прес-конференција на која присуствуваа премиерот Албин Курти, министри, градоначалници и амбасадори, регистрирани се и околу 600 илјади нерезидентни жители. Соодносот на половите не е променет и останува ист, односно жени се 49,90 отсто а мажи 50,10 отсто. Само во девет од 38 општини има зголемување на бројот на жители, додека во другите 29 има намалување.

-Градските власти на Венеција навестија можно продолжување на наплаќањето влез за туристите на еднодневни патувања и влез во градот, откако на крајот од оваа седмица ќе заврши пробниот период на првата ваква програма во светот. - Во таа смисла, тамошните власти би ја зеле предвид побарувачката и за можно удвојување на сегашната цена од пет на 10 евра, во време на исклучителна посетеност на италијанскиот град на јадранскиот брег, како што рече Мишел Зуин, градски советник задолжен за финансии, за околните медиуми. Тој вели дека од 2025 година, „основната стапка“ од пет евра ќе се применува во еден дел од годината. Но, во „критичните денови“ туристите ќе треба да платат максимална цена од 10 евра.

-Во најновиот извештај на Евростат се наведува дека минатата година 9,5 проценти од жителите на Европска Унија ден не можеле да си дозволат оброк кој содржи месо, риба или еквивалент на вегетаријанска храна секој втор ден, што е за 1,2 отсто повеќе отколку во 2022 година. Според истражувањето во 2023 година 22,3 проценти од граѓаните на ЕУ биле во ризик од сиромаштија, што е зголемување за 2,6 отсто во споредба со 2022 година. Најголем дел од граѓаните кои не можат да си дозволат соодветен оброк е забележан во Словачка со 45,7 проценти, потоа Унгарија со 44,9 отсто и Бугарија со 40,2 проценти. Додека во Ирска 4,2 отсто, на Кипар пет отсто и во Португалија 5,9 проценти од граѓаните не можеле да си дозволат пристоен оброк.

-Медиумските извештаи дека Русија планирала атентат на извршниот директор на германскиот производител на оружје "Рајнметал" се базираат на „лажни“ информации од анонимни извори, соопшти денеска Кремљ. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека извештаите доаѓаат од анонимни извори, дека не содржат „сериозна документација“ и дека затоа „не можат да се сфатат сериозно“, пренесува Радио Слободна Европа. Си-Ен-Ен и Њујорк Тајмс вчера објавија дека американските разузнавачки служби откриле дека Русија планира атентат на извршниот директор на „Рајнметал", која произведува артилериски гранати и воени возила за Украина. Си-Ен-Ен во својот извештај се повика на пет неименувани американски и западни функционери, наведувајќи дека САД за сето тоа ја информирале Германија, чии безбедносни служби успеале да го заштитат Папергер.

-Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) денеска соопшти дека околу 6.400 Палестинци кои се водат како исчезнати од избувнувањето на војната во Газа сѐ уште не се пронајдени. „Се верува дека многумина се заробени под урнатините, погребани без идентификација или се во израелски притвор. Од април се регистрирани 1.100 нови случаи“, соопшти МКЦК, пренесува Гардијан. Портпаролката на МКЦК, Сара Дејвис, изјави дека војната во Појасот Газа целосно ја нарушила комуникацијата.

-Капацитетите за производство на енергија со помош на ветер и Сонце во изградба во Кина сега се речиси двојно поголеми од остатокот од светот заедно, според извештајот на „Глобал енерџи монитор“. Истражувањето објавено од организацијата покажа дека Кина има 180 гигавати соларна енергија во изградба и 15 гигавати енергија од ветер. Тоа го носи вкупниот капацитет на ветер и сончева енергија во изградба на 339 гигавати, многу над 40 гигавати во изградба во САД.

-Светот на крајот на 21 век ќе има 200 милиони луѓе помалку отколку што се очекуваше претходно, според извештај на ОН во кој се истакнува драматичното влијание на намалувањето на стапката на наталитетот врз глобалната популација. Во новото издание на извештајот „Перспективите на светската популација“, кој ОН го објавуваат на секои две години, се наведува дека светското население ќе порасне од 8,2 милијарди во 2024 година на максимумот од околу 10,3 милијарди во 2080 година, за потоа да се намали на околу 10,2 милијарди на крајот на векот. Во претходното издание на извештајот, од 2022 година, се предвидуваше дека глобалната популација ќе достигне максимум 10,4 милијарди во 2080 година и ќе остане на тоа ниво до 2100 година.

 

Остани поврзан