• четврток, 11 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

11 јули 2024

Куманово - На граничниот премин Табановце во периодот од 10/ 11 јули годинава од полноќ до 08:30 часот утрово, излез оствариле 1.353 патници, а влез 3.536, соопшти денеска МВР. Зголемен е бројот на патници и возила во овој период со оглед на годишните одмори. Полицијата, велат од МВР ги презема сите мерки и активности, со цел да излезе во пресрет на сите патници и возила кои го користат овој граничен премин и се ангажираат дополнителни сили, се стават во функција сите расположливи сообраќајни ленти.

- Со оглед на годишните одмори и летниот период нормално е и очекувано да имаме зголемен број на патници и возила имајќи предвид дека Република Северна Македонија се користи како транзит земја за туристите на кој крајна дестинација им е Грција, a во овој период имаме и наплив од дијаспората која доаѓа во државата. Согласно ангажманите односно ангажирањето на поголем број на полициски службеници за пасошка контрола се обидуваме времето за пасошка контрола да биде сведено на минимум време за чекање, велат од МВР.

Туристите кои претпладнево ја поминуваа границата кажаа дека чекаат по 15 до 20 минути, што и за нив е изненадувачки брзо и ефикасно, бидејќи велат свесни дека е ек на туристичката сезона и самите очекуваат метеж на граничните премини, патарините. 

 

Куманово - Зголемен е број на интервенции во кумановската Итна помош, соопштија денеска надлежните лекари. Оттаму велат дека интервенираат за 30 до 40 проценти повеќе во однос на пролетниот период.

- Имаме често интервенции на колабирања. Особено внимание треба да обрнат и здравите, работоспособните луѓе. Не треба да се преценуваат и да излегуваат непотребно во периодот од денот кога е најтопло. Кога веќе се на работни места треба да се освежуваат со вода, да направат паузи, да внимвааат на себе, изјави доктор Валентина Тодоровска од Итна помош Куманово.

Хронично болните треба да ја земат пропишаната терапија, возрасните да излегуваат најдоцна до 10 во утринските часови после 17 часот.

Денеска и екипите на Црвен крст Куманово спроведоа активности за превенција и заштита на здравјето на граѓаните на поради високите температури волонтерите денеска излегоа на терен и поделија 310 мали шишенца со вода и летоци, дизајнирани од нив во кои на граѓаните им се прикажани совети за заштита од високите температури.

-Целта на акцијата која е во план да продолжи и во текот на наредниот период е да се дадат препораки за ублажување и заштита на населението од топлотен бран, како да постапуваат при високи температури, и да им се укажува на последиците кои можат да влијаат на нивното здравје, велат од Црвен крст Куманово. 

 

Неготино - Локална самоуправа Неготино упати апел до сите што сакаат да помогнат во гаснење на големиот пожар во неготинско, да се пријават во Општината на телефонскиот број 043/361-045. Ваквиот апел е само еден од заклучоците на денешниот состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. 

- Се апелира до граѓаните на општина Неготино да не се движат кон населените места Калањево, Бела Вода, Липа, Брусник, Пештерница и околните места, се вели во заклучоците. 

Меѓу заклучоците се и тие, да се изврши активирање на доброволните противпожарни друшта на општина Неготино и општина Демир Капија, да се обезбедат и дистрибуираат потребните количини на вода за пиење и храна до спасувачите на терен.

 

Штип - Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип го објави Конкурсот за упис на студенти во прва година за академската 2024-2025 година, информираа на денешната прес конференција ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски и проректорите, Мишко Џидров и Зденка Стојановска.

Џидров истакна дека Конкурсот е објавен на веб страницата со линк за пријавување на идните студентите на една од околу 80 студиски програми на 12 Факултети и три уметнички академии.

-Слободни места има за повеќе од 3.900 студенти во државна квота, во квота со кофинансирање и во вонредната. Сите студиски програми се веќе достапни на нашиот интернет сајт, кандидатите можат да влезат и да ги видат студиските програми, да видат со кои професори ќе можат да работат, а во текот на овие денови можат да аплицираат. Сето тоа може да се направи он лајн, порталот е отворен, со неколку клика можат да направат свој профил и да ги внесат своите податоци, вели Џидров.

Посочува дека втората фаза опфаќа од 5 август идните студенти ќе можат и лично да ги достават потребните документи за упис на избраниот Факултет или Академија.

-Прв уписен рок од 20 август до 23 август, вториот е на 5 и 6 септември, а третиот на 18 и 19 септември. Со тоа го заокружуваме уписниот рок и од 1 октомври почнува академската година, вели Џидров.

 

Тетово - Јавното претпријатие за водовод и канализација „Шар“ од Тетово од денеска почна градот да го снабдува од двата водоснабдителни системи, затоа планинските извори од каде се снабдува стариот систем покажува намалување на издашноста. Поради недостиг на количини на вода од стариот водоснабдителен систем вклучен е и новиот кој вода добива од реката Лешница.

- Поради високите температури се соочуваме и со намалување на издашноста од старите извори на Шар Планина, имаме пад од околу 100 литри во секунда. Од 450 литри колку што произведуваа старите извори пред дваесетина дена, моментално произведуваат 350 литри во секунда. Со 350 литри на овие високи температури коишто се моментално и се очекуваат повисоки дојдовме до констатација дека мора да се интервенираме со пуштање на Лешничкиот систем односно цевководот која ја води вода од река Лешница кон градот Тетово. Така изгубената количина од старите изворите да ја надоместиме и стигнеме на ниво на 450 литри во секунда колку што може и да прифати системот на градот Тетово, информираше Љуљзим Шаќири, раководител на Секторот за водовод и канализација.

За проблеми кај граѓаните со повремени прекини во водоснабдување во претпријатието добиле пријави од повисоките делови од градот на ридовите.

 

Струмица - Во првите шест месеци од минатата 2023 година на подрачје на СВР Струмица имаше 3 жртви во сообраќајни несреќи кои управувале или се превезувале на мотор, а во шесте месеци од 2024 година не е случена сообраќајна несреќа со загинат мотоциклист, што ни дава за право да кажеме дека превентивните активности кои се спроведуваат влијаат на подигање на свеста кај оваа категорија учесници во сообраќајот, изјави портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова при реализирањето на денешната превентивна активност „Носи кацига-вози безбедно“.

Според неа, заради засилените акциски контроли за санкционирање на мотоциклистите во сообраќајот намален е бројот на возачите кои не користеле заштитна кацига.

-Во јуни оваа година на подрачје на Струмица се санкционирани 66 возачи кои не користеле кацига, а лани истиот месец година бројот на санкционирани возачи кои не носеле кацига бил 45, рече Трајанова.

На денешната превентивна активност преку делење летоци со едукативна содржина полициските службеници и советниците од Републичкиот совет за безбедност на патниот сообраќај (РСБСП) ги потсетуваа возачите на мотори, мопеди, но и на возачите на електрични тротинети да ја зголемат својата безбедност, односно дека носењето кацига може да го спаси нивниот живот.
Превентивната активност ја организираа СВР Струмица во соработка со Републичкиот совет за безбедност на патниот сообраќај и Мото асоцијација на Македонија на МК Клубови.

 

Велес -  Во СВР Велес синоќа во 21:40  часот било пријавено дека на улица „Вардарска“ во Велес, мопед „џонвеј“ со велешки регистарски ознаки, управуван од малолетник, удрил во тротоар и паднал на коловозот. Како што информираа денеска од СВР Велес, во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетна сопатничка, а возачот на мопедот се здобил со телесни повреди, констатирани во болница во Велес.

Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.

Како што информира за МИА, Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес,малолетната 16 годишна  сопатничка на мопедот во Ургентниот центар на  велешкатаОпшта  болница со возило на Итна помош била донесена околу 22 часот. По направената  компјутерскатомографија на глава дежурниот тим на лекари констатирале  повреди на главата и фрактура на носна коска. Поради сериозноста на повредите со медицинско возило од болницата  била однесена на понатамошно лекување во Скопските Клиники „Мајка Тереза“.

 

Вевчани - На територијата на општина Вевчани во понеделник ќе се врши адултицидна дезинсекција за уништување на возрасните комарци.

Третманот против возрасна форма на комарци, според информацијата на Општина Вевчани, ќе се изврши од земја со употреба на УЛВ машина прикачена на пик ап возило. Ќе се користи препаратот Кулфак 50 ЕЦ.

Градоначалникот Спасе Кочовски информира дека ќе се прска околу Вевчанските извори, по течението на Вевчанска река, околу пречистителната станица и вештачкото езеро Јанков камен, како и на улиците „Стружанка – Здравствен дом – Сред село“, „Стружанка – Сред село – Вевчански извори“, „Бералиште – Даскалој – Чочорој“, „Пазариште – Варвара – Фарма“ и „Трансформатор – Бубаној – Јанков Камен“.

Третирањето, како што појасни, ќе биде изведено после 20 часот до раните утрински часови, само под добри временски услови поради ефикасно извршување на третманот.

Доколку, временските услови не дозволат да се спроведе третманот на дезинсекција, тогаш ќе биде одложена за наредниот ден или за некој друг ден со поволни временски услови. 

 

Дебар - Во сообраќајна несреќа што се  случила по полноќ во Дебар со тешки телесни повреди се здобило момче, кое управувало моторцикл.

- Денеска  во 00.38 часот, на крстосницата од улицата „Хасан Приштина“ и „Медат Цами“ во Дебар се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген туарег“ со германски национални ознаки, управувано од Е.З.(37) од с.Беловиште, гостиварско и мотоцикл „хамачи“ со дебарски регистарски ознаки, управувано од Е.Е.(18) од Дебар, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Според него, во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, а со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило, констатирани во Општата болница со проширена дејност во Дебар.

Увид извршила увидна екипа од Оодделението за внатрешни работи Дебар.  

Низ улиците во градот има голема фрекфренција на моторциклисти, кои не само што се движат со голема брзина, најчесто не носат гациги.

Остани поврзан