• четврток, 11 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  10 јули 2024

 

Велес - Новиот заменик генерален директор на ЈП Национални шуми, Кире Михаилов изјави за МИА дека претпријатието од страна на претходниот раководен тим е оставено во катастрофално лоша финансиска состојба, односно пред колапс со блокирана сметка од УЈП, со нерегистрирани возила, а и регистрираните се расипани и не можат да се користат.

Тој потенцира дека уште позагрижувачко е што претходниот раководен тим здравствено не ги осигурил вработените, и како што рече, поради тоа оправдано е што вработените во  тимовите за гаснење на пожари одбиваат да гаснат пожари, бидејќи во случај да се здобијат со изгореници или други здравствени проблеми не ќе можат да се лекуваат.

Според него, добра вест е што од  вчера  ЈП Национални шуми од Макпетрол ги добиле првите количества на гориво кои ќе биде наменети исклучиво за возилата вклучени во гаснење на пожари, а засега гориво е доставено само во оние Подружници на ЈП Национални шуми во земјава каде Макпетрол има бензиски пумпи.

-Никогаш не било вака во ЈП Национални шуми. Не знам како дозволија претпријатието да го остават во ваква катастрофална  состојба и неподготвено, а кога доаѓаат жештини со големи пожари, потенцира Михаилов.

Во врска со пожарот во велешко, меѓу селата Караслари и Црквино во месноста викана Венуле, Михаил вели дека за жал состојбата е иста и во Подружницата „Бабуна“ во Велес каде сите возила за на терен се нерегистрирани, а единственото регистрирано возило „Дастер“ е расипано.

-Тоа значи дека ЈП Национални шуми во Подружницата „Бабуна“ во Велес“ нема спремно ниту едно возило за терен. Воедно првично според сознанијата од терен од колегите од Подружница „Бабуна“ од Велес пожарот засега  и не е во шумско земјиште, туку во неуредена површина, појасни Михаилов.

Тој нагласи дека како заменик заедно со генералниот директор на ЈП Национални пуми, Здравко Трајанов прават големи напори во координација со Владата за излез од ваквата тешка финансиска состојба и за нормализирање на работата. Тоа ќе биде  пред се’ во  насока на заштита на шумите од пожари и други штети, како и за здравствено осигурување на вработените и регистрација на возилата и другите најнеопходни  потреби.

Воедно ова е одговор на обвинувањето на Горан Стојановски раководител на Сектор за операции и координација (СОК)  во Центарот за управување со кризи дадено за медиумите дека за пожарите во велешко биле известени во ЈП Национални шуми ШС „Бабуна“ Велес, но бидејќи вработените не биле осигурани, немале горива за возилата, истите не биле исправни и регистрирани не излегуваат на терен да го гаснат пожарот.

Виница – Шефот на Делегацијата на Европската Унија амбасадорот Дејвид Гир денеска ја посети Општина Виница, при што оствари средба со градоначалникот Миле Петков и со членовите на општинскиот Совет, на која се разговараше за економските можности и природните потенцијали со кои располага општината, како и за финансиските капацитети за реализација на тековните проекти, со посебен акцент на оние што се реализират со поддршка од ЕУ.

Евроамбасадорот Гир изрази задоволство од постигнатите резултати во развојот на локалната инфраструктура и создавањето услови за економски развој во општината.

-Од фондовите на ЕУ има определено финансиски средства за поддршка на различни проекти во Виница, а тоа пред сè ја вклучува успешната реализација на проектот за третирање на цврст отпад и на атмосферските води со колекторот на канализациската мрежа кој што треба да се поврзе со главната пречистителна станица. Исто така, проект којшто е финансиран од ЕУ е обезбедувањето услови за вдомување на ромското население тука во Виница. Со претставниците на општинскиот Совет имавме навистина многу интересна размена на гледишта и поразговараме за геополитички прашања. Имавме можност да слушнеме од прва рака од нивна страна кои се прашањата коишто им се важни на граѓаните тука во Општина Виница и за евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија, истакна евроамбасадорот Гир.

Градоначалникот Петков изнесе подетални податоци за степенот на реализација на одредени проекти во општината, како и за проблемите околу регионалниот систем за управување со отпад, односно изградба на регионалната депонија во Источниот и Североисточниот регион.

-На средбата со амбасадорот на ЕУ разговаравме и за најновиот договор од Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, со кој ќе се обезбедат европски средства за уредување на кејот на Градишка Река која што поминува низ централното градското подрачје на Виница. Овој, и другите проекти се значајни за нас затоа што не само што решаваат важни инфраструктурни проблеми на граѓаните, туку придонесуваме и кон развој на демократските процеси во самата општина, истакна Петков.

Во рамки на престојот во Виница, евроамбасадорот Гир го посети основното училиште „Славчо Стојменски“, а имаше и средба со претставниците на невладините здруженија на локално ниво. Под мотото „Прашај го амбасадорот“ за попладне е предвидена дебата со граѓаните на Виница. 

Куманово - Почна реконструкцијата на поранешните простории на Државен архив – Куманово, во склоп на занаетчискиот дом, информираше денеска градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Во внатрешноста се спроведува санација, адаптација и се реконструира од некогашниот архив. За реализација на проектот општината од буџетот одвои 9.097.375 денари со данок на додадена вредност. Како што е наведено на системот за јавни набавки, претходно избраната компанија го добила тендерот и за поставување на заштитно скеле за одржување на безбедноста на минувачите, за што од буџетот беа одвоени 899.514 илјади денари.

Внатрешноста се реконструира со претходно добиено одобрение од Министерство за транспорт и врски, бидејќи се работи за објект за посебно значење од градот, споменик на културата, со претходно одобрено конзерваторско одобрение, информираа претходно од секторот за урбанизам од општина Куманово. Тие појаснуваат дека автентичноста целосно ќе се задржи во внатрешноста, ќе се промени водоводна и електрична инсталација, ќе се адаптира дел од просторот за поголема функционалност.

Претходно, во 2016 беше санирана внатрешноста на објектот трите ката преку проект на центарот за развој на североисточниот плански регион и преку средства обезбедени од општината. Со приближно 20 милиони денари се санираше внатрешноста, се менуваше столаријата, изолацијата, затоплувањето, се заменија санитарните јазли, електричната инсталација.Домот на занаетчиите е дело на рускиот архитект Владимир Антонов, изграден по иницијатива на занаетчиите, а пуштен во употреба 1930 година. Објектот е еден од најрепрезентативните, белег на Куманово. Изграден во периодот помеѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град. На иницијатива на занаетчискиот еснаф, во декември 1923 година била донесена одлука за активирање на фонд за изградба на домот. Камен темелник на занаетчискиот дом бил удрен при крајот на мај 1930 година, во време на светска економска криза. Објектот бил изграден за шест месеци, а на свеченото пуштање во употреба на 21 ноември 1930 година, била организирана свеченост со присуство на претседателот на тогашната Влада на Кралството Југославија. 

Скопје - Градежни активности за реконструкција на неколку сообраќајници се одвиваат во населбите Пржино и Црниче. Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски изврши увид на потегот со вкупна површина од 4800 квадратни метри кои ги опфаќа краците 1, 2 и 3 на улицата “Мариовска”, како и улиците ”Баница” и “Кратовска”, информираат од Општина Кисела Вода.

-Денеска започнуваме со градежен зафат за реконструкција на неколку улици во населбата Црниче, конкретно “Баница” и “Кратовска”, со површина од 3300 квадратни метри и крaците 1, 2 и 3 на Улицата “Мариовска” во Пржино, со опфат од околу 1500 квадратни метри. Повеќе од 30 години овие сообраќајници никој не ги реконструирал, што е евидентно од состојбата во која во моментов се наоѓаат. Јас, како градоначалник досега многупати имам кажано дека нема да има заборавени улици, заборавени населби и дека до крајот на мојот мандат сите улици бидат асфалтирани. Граѓаните се оние кои ми ја дадоа довербата која планирам целосно да ја оправдам, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Овој проект, додал тој, е уште една потврда на кажаното и уште еден чекор напред во обновата на патната инфраструктура на општина Кисела Вода. 

Прилеп - Во прилепскиот Основен суд денеска по трет пат се одржа судското рочиште на кое жителите на прилепско Оревоец бараат времена мерка против ископот што го прави „Бехтел и Енка“ до нивното село.  Ископите, сметаат, ги загрозуваат здравјето на жителите, животната средина и имотите, а жителите протестираат повеќе од два месеца.

Според адвокатот, Жаре Стеваноски, застапник на жителите, на рочиштето на кое конечно се појавиле застапниците на „Бехтел и Енка“ и на ЈП за државни патишта, сите страни ги изнесле своите аргументи, но тужените немале ниту документација, ниту дозволи за изведувачките работи. Не е направен елаботерат за заштита на животната средина ниту откако во април надлежното министерство побарало, а нема ниту елаборат за рударски ископувања, ниту Б-интегрирана дозвола.

-Застапниците на „Бехтел и Енка“ и на ЈП за државни патишта неаргументирано ги изнесуваа своите ставови иако од нив, експлицитно, беше побарано на рочиштето да достават докази за поседување соодветни одобренија, лиценци, дека не постапиле соодветно по одлуки на Министерството за животна средина. Имаше само паушални аргументи за важноста на проектот дека е од јавен интерес, дека е за добро на граѓаните, иако таквите наводи не беа поткрепени со ниту еден материјален доказ. Очекуваме од судот да биде донесена времената мерка која ја бараме, пред сѐ, поради непочитување на Законот за јавен интерес. Апелираме што побрзо да се донесе оваа мерка за ние во натамошниот тек во постапката да докажеме дека не смее да се повтори еден ваков проект, односно да има проекти, но да не се одразуваат на штетен начин врз месното население и животната средина, изјави Стеваноски.

Судот оставил рок до петок да се поднесат извештаите за трошоците во постапката и се очекува одлуката да ја донесе во почетокот на наредната недела. „Бехтел и Енка“ укажале дека во друга постапка жителите може да си бараат надомест за штетата.

-Тие нудат пари за надоместување на штетите, но немаа одговор на прашањето колку пари вреди еден човечки живот во случај на евентуално рушење на објектите врз жителите и колку чини здравјето на луѓето, рече Стеваноски.

Жителите на Оревоец се категорични дека нема да се откажат од протестите иако имаат големи притисоци и навредени се од понудата да им се исплатат отштети.

- Незадоволни сме зашто од нас побараа да кажеме која е нашата материјална штета. Сакаат да не исплатат, а нематеријалната штета е голема: ни се загади воздухот, ни се загади почвата, пробија еден извор со вода, вршат репресија врз селаните, провоцираат, снимаат, едноставно сакаат да има кавга, да биде инволвирана полицијата. Не се откажуваме од протестите. Се надеваме дека судијката ќе биде на страната на правдата, на народот, рече Рубин Рујаноски, жител на село Оревоец.

Жителите се жалаат дека конзорциумот се однесувал спрема нив насилнички и сакале, едноставо, да ги исплатат.

-Се однесуваат насилнички, нудат само да нѐ исплатат. Нѐ снимаат, нѐ третираат како животни. Ние само порачуваме дека си ги браниме домовите и никаде не отидовме на туѓо. Тие се дојдени и нѝ го уништуваат живеењето, рече Дејан Ачкоски, жител на Оревоец.                                                .

Жителите бараат и Уставниот суд да се огласи по нивната иницијатива за оценување на уставноста на проектот и ископите. 

Куманово - Актовка оставена на улица на тротоар вознемири жител на улицата „Доктор Рибар“ во Куманово. Лицето пријавило во полиција мислејќи дека е сомнителна, а полицијата востановила дека се работи за празна актовка, соопшти денеска СВР Куманово.- Денеска во 09: 46 часот во СВР Куманово Н.И. од Куманово пријавил дека на улицата „Доктор Рибар“ во Куманово пронашол актовка, која изгледала сомнително. Полициските службеници од СВР Куманово веднаш го обезбедиле местото и по извршените проверки било утврдено дека се работи за празна актовка, соопшти полицијата. 

Струмица - Топлотниот бран, со температури до 40 степени Целзиусови, пред време ќе собере дел од градинарското производство во Струмичко. Според градинарите и експертите, на удар најмногу се културите на отворено, како што е бостанот и доматите засеани под пластеници.

Градинарите велат дека веќе бележат штета кај доматите во пластениците, бидејќи под влијание на топлината се случува цветот да се исфрли, а кај плодовите, кои се во фаза на зреење, доаѓа до згрчување.

- Најважно е навреме да се преземат мерки со поставување на заштитни мрежи и да се врши засенчување, а наводнувањето да се врши во вечерните часови, вели Ристо Велков, земјоделец од село Василево.

Според него, засега на топлотниот бран е отпорна пиперката, но треба да се внимава и со нејзиното одгледување во вакви услови.

Експертите посочуваат дека климатските промени од година во година се повеќе го
погодуваат земјоделското производство.

- Покрај штетите во пластеничкото производство, каде температурата во текот на денот достигнува и над 60 степени Целзиусови и затоа културите не можат да врзат цвет и да се формира плод, големи штети има и кај овошните насади и лозјата. Според најавите топлотниот бран ќе трае и во наредните денови и тоа може да предизвика уште поголеми штети, смета д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.

Ескпертите советуваат земјоделците да се придржуваат кон пропишаните мерки за заштита, бидејќи топлото време е идеално за развој на болести.

Освен со топлотниот бран, земјоделците од регионот се соочуваат и со штети предизвикани од невреме проследено со град, како што беше на 2 јули кога настрадаа посеви во валандовско и гевгелиско.

Куманово - Секторот за даноци и такси при општина Куманово, денеска ги информираше даночните обврзници дека ќе почне со дистрибуција на опомени за неплатени даночни долгови, информираа денеска од општина Куманово.

- Секторот за даноци и такси при општина Куманово ги известува сите даночни обврзници дека во наредниот период ќе се врши дистрибуција на опомени за неплатени даночни долгови, по основ данок на имот за правни лица за 2023 година и долг по основ утврдена комунална такса за назив на деловна просторија за 2023 година. Граѓаните се должни да постапат по истите, односно во дадениот рок да ја намират обврската, во спротивно ќе се постапи по законските одредби и ќе се врши присилна наплата, информираа од општината

Во моментов тече дистрибуцијата на решенијата за данок на имот за физички и правни лица за тековната 2024 година. Дистрибуцијата ја спроведува дистрибутерот АД за поштенски сообраќај пошта на Северна Македонија.

- Во случај даночниот обврзник веќе да ја има исплатено даночната обврска, односно го платил утврдениот данок за имот, применото решение да не се зема предвид, додаваат од општината.

За сите дополнителни информации граѓаните можат да се обратат во просториите на секторот за даноци и такси при општина Куманово, спроти градскиот стадион во поранешна зграда на „Козјак“ секој работен ден и на електронска пошта. 

Дебар – Во дебарското село Долно Косоврасти во тек на реализација е проектот „Да му дадеме нов лик на центарот на селото“, што е еден од најголемите по обем и финансии што се спроведува во целост од месната заедница. 

- Наша цел е селото да добие современ паркинг со бекатон плочки на површина од 300 квадратни метри. Покрај паркингот ќе бидат засадени повеќе од 15 разни дрвца, кои  ќе бидат вистински „крвоток“ во центарот на селото. За проектот да биде комплетен и да овозможи вистинска релаксација ќе биде изграден модерен летниковец, во форма на осмоаголник. Исто така за најмладите планираме да се постават неколку детски реквизити, информираа од месната заедница.

Имајќи ја предвид големината на проектот, додаваат,  истиот ќе се спроведува во повеќе фази, односно доброволни работни акции, при што дел се веќе реализирани. 

- Крајниот рок за завршување на проектот е зависи од вклученоста на жителите во истиот. По завршување на проектот ќе споделиме подетални информации за тоа кој и на каков начин придонел за реализација во овој проект. На сите кои досега се вклучија изразуваме голема благодарност и апелираме и до останатите да се вклучат во оваа значајна активност, посочуваат од месната заедница.

Со залагање на месната заедница а со поддршка на општина Дебар неодамна беше обновен детскиот парк во селото, кој се наоѓа во кругот на ООУ „Ристе Ристевски“, а реализирани се и повеќе еколошки акции во селото и брегот на Радика.

Скопје - ЈП Комунална хигиена-Скопје остро реагира на информацијата од градоначалникот на општината Кисела Вода дека е поднесена прекршочна пријава против Претпријатието.

Нашите очекувања беа дека досега ќе бидат поднесени пријави против прекршителите на Законот за јавна чистота што секојдневно ја загадуваат животната средина и го загрозуваат јавното здравје преку несовесно и непрописно одлагање огромни количества отпад на јавни површини. За жал, досега не сме слушнале дека инспекциските служби при општината реагирале, фгопоменале или казниле некој од овие прекршители.

Ве молиме да престанете со валканите политички игри, ниските удари и обидите да го компромитирате Претпријатието.

 

 

Остани поврзан