• среда, 17 јули 2024
МИА Општински пул

9 јули 2024 

Дебар - Општина Дебар информираше дека успешно е завршена втората фаза од дезинсекцијата против комарци на подрачјето на општината.

-Синоќа успешно е реализирано второто  програмско запрашување против комарци на подрачјето на Општината, што е во рамките на годишната програма за 2024 година за заштита на населението од заразни болести. Оваа активност е насочена кон спречување на штети и здравствени ризици, како и одржување на хигиената и безбедноста во средината каде што живееме и работиме, информираа од општина Дебар.

Дезинсекцијата беше извршена теренски (од земја) со апарат за УЛВ ладно запрашување. Опфатени беа зелените површини во општината, крајбрежјето на Дебарско Езеро, депониите и пограничниот појас, урбаната населба Дебар, како и останати локалитети предвидени со планот и програмата.

Велес - На сцената на амфитеатарот во Младинскиот парк со стенд ап на Бојан Велевски синоќа стартуваше програмата на годинашното „Велешко лето 2024“, што го организира Општина Велес.

Како што најавуваат од Општина Велес, во  амфитеатарот во Младински парк, во текот на јули и август велешани ќе имаат можност да проследат најразлични настани од областа на културата, спортот, литературата, хуморот, музиката,...

Програмата на „Велешко лето 2024“ се објавува неделно на официјалната веб страница на Општина Велес и на социјални мрежи.

Скопје - Поради дефект на водоводна инсталација на патот за Бардовци кај пералната во населба Злокуќани, без вода од 12:00 часот се корисниците од улица „Скупи“ и потегот од Лепенец до Хидрометеролошки завод, соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.

Штип - „Гласен Текстилец“ до денеска има добиено околу 15 претставки од страна на работници за неклиматизирани автобуси и повисоки температури во погоните, иако сите фабрики се климатизирани. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека најголем дел од претставките се за несоодветна температура во погоните. Посочува дека инспекторите од државниот инспекторат за труд веднаш излегуваат на терен и се прават мерења на температурата во погоните.

-За овој топлотен бран, кој ќе биде и поекстремен инспекторатот да си биде на терен. Потребно е да почитуваат препораките, а особено за работниците кои работат на отворено, односно кои работат на автопатишта, објекти. Тоа се работници кои во текот на целата година имаме случаи смрт на работно место, со најголем број на повреди на работното место, па и дел од нив се и неосигурани, вели Ампева.

Таа посочува дека сопствениците на конфекциите во Штип плаќаат за превоз на своите работници на неколку транспортни компании, од кои според исказите на работниците во едни автобуси се вклучува клима, а во други не. Забележува дека работодавците треба да реагираат до трaнспортните компании и да бараат подобри услови за превоз на своите работници од нивните домови до фабриките и во спротивна насока, и тоа во периодот од 14 до 15:30 часот, кога надворешните температури се и над 40 степени, а во автобусите оваа температура е далеку повисока доколку не се вклучени клима уредите. „Гласен Текстилец“ бележи и поплака од работници пред десеттина дена кога имаше топлатен бран во земјава. Поплаката е за во една фабрика во кочанско во која работници колабирале на работните места, поради несоодветна температура во погонот.

Скопје - ЈП Комунална хигиена-Скопје најостро ги демантира наводите на градоначалникот на општината Бутел, којшто на својот фб-профил наведува целосни  невистини поврзани со одржувањето на хигиената во оваа скопска општина.

ЈП Комунална хигиена-Скопје ја информира јавноста дека на територијата на скопската општина Бутел комуналниот отпад континуирано се собира и транспортира без никаков застој, односно во согласност со динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, усвоена од страна на Советот на Градот Скопје. 

Екипите на Претпријатието со месеци наназад се исклучително активни и преку спроведување вонредни активности во оваа скопска општина, каде што само во текот на изминатите десет дена се подигнати приближно 100 кубни метри отпад од повеќе диви депонии, лоцирани на булеварот Босна и Херцеговина – во близина на СУГС „Зеф Љуш Марку“ и кај социјалните згради, на улицата Радишанска – на двата влеза и кај Спортската сала, како и на слепата улица Цетинска.

Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски ги додели првите решенија на граѓаните кои имаа поднесено барање за добивање еднократна парична помош за купување инвертер клими или соларни панели.

Оваа мерка е дел од Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани на Општина Илинден за 2024 година. Износот кој го доделува Општината како финансиска помош изнесува 50% од сумата за која е купена инвертер климата или соларниот панел, односно  до максимум 10 илјади денари по производ, информираат од Општина Илинден.

Како што потенцира  градоначалникот, Александар Георгиевски, целта е да се  стимулираат граѓаните на Општина Илинден (домаќинствата) за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување или ладење на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината.

Куманово- Расте интересот кај кумановските ученици за упис во средно стручно образование, информираа денеска од секторот за образование од општината Куманово. По завршувањето на второто пријавување во петте средни училишта на подрачје на Куманово за учебната 2024/25 година запишани се 878 ученици.

- Голем е интересот последниве години за упис во стручните училишта, за што говори фактот дека во стручните се запишани 561, што речиси е двојно повеќе во однос на гимназиското каде се запишани 317 ученици. Ова не се конечни бројки. Tие ќе бидат објавени по 21 август кога е пријавување за ученици упатени на поправен испит, испит на година или испит за брзо напредување, тогаш ќе ги има конечните резултати, изјави раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ.

Тој смета дека кампањата на МОН „Учи паметно работи стручно“ дава резултати. Дуалните паралелки кои овозможуваат поголем фонд практична настава ја користат учениците кои сакаат да ги усовршат знаењата и вештините за одредена струка. Во средното техничко училиште „Наце Буѓони“ се запишале 368 ученика и на македонски и албански наставен јазик. Во „Перо Наков“ настава ќе следат 193 ученика на македонски и албански наставен јазик. Во гимназијата „Гоце Делчев“ запишани се 175 ученика на македонски, има една билингвална и една паралелка на српски јазик. Во гимназијата „Сами Фрашери“ запишале 142 ученика на албански наставен јазик.

Струмица - Во понеделник Советот на општината треба да донесе одлука за субвенција на домаќинствата за целосно ослободување за надоместокот  за приклучување на гасоводната мрежа во износ од близу 47 илјади денари по домаќинство, изјави денеска градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Според него, таквата одлука се должи на мотивирањето на граѓаните да ги затоплуваат своите домови на гас заедно со досегашната мерка за субвенционирање од 10 денари за секој потрошен кубен метар гас.

-Пет милиони денари годишно ќе определуваме како трансфер до Јавното претпријатие „Струмица гас“, а се што треба да направат граѓаните е да се откажат од затоплувањето со огревно дрво и пелети и да ги заменат со гас. За да добијат субвенција треба да имат платено една фактура и средствата во износ од 47 илјади денари ќе им бидат вратени на нивните сметки и притоа ќе важи принципот  прв дојден, прв услужен, објасни Костадинов.

Скопје - Општина Кисела Вода заедно со општинскиот Црвен крст денеска го започна проектот „Топлотен бран” кој има за цел во топлите летни денови да се заштити здравјето на граѓаните.

На најфреквентните локации, парковите, автобуските постојки во Општина Кисела Вода денеска  мобилни екипи составени од возило на Црвениот крст, медицинско лице-доктор, волонтери, референти од урбаните и месните заедници на територија на општината, на граѓаните им пружаат медицинска помош, совети, делеа шишиња со вода, а исто така и им се укажува помош на оние лица кои имаат потреба за носење до крајната дестинација.

Проектот „Топлотен бран” ќе се одвива во периодот јули – август 2024 година и ќе ги опфати сите месни и урбани заедници од овој дел на Скопје, информираат од Општина Кисела Вода.

Екипите денеска биле во населбите Расадник и Кисела Вода, а за утре е најавена посета на населбата и селото Драчево.

Неготино - Истражувачка работилница со најмладите што посетуваат градинка во Неготино, реализираше денеска регионалното еколошко друштво ,,Ековита". 

Ги запознавме со макро и микро светот, преку набљудување со телескоп и микроскоп. Со соларен телескоп го набљудувавме сонцето во претпладневните часови кога не беше многу топло. Микроорганизми и алги, заеднички  истражувавме преку микроскоп. Особен интерес и најголем впечаток кај нив, предизвика набљудувањето со дигитален микроскоп, на кожата од нивните рачиња и инсекти, појасни Кристина Тодорова, дипломиран земјоделски инженер и долгогодишен активист во ,,Ековита".

Таа додаде дека дечињата од клонот ,,Темјанушка" при детската градинка ,,Фемо Кулаков, имаа можност да се запознаат и со други еко активности на здружението, што имаат за цел подигнување на еколошката свест, за значењето на чистата и здрава животна средина, како предуслов за подобар живот. 

Куманово - Кумановци имаат рок уште два дена да пријават штета од обилните врнежи од дожд и невремето што го зафатија градот и околината последната недела од јуни, информираа денеска од Општина Куманово.

-Се известуваат граѓаните на територија на општина Куманово дека краен рок за пријавување на штети од обилните врнежи од дожд и невремето што беше во изминатиот период е до четврток (11.07.2024 година). Граѓаните кои имаат претрпено штети, треба да поднесат барање за каков вид на штета се работи преку архива на Општината или да се информираат на телефонскиот број 075/273-192, информираа од Општината.

Претходно, оттаму соопштуваат дека биле поднесени 96 барања за претрпена штета од обилните врнежи од дожд и невреме. Најмногу барања се поднесени за штети предизвикани на земјоделско земјиште со насади, недвижен и движен имот.

Штип - Во Штип почнаа да се поставуваат издигнати пешачки премини на места кои се незбезбедни во сообраќајот. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека целта е да се пронајде сообраќајно решение со цел поголема безбедност на пешаците.Вакви премини се поставуваат  на булеварот „Гоце Делчев“ пред Средното општинско училиште(СОУ) „Коле Нехтенин“ и кај основото училиште во населбата Караорман.

-Во консултација со сообраќајните инжинери најавивме дека на одредени точки кои што се небезбедни во сообраќајот ќе биде изготвено сообраќајно решение со кое што ќе се успори сообраќајот на позициите. Една од тие точки е секако пред СОУ „Коле Нехтенин“ каде последователно се случуваа сообраќајни незгоди. Овде се поставија издигнати пешачки премини кои што ќе влијаат на успорување на движењето на возилата, исти такви издигнати пешачки премини се поставени и во населбата Караорман пред основното училиште, вели Јорданов.

Посочува дека пешачките премини ќе придонесат за успорување на брзината на движење на возилата а со тоа и ќе се намалат сообраќајните незгоди.

Карбинци - Општина Карбинци е една од водечките општини во Истокот и во првите 15 општини во државата согласно висината на капитални инвестиции.

Според истражувањата на Институтот за комуникациски студии изминатата година има склучено 33 договори вредни 1 350 000 евра. Споредбено се наоѓа речиси на исто место со Општина Кочани, која има потрошено 1 385 000 евра и има над 24 илјади жители.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, денеска изјави дека ова е доказ оти парите се трошат рационално и за потребите на граѓаните.

-Она што е импозантно за Општина Карбинци како една од помалите општини во државата е дека имаме реализација на некаде 1 350 000 илјади евра во претходната година и некаде околу 30 склучени договори не прави водечка општина, вели Паунов.

Кочани – ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани набави нов ехоапарат со револуционерна ZONE технологија што го прави приказот совршен до најситен детал.

Се работи за уред од марката Mindray Consona N8 што ќе се користи на болничкиот оддел за рентгенологија, но ќе има поширок опфат на пациенти и од другите одделенија. 

-Ехоапаратот поседува три сонди, од кои една конвексна и две линеарни. Наменет е за секаков вид прегледи при уролошко, гинеколошко и кардиолошко дијагностицирање, како и за преглед на мали делови на телото. Дел од техничките предности што ги има се автоматско мерење на дебелината на внатрешноста на ѕидот на артериите, панорамски приказ во реално време, автоматско мерење на волуменот на мочниот меур, совршен приказ при лоцирање на замастен црн дроб, иновативна 3D визуелизација и многу други. Исто така, уредот може да се користи и за преглед на дојки, со што значително ќе се подобри и олесни утврдувањето на одредени аномалии и воспоставувањето дијагноза, истакна Душанка Горгиева Трпевски, директорка на Општата болница – Кочани.

Кавадарци - На Општина Кавадарци и се доделени средства од Владата преку заемот на Светска банка, во износ од 1.112.010 евра, што се реализира од страна на Министерството за транспорт и врски, а со цел подобрување на локалната патна инфраструктура, информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев. 

- Во тек е уривање на стариот асфалт и подготовки за ново асфалтирањето на улица ,,Ѓорѓи Соколов’’ на површина од 3.500 квадратни метри, активност што е во рамки на „Проектот за поврзување на локални патишта’’, соопштија од кабинетот на Јанчев. 

Изведувач на работите e ,,Градба промет".

Велес - Доцна синоќа околу 21 часот, 74 годишниот  велешанец Ј.Д.со викенд куќа во село Бањица, Општина Чашка, во дворот кај чешмата, бил каснат на ногата од змија поскок. Неговото семејство во интерес на времето веднаш со автомобил тргнале кон велешката болница и притоа се  јавиле во службата за  Итна помош. Тој на патот кај село Клуковец бил преземен од екипа на Итна медицинска помош и веднаш му бил даден змиски противотров и му била укажана медицинска помош, по што итно  бил однесен во Ургентниот центар на велешката Општа болница, информира за МИА, Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница.

Тој синоќа по укажаната лекарска помош бил задржан во Одделението за Интерни болести при велешката Општа болница, а изутрината повторно  бил прегледан од д-р инфектолог  кој констатирал дека пациентот е во добра состојба и го испуштил на понатамошно домашно лекување.

Андова  информира дека оваа е трето каснување од змија во велешко за само десетина дена. Претходно, двајца велешани во село Војница била каснати од змии кога го копале лозјето и наишле на змиско гнездо, по што на настраданите од лекарски екипи на Итна помош  веднаш им била укажана прва помош со змиски противотров и потоа исто така  биле донесени во велешката Општа болница.

Делчево - Во Делчево се одржа најавениот состанок со жителите на село Ѕвегор за решавање на проблемот со водоснабдувањето. Состанокот по собирањето на потребните потписи од жителите го одобри градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој по завршување на средбата излезе со заклучок дека потребна е итна средба со претставници на Министерството за транспорт и врски кои се  договорен орган за извршување на градежните работи за приклучување на селото на новиот водоводен систем.

-Сите сме согласни да закажеме состанок со Министерството за животна средина, да им укажеме со што се соочуваат жителите и да видиме на кој начин со Министерството како договорен орган вој проблем може да се реши, рече Трајковски.

Горан Гошевски, жител на село Ѕвегор кој во име на потпишаните граѓани заедно со двајца други претставници учествуваше на собирот стравува дека целосното решавање на проблемот ќе се оддолжи до есента.

Остани поврзан