• четврток, 18 јули 2024
МИА Радио флеш

10 јули 2024

-Премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон, заедно со претседателите на Влада на Република Албанија Еди Рама и на Република Црна Гора Милојко Спајиќ оствари средба со сенаторката Џин Шајин и сенаторот Том Тилис и членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО. Мицкоски, како што информира владината прес-служба, посочи дека балканскиот регион помина тежок период на предизвици и промени кои покажаа дека соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства на граѓаните единствено им носи подобар живот. Тој истакна дека блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните.

-Министерот за транспорт Александар Николоски во денешната изјава за медиуми рече дека приоритет треба да е Коридорот 10, бидејќи носи пари и профит во државава. Според него, тоа е првиот коридор што треба да го развиваат заедно со „Македонски железници - инфраструктура“, а со „Македонски железници - транспорт“ да создадат услови, добрата што минуваат низ земјава да поминуваат ефикасно и побрзо, патниците да имаат поефикасна услуга.  - Дефинитивно моја заложба број еден, ќе биде и да работат домашни компании, да се вработуваат луѓе од државата и средствата коишто Македонија ги инвестира во инфраструктура да остануваат во Македонија, но, уште повеќе знаењето да останува и да се надградува затоа што реализацијата на секој проект, особено големите значи знаење плус, искуство плус, а после со тоа знаење и тоа искуство, да сме компетитивни надвор. Факт е дека во последните години, за жал, Македонија во тој дел заостанува и мора да направиме големи чекори во периодот што следува, рече Николоски пред почетокот на трибината „Развој како услов за опстанок на македонското градежништво“, во организација на Градежниот факултет.

-Народната банка постојано работи на усвојување и спроведување на најдобрите практики и стандарди коишто се повеќе ја приближуваат до Европскиот систем на централни банки. Таа непрекинато го зајакнува институционалниот и аналитичкиот капацитет за поуспешно справување со предизвиците во следните фази на евроинтеграцискиот процес. Овие активности се одвиваат и преку активно учество на Народната банка во програма финансирана од ЕУ за понатамошна поддршка на централните банки и банкарските супервизорски агенции од Западен Балкан, било истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер. На средбата, како што информираат од Народната банка, се разговарало и за засилените активности преземени од Банката во изминатите неколку години, за усогласувањето на домашната правна рамка во платежната сфера со правото на Европската Унија, коишто создале основа во периодот што следи централната банка и формално да го започне процесот за интеграција на земјата во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).

- Предавање на сите ревизорски извештаи досега кои се спроведени во делот на институциите под надлежноста на Министерството за енергетика и договарање на процес на постојана редовна ревизија на сите институции, било договорено на денешната средба на Сања Божиновска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини и главниот државен ревизор Максим Ацески. - Несериозен е однос кон ревизорските извештаи коишто со години забележување и нотирале и згора на тоа информирале за криминал во институциите како што се ЕСМ, МЕПСО, РЕК Битола, а никој не реагирал. Ова веќе ќе престане како пракса, секој што направил криминал или ќе се обиде да направи криминал во делот на енергетиката ќе се мора да одговара. Нема да имам никаква толеранција кон секој оној кој го прекршил законот, изјавила министерката Божиновска на средбата со Ацески, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

-Општина Аеродром и оваа година ќе доделува еднократна парична помош за семејствата чие дете е прваче во едно од основните училишта на територијата на општината во висина од 3 500 денари. Како што информира, рокот за пријавување е од денеска, 10 јули до 30 септември 2024 година. Родителите на првачињата е потребно до архивата на Општината да поднесат потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2024/2025 година заверена од основно училиште од територијата на Општина Аеродром или основно училиште со ресурсен центар, фотокопија од извод од матичната книга на родените за првачето, како и на увид лична карта или патна исправа на барателот.

-Македонско друштво „Илинден“-Тирана утврди Декларација против резултати од пописот во Албанија спроведен од 18 септември до 30 октомври, а во одделни делови продолжен до 16 ноември 2023 година. Во декларацијата стои дека друштвото ги отфрла прелиминарните пописни резултати поради „фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање во внатрешните работи на Албанија од страна на бугарската амбасада во Тирана, Владата во Софија и неколку фондации од Бугарија, пред и за време на пописот". -Во Албанија „етнички Бугари“ нема. Во ниту еден попис не постои макар и еден „Бугарин” на целата територија на Албанија. Исто така најостро ја осудуваме злоупотребата на терминот „северномакедонци“ од Институтот за статистика и употребата на име на земја како супститут за македонската етничка заедница, веќе призната во Албанија, се наведува во декларацијата.

-Во земјите од регионот денеска се активирани црвени или портокалови метео аларми кои предупредуваат на многу високи температури, а метеоролозите повикуваат на почитување на правилата во дадените временски услови. Температурата синоќа беше 30 степени во Дубровник, 29 степени во Сплит, а 28 степени во Риека. Врвот на топлотниот бран во Хрватска е најавен за денеска. Во поголем дел од земјата ќе биде многу топло, а само три хрватски региони Осиек, Карловац и Госпиќ немаат издадено предупредување за екстремно високи температури. Во сите земји од регионот е издадено предупредување за многу висок УВ индекс. Во Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина денеска се очекува температурите да достигнат до 39 Целзиусови степени, а во сила е портокалово предупредување. На повеќе места се очекува и тропска ноќ бидејќи минималната температура ќе се задржи над 20 степени.

-Косовските аспирации за членство во НАТО и поддршката за Косово од страна на Бугарија биле темите на средбата на претседателката на Косово, Вјоса Османи со бугарскиот премиер, Димитар Главчев на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон. Како што соопшти косовското Претседателство, Османи на средбата со Главчев истакнала дека Бугарија е непоколеблив поддржувач на Косово во нејзините напори за зачленување во меѓународните организации. -Во овој контекст се разговараше и за аспирациите на Косово за членство во НАТО и за континуираната поддршка од нашите бугарски партнери, се вели во соопштението.

-Пожарот што синоќа околу 23 часот избувна во населбата Ахарнес во северозападниот дел на Атина и поради ветерот брзо се прошири, зафати и две фабрики за пластика и хартија, од кои едната целосно изгоре, додека пак утрово огнените јазици се ставени под контрола, јави дописничката на МИА од Атина. Од бројот 112 за итни повици, до жителите на околните населби беа испратени две пораки, едната за да бидат во состојба на готовност, доколку е неопходна евакуација, а втората да се заштитат од чадот. Откако пожарникарите во текот на ноќта го гаснеа пожарот, утрово е ставен под контрола и дополнително ќе се проценуваат штетите, а според првичните информации, фабриката за хартија целосно изгорела, додека пак во онаа за пластика сè уште има мали жаришта, а изгореа и неколку автомобили паркирани во близина. 

-Шефот на Канцеларијата на Европската Унија во Косово, Томаш Суниог, на крајот од неговиот мандат на чело на мисијата, изјави дека сака Косово да го продолжи својот пат кон ЕУ, јави дописникот на МИА од Приштина. Преку објава на неговата страница на платформата „Х“, Суниог му се заблагодари на косовскиот народ за гостопримството и му порача дека европската иднина ја има во свои раце. - Како што се затвора ова поглавје за мене, сакам да го видам Косово да го продолжи својот пат кон ЕУ, правејќи ги потребните промени и избори за европско Косово. Европската иднина на Косово е во рацете на косовскиот народ, кому сакам да се заблагодарам што ме прими со добрина и гостопримство, напиша Суниог.

-Победниците на изборите од француската левичарска коалиција Нов народен фронт (НФП) се огласија откако Емануел Макрон одби да го смени актуелниот премиер на Франција, Габриел Атал. Во соопштението што го потпишуваат четири партии од коалицијата, тие го обвинуваат Макрон за „обид за киднапирање на институциите“ и бараат мандат за формирање нова влада. „Долготрајното задржување на Габриел Атал на чело на владата може да звучи како обид за бришење на изборните резултати. Ако тоа е начин да не се предложи личност од Новиот народен фронт за премиер, тоа е било демократски неприфатливо“, се наведува во соопштението.

-Чешката партија за слобода и директна демократија (СПД) објави дека другите екстремно десничарски партии денеска во Европскиот парламент ќе објават создавање на нова група наречена Европа на суверените нации, откако политичката група Патриоти за Европа беше основана во ЕП. Лидерот на СПД, Томио Окамура изјави дека најсилната сила во таа група ќе биде Алтернатива за Германија (АФД), но не прецизираше кој друг би можел да биде член на групата, пренесува Политико, додавајќи дека новата група треба да има барем 23 пратеници од седум различни земји. -Тоа е добра зделка за нас. Програмата на групата е борба против Зелениот договор, миграцијата и исто така против исламизацијата на Европа. Сакаме овластувањата на Брисел да се вратат на национално ниво, рече Окамура.

-Тони Блер го предупреди новиот британски премиер да го „затвори патот“ на популистичката десница со строга контрола на имиграцијата. Поранешниот премиер рече дека новата влада треба да се справи со партиите како што е Реформската партија на Најџел Фараж со справување со основните прашања, додека се држи до центарот за одржување на изборната коалиција на Лабуристичката партија. Реформската партија на минатонеделните избори освои пет пратенички места и 14 отсто од гласовите. Стармер, кој рече дека ќе се спротивстави на популистичката десница со тоа што ќе направи материјална разлика во животите на луѓето, го укина контроверзниот план за префрлање на илјадници баратели на азил од Велика Британија во Руанда и пренасочи десетици милиони фунти од таа програма за создавање на новата команда за гранична безбедност како дел од плановите за борба против илегалната миграција.

-САД ќе и достават Украина системи за противвоздушна одбрана Патриот системи, покрај оние што веќе ги ветија Германија, Романија и Холандија, се наведува во заедничката изјава објавена по повод самитот на НАТО во Вашингтон. Во соопштението се наведува дека заедно со системот САМП-Т обезбеден од Италија, оваа поддршка ќе помогне да се заштитат украинските градови, цивилите и војниците од руските напади. Американскиот претседател Џо Бајден, во говорот на почетокот на Самитот, најави дека САД и сојузници ќе и дадат на Украина дополнително оружје, вклучително и дополнителни системи за противвоздушна одбрана. 

-Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) спречи обид за атентат на украинските специјални служби врз тројца високи руски воени претставници, при што е уапсен еден руски државјанин. ФСБ на Руската Федерација спречи обид на украинските специјални служби да извршат терористички напади врз тројца високи воени лица на Министерството за одбрана на Руската Федерација во градот Москва, се наведува во соопштението. Според ФСБ, украинските разузнавачки служби контактирале со еден од членовите на екипажот на бродот, сугерирајќи му да изврши терористички напад. Тој по наредба на украинската воена разузнавачка служба „организирал испорака преку курирска служба на три експлозивни направи со голема моќност, маскирани како подароци, до адресите на живеење во Москва на началниците на оддели во руското Министерство за одбрана.

-Научниците предупредуваат дека раната појава на ураганот Берил е најава за многу немирна сезона. Најактивниот дел од сезоната на урагани во Атлантски Окен обично почнува до средината на август и врвот го достигнува во септември, но Берил, кој првично беше формиран кон крајот на јуни, се чини дека веќе ја започна сезоната. - Берил го потврдува она за што размислувавме оваа сезона, дека со екстремно високите температури на водата што ги имаме во моментов, би можеле да видиме бури во средината на сезоната, порано од нормалното, изјави експертот за урагани и истражувач од Државниот универзитет во Колорадо, Фил Клоцбах. Температурите на водата во Атлантски Океан повеќе од една година се на историскиот максимум, особено таму каде што потекнува Берил. Топлите океани се главната последица на глобалното затоплување поради загадувањето со фосилни горива, со што се поттикнуваат условите за тропските системи да бидат што е можно поексплозивни и деструктивни.

-Трговијата со оружје меѓу Северна Кореја и Русија е закана за светскиот мир, изјави вчера јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, цитиран од британските медиуми. Според јужнокорејскиот лидер, неопходно е либералните демократии да бидат силни и сојузнички едни со други за да се заштити слободата од „непромислените елементи“. Јун ова го изјави на Хаваите, каде што се сретна со командантот на американската Индо-пацифичка команда, адмирал Самуел Папаро, соопшти кабинетот на јужнокорејскиот претседател.-Северна Кореја е закана за мирот не само на Корејскиот полуостров, туку и на глобално ниво преку нејзината илегална трговија со оружје со Русија, рече Јун. Јужнокорејскиот претседател ги посети Хаваите на пат кон состанокот на лидерите на НАТО во Вашингтон.

 

 

 

 

 

Остани поврзан