• понеделник, 23 декември 2024

Столтенберг: Проширувањето на НАТО ја обедини Европа и го отвори патот за интеграција во ЕУ 

Столтенберг: Проширувањето на НАТО ја обедини Европа и го отвори патот за интеграција во ЕУ 

Брисел, 10 јули 2024 (МИА) - Критичната одлуката за проширувањето на НАТО по Студената војна, како ретко која друга во модерната историја ја промени Европа, бидејќи ја обедини на начин кој претходно беше незамислив, го отвори патот за интеграција во ЕУ и донесе мир и просперитет низ целиот континент, порача генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во обраќањето на свеченоста по повод 75-годишнината од формирањето на НАТО, што се одржа доцна синоќа во рамки на Самитот на Пактот во Вашингтон. 

- Прашањето беше дали сме подготвени да ја отвориме вратата. Некои стравуваа дека проширувањето ќе го разводни и ослабне НАТО и ќе ја провоцира Москва. Тоа не беше лесна одлука и требаше време. Но, на крајот застанавме во одбрана на правото на секој народ да си го избере својот пат и ја отворивме вратата на НАТО, истакна Столтенберг. 

Тој посочи дека пред 75 години овде беше потпишан Вашингтонскиот договор, документот со кој е основан НАТО, од страна на луѓе кои преживеаја две катастрофални светски војни и премногу добро го знаеја ужасот, страдањето и страшната човечка цена на војната, па затоа беа решени тоа никогаш повеќе да не се повтори. 

- Така, тие го основаа НАТО. Со јасна цел да се зачува мирот и да се зачува слободата. Посветеност да се заштитиме едни со други. Еден за сите, и сите за еден. 

Според него, благодарение на Алијансата зачувани се мирот и слободата, што го прави НАТО најуспешниот, најсилниот и најдолготрајниот сојуз во историјата. 

- За да се одврати советската закана, постепено, се појави храбра и контроверзна идеја дека треба да разговараме со нашиот непријател, за да се минимизира ризикот трка во вооружување да излезе од контрола. Чекор по чекор, преку тешки разговори и тешки преговори, беше договорена архитектура на контрола на оружјето, беа уништени се илјадници оружја и беа изградени транспарентност и доверба. Светот стана побезбедно место поради одвраќањето и одбраната, додаде Столтенберг. 

Тој нагласи дека крајот на Студената војна, која заврши „без НАТО да испука ниту еден куршум“, ја доведе Алијансата пред одлука за негово проширување и прифаќање на старите противници како нови сојузници. 

- Тогаш сојузниците покажаа визија и решителност, како што треба да продолжиме и сега. Војната на Русија против Украина е најголемата безбедносна криза во последните генерации. Украина покажа извонредна храброст, А сојузниците на НАТО дадоа поддршка без преседан, рече Столтенберг. 

Според него, иако таа поддршка носи трошоци и ризици, најголем трошок и најголем ризик ќе има ако Русија победи во Украина. 

- Не можеме да дозволиме тоа да се случи. Тоа не само што ќе го охрабри претседателот Путин, туку би ги охрабрило и другите авторитарни лидери во Иран, Северна Кореја и Кина. Сите тие ја поддржуваат бруталната војна на Русија. Сите тие сакаат НАТО да пропадне. Значи, исходот од оваа војна ќе ја обликува глобалната безбедност во наредните децении. Времето да се залагаме за слобода и демократија е сега. Местото е Украина, порача Столтенберг.

Тој потенцира дека во изминатите 75 години, трансатлантските односи преживеаја многу бури, но дека сите политички лидери имаат одговорност и во иднина да ја покажат истата храброст и решителност, кои беа покажано во минатото кога беше основан и обликуван НАТО, бидејќи иднината на Алијансата зависи не само од нејзините мажи и жени во униформи.

- Ние сме поврзани не само со интереси, туку и со историја, традиција и вредности. Нашата Алијанса не е совршена и ќе продолжиме да се соочуваме со тешки одлуки во иднина. Не знам каква ќе биде следната криза, но знам дека сме најдобро кога носиме тешки одлуки со политичка храброст и морална одговорност. Знам дека заедно сме посилни и побезбедни, во НАТО. Добро е да имаш пријатели, заклучи Столтенберг во обраќањето. сп/

Фото: НАТО

Остани поврзан