• понеделник, 15 јули 2024
МИА Радио флеш

15 јули 2024

 

 - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска ќе биде во теренска посета на Општина Охрид, каде ќе изврши увид во градба на постоечки и ќе го одбележи почетокот на градба на повеќе други проекти. Како што соопштија од владината прес-служба, Мицкоски ќе присуствува на поставување камен темелник на спортска сала во село Лескоец, Општина Охрид, каде после 30 години, во склоп на ОУ „Ванчо Николески“ започнува изградба на спортска сала со обем од 592 м2, а ќе вклучува повеќенаменско спортско игралиште. Најавен е и увид од страна на премиерот Мицкоски во градежни активности при реконструкција на ул. „ 7-ми Ноември“, на влезот во Битола. Овој проект опфаќа реконструкција на коловозните и тротоарски површини, изградба на нова велосипедска патека, изградба на атмосферска канализација во должина од 700 метри. Вкупната вкупна вредност е над 43 милиони денари.

 

- Отфрлањето на иницијативата на Здружението на судии на РСМ и Судскиот совет на РСМ за поништување на одредбите од Законот за плати на судии од страна на Уставниот суд на РСМ, е скандалозно, неприфатливо и defacto го урива правниот систем  на државата, се наведва во денешното соопштение од Здружението на судии. - Во однос на одлуката на Уставниот суд на РСМ со У.бр. 122/24 и 123/24 по повод иницијативата на Здружението на судии на РСМ и Судскиот совет на РСМ, како Здружение на судии  (ЗСРСМ) ја известуваме јавноста дека согласно чл.108 од Уставот, Уставниот суд е државен орган кој ја штити уставноста и законитоста, а согласно чл. 52 - законите не може да имаат повратно дејствие, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните, велат од ЗСРСМ. Оттаму посочуваат дека како Здружение на судии се разочарани од Уставниот суд кој наместо да ја штити уставноста на законите, се занимава со популизам и носи одлуки кои се директно спротивни на Уставот, притоа создавајќи правна несигурност, со можни далекусежни последици по судскиот систем и правната држава.

 

 - Унијата на здруженија, предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри - „За нас“, околу актуелните случувања на Детската клиника, а „во врска со тврдењата за нестручно однесување на медицинска сестра со новороденче“, денеска ги повика релевантните институции да приложат докази за разрешување на случајот. - Во нашата земја во моментов работат околу 9.200 медицински сестри. Оваа хумана фела одговорно и пожртвувано работи во јавниот здравствен систем и не заслужува да се фрла дамка на сестринската професија поради недокажани инциденти. Затоа од име на Унијата на медицински сестри, упатувам реакција и ја повикувам стручната комисија, јавно да се произнесе со факти и одговорноста да ја насочат кон конкретниот виновник, наведува во писмена изјава претседателката Гордана Бешлиовска.

 

- Над сто парфеми „Гисада“ во вредност од 240 илјади денари се запленети од страна на царински службеници на влез на граничен премин Табановце откако возач на автобус без да ги пријави се обидел нелегално да ги внесе во државата, информираат од Царинската управа.  На прашање од страна на царинските службеници дали има нешто за пријавување возачот изјавил дека носи само лични работи. Притоа извршена била детална контрола при што во багажот во пределот за алати се пронајдени вкупно 106 парфеми за кои што возачот требало да плати увозни давачки во висина од 49 илјади денари.

 

- Во полемиката за придобивките и проблемите од ископувањето литиум што повторно се води во Србија по најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ за можноста од негова експлоатација, се огласи лидерот на опозициската Странка за слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас кој изјави дека литиумот не е српска нафта, ниту може да биде, јави дописникот на МИА од Белград. Тој во емисијата „Без цензура“ на КТВ на Зрењанин објасни дека не му е јасно „каков мозок може да каже такво нешто“, соопштија денеска од ССП. - Земјите кои имаат нафта, ја вадат главно во пустини или како Норвежаните во морето, на десетици километри од брегот. И државите се главно сопственици на тоа богатство, а не некој Рио Тинто. Нафтените компании кои се занимаваат со екстракција на нафта плаќаат огромни даноци. На пример во Норвешка, нафтената компанија плаќа данок од 72 отсто. А кај нас пет отсто. Затоа, не ни кажувајте бајки, рече Ѓилас.

 

 – Во сите земји од регионот и денеска се во сила предупредувања за високи температури поради топлиот африкански бран кој трае со денови, а можен крај и заладување може да се очекува за десетина дена. Прогнозираните температури на воздухот се од 35 до 40 степени, а температурата на морето е висока и се движи од 24 до 27 Целзиусови степени. Локално и за денеска е најавено невреме со грмежи и обилни врнежи од дожд, како што беше и синоќа во осијечко-барањската жупанија каде силен ветер собори дрвја, па интервенираа и пожарникари. Во делови од Босна и Херцеговина денеска температурата ќе достигне 41 степен, главно на југот од земјата, но ќе има и изолирани локални врнежи. Температурата на морето во Неум вчера изнесуваше 29 степени.

 

 - Турција денеска го слави националниот празник, 15 јули, Ден на демократијата и националното единство. Денеска се навршуваат осум години од спречениот обид за пуч организиран ноќта на 15 јули 2016 година од страна на организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен, која е прогласена за терористичка група. Во соопштението на Дирекцијата за комуникации до Претседателството се наведува дека овогодинешните комеморативни иницијативи ќе го истакнат епскиот отпор на турската нација, која се крена да ја брани својата независност и демократија и на тој начин го спречи извршувањето на подмолниот обид за државен удар. Според официјалните податоци, ноќта на државниот удар пред осум години загинале околу 250 луѓе.

 

– Најмалку 19 лица се повредени во пожар на туристички брод во близина на брегот на турското летувалиште Мармарис, од кои тројца се во тешка состојба, соопшти Командата на крајбрежната стража. - Поради пожарот на туристичкиот брод Иглс, евакуирани се 96 патници и шест членови на екипажот, соопшти Командата на крајбрежната стража, пренесуваат турските медиуми. Дрвениот брод долг 20 метри, кој се користи за еднодневни патувања, од засега непозната причина се запалил во 16 часот по локално време.

 

 - Премиерката на Естонија Каја Калас денеска поднесе оставка од функцијата. Оставката ја поднесе до претседателот Алар Карис,откако беше номинирана за висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, пишува естонскиот портал EРР. Се наведува дека кон крајот на летото Калас ќе поднесе оставка и од функцијата претседател на Реформската партија. Калас е премиерка на Естонија од 2021 година и предводеше три последователни влади. Како што е наведено, во тек се преговори меѓу Реформската партија, СДЕ, Еести 200 за продолжување на актуелната владејачка коалиција, а овие преговори во име на реформистите ги води Кристен Михал, кој е предложен за претседател на Реформската партија.

 

– Осум лица се ранети во вчерашното руско гранатирање на јужниот украински регион Херсон, соопшти денеска на Телеграм регионалниот гувернер Олександр Прокудин. Според него, напданите биле Антонивка, Садове, Билозерка, Кизомис, Станислав, Софијавка, Даривка, Микилске, Приднипрвске, Днипровске, Чорнобаивка, Берислав, Тиахинка, Нововоронцовка, Червоњи Маиак, Костирка, Змиивкаил и непријателот Љмивхер. Руската војска нападнала медицинска установа, административна зграда, земјоделско претпријатие, висококатница и 22 приватни куќи. Оштетени се гасовод, доградба и приватни автомобили.

 

– Шансите за постигнување мир се многу поголеми преку преговори, повторно отворање на дипломатските канали и дијалог отколку со испорака на оружје, санкции и стратегија заснована на отфрлање на дипломатијата, изјави вчера шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто. Како што пренесе Еуроњуз, тој за унгарското јавно радио додаде дека „сега на сите им е јасно дека стратегијата на Европа и САД во изминатите две и пол години војна во Украина не дала резултати, иако западните политичари не сакаат тоа јавно да го признаат бидејќи тоа би значело признавање на поразот“. - Санкциите беа пукање во стапало, па во колено, па во гради за европската економија, додека испораките на европско и американско оружје не ја променија ситуацијата на бојното поле и не ја доближија војната до крајот, рече Сијарто.

 

– Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори, Доналд Трамп изјави дека по обидот за атентат во кој беше полесно повреден, целосно го променил говорот што ќе го одржи в четврток, на последниот, четврти ден од конвенцијата на Републиканците во Милвоки и изјави дека ќе повика на нови напори кон национално единство. Трамп во ексклузивно интервју за неделникот „Вашингтон Егзаминер“ изјави дека сака да го искористи историскиот момент и да ја обедини земјата.

 

- Првата дама на САД Џил Бајден телефонски разговарала со нејзината претходничка Меланија Трамп, сопругата на поранешниот претседател Доналд Трамп, објави Ен-Би-Си њуз,повикувајќи се на неименуван претставник на Белата куќа. Како што е наведено, Џил Бајден разговарала со Меланија Трамп во неделата попладне. Разговорот уследи по атентатот врз Трамп во саботата за време на неговиот предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија, кога беше полесно повреден.

 

 – Бројот на загинатите како резултат на нападот со автомобил-бомба во кафуле во сомалиската престолнина Могадишу е најмалку девет лица, објавија странските агенции, повикувајќи се на извори од безбедносните сили. Експлозијата се случила покрај кафе-ресторан преполн со луѓе кои на телевизија го следеле финалето на фудбалскиот шампионат Еуро 2024 година. „Потврдивме дека најмалку девет цивили загинаа, а уште 20 се повредени во експлозијата“, изјави Мохамед Јусуф, претставник на агенцијата за национална безбедност. „Пет лица загинаа надвор од зградата и на главниот пат, вклучително и возачи на автомобили кои минуваа низ областа, а уште четири лица загинаа во кафулето“, изјави Мохамед Салад, претставник на сомалиската полиција.

 

– Комунистичкиот политичар Кадга Прасад Шарма Оли (72) денеска е назначен за нов премиер на Непал. Назначувањето дојде неколку дена откако неговиот претходник Пушпа Камал Дахал загуби на парламентарните избори. Претседателот Рамчандра Паудел го назначи Оли, шеф на Комунистичката партија на Непал, за 14-ти премиер на земјата откако во 2008 година беше укината монархијата стара 239 години. Оли, умерен комунист, потпиша трговски и транзитен договор со Кина за време на неговиот прв мандат како премиер од 2015 до 2016 година, со што стави крај на индискиот монопол врз надворешната трговија на Непал.

 

- Во Руанда утрово се отворени избирачките места за претседателските и парламентарните избори. На изборите се очекува да победи поранешниот претседател Пол Кагаме, лидер на Патриотскиот фронт на Руанда, чие вооружено крило стави крај на геноцидот врз Тутсите во 1994 година. Во 7 часот по локално време беа отворени 2.433 избирачки места, а ќе се гласа до 15 часот. Во Руанда се регистрирани околу девет милиони гласачи. Првите резултати се очекуваат до 20 јули

 

- Угината единка од редок вид китови е пронајдена на брегот на плажа во Нов Зеланд, соопшти во понеделникот тамошниот Оддел за конзервација. Најверојатно се работи за рамнозаб кит (Mesoplodon traversii). Тие се толку ретки што од 19. век, на науката ѝ се познати само шест примери, според властите. Генетските примероци од угинатиот кит се испратени на анализа, но може да минат неколку недели или месеци за да се обработи ДНК-та и да се потврди видот на китот.  Китот долг пет метри, бил пронајден на 4 јули на плажа во близина на Данедин на Јужниот Остров, соопшти менаџерот за операции на Одделот за таа област, Гејб Дејвис.

 

Остани поврзан