• вторник, 16 јули 2024
МИА Радио флеш

15 јули 2024

-Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на новинарско прашање во врска со посетата на Вашингтон посочи дека станува збор за исклучително успешна посета со интензивна агенда, во која што соговорниците имале можност да видат поинакви политичари, со јасен план и приоритети. -Посетата во Вашингтон која што имаше интензивна агенда, јас би ја оценил како исклучително успешна посета, во која што соговорниците имаа можност да видат поинакви политичари кои што доаѓаат од тука, не политичари кои што на се велат „да“, туку политичари кои што имаат јасен план. Го претставивме нашиот план, кажавме кои се нашие приоритети и како граѓани и како држава, и мислам дека од другата страна добија информација за тоа што до сега не го слушале, изјави денеска Мицкоски од Охрид.

-Половина од 500-те милиони евра кои земјава ги договори со Унгарија, ќе бидат за општините, а половина за бизнисот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Како што објасни, општините ќе ги користат парите за конкретни проекти кои би им го подобриле животот на граѓаните, а фирмите ќе добијат помош поради актуелните лоши пазарни услови, но за сметка на тоа ќе треба да „вратат“ со инвестиции, најмалку 5 000 нововработени и раст на производството од пет отсто над стапката на инфлација. Според него, избрзани се реакциите на некои од политичарите дека ветил една милијарда евра, а донел 500 милиони. Средствата, рече, се обезбедуваат согласно потребите. Соработката со Унгарија не е ограничена, рамката е отворена, а во моментов се потребни 500 милиони и затоа, напомена, се само толку обезбедени. 

-Министерството за образование и наука денеска информира дека е објавен конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во државата за академската 2024/2025 година. Согласно конкурсот, појаснуваат од МОН, обезбедени се 4303 места, од кои 1034 за студенти од прва година, а 3269 се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и апсолвенти. Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.

-Од денеска се воведува целосна забрана за движење во шумите. Забраната ќе важи од 06 до 20 часот и ќе трае се до проценката дека ризикот од шумски пожари е намален, соопшти попладнево Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оттаму велат дека по барање на „Национални шуми“ е дадена согласност за целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште согласно членот 57, став 3 од Законот за шумите поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор.

-Очекуваме релевантни факти и аргументи во случајот со бебето на Детската клиника, во моментов не согледуваме вина кај медицинската сестра. Ќе се воздржиме, додека да ги добиеме релевантните аргументи од комисијата што ќе го разгледува случајот. Веруваме во институциите и во Министерството за здравство дека правилно ќе се расчистува случајот, нагласи во денешната изјава за медиумите, Гордана Бешлиовска, претседателка на унијата на здруженија, предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри - „За нас“, околу актуелните случувања на Детската клиника, а „во врска со тврдењата за нестручно однесување на медицинска сестра со новороденче“. - Во нашата земја во моментов работат околу 9.200 медицински сестри. Оваа хумана фела одговорно и пожртвувано работи во јавниот здравствен систем и не заслужува да се фрла дамка на сестринската професија поради недокажани инциденти. Затоа од име на Унијата на медицински сестри, упатувам реакција и ја повикувам стручната комисија, јавно да се произнесе со факти и одговорноста да ја насочат кон конкретниот виновник, наведе таа претходно, во писмена изјава. 

-Тројца од вкупно четворицата малолетници кои во петокот беа донесени на Клиниката за токсикологија ќе бидат пуштени на домашно лекување, а едниот ќе остане на дополнителни иследувања. - Кај тројца малолетници, параметрите се задоволителни и ќе бидат пуштени. Еден од пациентите ќе остане заради дополнителни иследувања, изјави попладнево за МИА, директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев. Четирите малолетници од кои двајца во бесознание беа пронајдени во куќата на 40-годишник и донесени на Клиниката за токсикологија. По извршените испитувања беше утврдено присуство на психоактивни супстанци.

-Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и  ЕУРОСУПЕР БС-98 од ноќеска на полноќ се намалуваат за еден денар за литар, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), за денар и половина, а на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), за два денари за литар. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 0,716 денари за килограм, информираат денеска од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).

-Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека телефонски е пристигнато барање за помош од Северна Македонија поради големиот број пожари што избувнаа на територијата на таа земја, јави дописникот на МИА од Белград. -Сè уште не сме го добиле официјално, но разговаравме на телефон. Побараа од Северна Македонија да им помогнеме да го изгаснат пожарот. Слични барања има и од Република Српска. Мислам дека имаме доволно капацитет за помош во двете држави истовремено, во хуманата акција за гасење пожари, рече Дачиќ. Дачиќ нагласи дека Србија ќе испрати хеликоптери за гаснење на пожарот и додаде дека не сака тоа да биде оценето како испраќање хеликоптери заради остварување на воена доминација. 

-Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека подземен рудник за литиум кај Лозница може да биде отворен најрано за четири години, но со гаранции од ЕУ дека животната средина ќе се зачува, јави Бета. „Веруваме дека рудникот не би загрозил никого и ништо, но прво да добиеме гаранции од Европа дека животната средина и животот на обичните граѓани во Србија ќе се зачува, но и ќе се подобри со парите што можат да се заработат... Ако успееме, тогаш дефинитивно ќе одиме на тоа, а ако не успееме, тогаш нема“, изјави Вучиќ во Белград. Тој додаде дека за отворање на рудник за литиум „се преговара со најмоќните влади“.

-Неколку организации што се залагаат за транспарентност денеска ја повикаа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, доколку биде реизбрана на функцијата, една од нејзините први официјални активности да биде „конечно признавање“ на заканата за демократијата на Европската унија и да се обезбеди правилно спроведување на правилата за транспарентност, што се потребни за управување со процесот на креирање европски политики. Во отвореното писмо упатено до Фон дер Лајен, организациите Опсерваторија на корпоративна Европа, Лоби контрол, Транспаренси интернешнал ЕУ и Гуд лоби предупредија дека европската демократија е во опасност.

 - Туристичката организација на Копенхаген воведе програма за поттикнување на еколошки и општествено одговорен туризам. На овој начин Копенхаген се обидува да привлече само туристи кои се учтиви и добро воспитани, пишува „Гардијан“. Весникот наведува дека ќе бидат наградени оние кои ќе одлучат да возат велосипед, да користат јавен превоз, да учествуваат во некоја работа како градинарство или собирање ѓубре на пристаништето или во градските паркови. Тие кои носат свои шолји за кафе за повеќекратна употреба може да очекуваат бесплатен пијалок на одредени места, додека другите поволности за добро однесување вклучуваат бесплатен коктел во барот или дополнително време поминато на комплексот на скијачките патеки во градот.

-Летонија повеќе нема да дозволува автомобили со белоруска регистрација да влегуваат на нејзина територија од Белорусија или Русија. Забраната, која стапува на сила утре, се воведува како дел од новиот пакет санкции на ЕУ што „во голема мера ги усогласи санкциите наметнати на Белорусија со оние воведени кон Русија“, соопшти Летонската служба за државни приходи. Земјите - членки на Европската унија кои граничат со Русија - Полска, Естонија, Летонија, Литванија и Финска - како и Норвешка, минатата година забранија влез на возила со руски регистарски таблички, како дел од санкциите наметнати кон Русија и нејзините граѓани поради конфликтот. во Украина. 

- Американскиот претседател Џо Бајден ќе биде формално номиниран од неговите колеги демократи за втор мандат во Белата куќа на виртуелно гласање закажано за крајот на овој месец пред Демократската национална конвенција и покрај повиците да се повлече. Тоа го јавија американски медиуми повикувајќи се на извори во партијата. Демократите и републиканците вообичаено формално ги номинираат своите претседателски кандидати на нивните национални партиски конвенции, но гласањето за кандидатурата на Бајден ќе дојде неколку недели пред Демократската национална конвенција, закажана за 19 август во Чикаго. Планот за рана номинација беше објавен долго пред разнишаниот настап на Бајден на дебатата со Доналд Трамп на 27 јуни. Се уште не е јасно како точно ќе оди предвременото гласање, изјавија претставници на Демократската партија.

Остани поврзан