• вторник, 17 декември 2024
МИА Радио флеш

16 декември 2024 

Скопје - Три земјотреси во различни делови од државава регистрирала рано утрово Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според досегашните податоци со кои располага Опсерваторијата, во 1 часот и 12 минути бил регистриран земјотрес  со епицентар на 111 километри југоисточно од Скопје, во епицентралното подрачје Валандово, со Рихтерова локална магнитуда 3.3 степени е почувствуван во Валандово, Богданци и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

Во 1 часот и 14 минути бил регистриран земјотрес со епицентар 113 км југоисточно од Скопје, во епицентралното подрачје Валандово со Рихтерова локална магнитуда 2.2 и е почувствуван во Валандово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Владата ќе има состанок со Советот на странски инвеститори.

Од владината прес-служба соопштија дека по состанокот премиерот Мицоски ќе одржи прес-конференција во Медија центарот на Владата.

Денешниот состанок беше договорен на претходната средба на Мицкоски со Советот на странски инвеститори одржан на 4 септември годинава.

Владиниот тим предводен од премиерот и претставници на 40-тина компании со странски капитал кои работат во земјава, тогаш разговараа за барањата и потребите на бизнисот, за унапредување на владеењето на правото и правната сигурност. Договорено беше и формирање работни групи кои ќе работат на конкретни подобрувања на бизнис климата во државата и зголемување на конкурентноста и успешна работа на постојните инвеститори, како и привлекување нови странски инвестиции.

Скопје - Собранието денеска ќе одржи три последователни седници. Пратениците во рамки на 24. седница ќе расправаат по Предлог-одлуката за испраќање припадник на македонската Армија за учество во меѓународната операција на ЕУ „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, во второ читање и Предлог-законот за гаранција на Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за Програмата за обновлива енергија ЕСМ - Компонента II: ФЕ Битола 2 и Компонента III: Ветерен парк Богданци - фаза 2, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КФВ и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, по скратена постапка. 

На дневен ред на оваа седница се и Предлог-законот за задолжување на Северна Македонија со заем кај Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, по скратена постапка, како и предлог-законите за образование на возрасните, за стручно образование и обука, за изменување и дополнување на Законот за основното образование и Предлог-законот за средното образование, сите во прво читање. 

Скопје - Во Владата денеска ќе биде презентирана „Планска програма за почист воздух 2024-2030“.

Како што информира владината прес-служба, програмата од 15 часот во Владата ќе ја претстави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој по презентацијата ќе одржи прес-конференција.

Скопје - Министерството за внатрешни работи објави оглас за прием на 600 нови полициски службеници.  Премиерот Христијан Мицкоски во саботата најави дека објавениот огласен за нови 600 вработувања во МВР е резултат на тоа што дел природно заминале во пензија, а дел поради потребите за да се зајакне кадровски.  

Скопје - Во Скопје денеска ќе се одржи самитот АгриТек 2024 кој во фокусот го става унапредувањето на одржливото земјоделство преку дигитална трансформација и иновации. Целта на самитот е да обедини лидери од владата, индустријата, академската заедница и меѓународните организации за да дискутираат за иднината на земјоделството и да истражат иновативни решенија за неговиот развој, да се истакне трансформативната моќ на технологијата за модернизација на земјоделскиот сектор, како и справување со климатските предизвици и подобрување на продуктивноста и одржливоста.

Како што е најавено, пред присутните ќе се обратат министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за дигитална трансформација, Цветан Трипуновски и Стефан Андоновски, регионалниот советник за земјоделство во Германската амбасада Франк Мулер, дректорот на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH Давид Оберхубер и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Никола Додов.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе се обрати на настан со кој ќе биде најавен проектот „Унапредување на образованието за медицински сестри и акушерство и воспоставување систем за признавање на професионалните квалификации во Република Северна Македонија (2024 - 2025)".

Коорганизатори на настанот се Амбасадата на Република Словенија во Скопје и Центарот за европска перспектива (ЦЕП), соопшти Министерството за образование и наука

Белград -  Српскиот претседател Александар Вучиќ по синоќешниот состанок со претставници на Безбедносно-разузнавачката агенција (БИА) за информациите дека САД и други земји ќе воведат санкции за Нафтената индустрија на Србија (НИС), најави дека веќе денеска „ќе започне разговори со Американците, Русите и сите други."

„На средбата со БИА разговаравме за тоа што успеавме да добиеме како официјална информација дека ќе бидат воведени санкции кон НИС од страна на САД и некои други земји и како и на кој начин треба да се однесуваме, како да се однесуваме и да обезбедиме сигурност за граѓаните на Србија“, објави тој на Инстаграм.

„Ќе постапиме соодветно и штом утре ќе започнеме разговори со Американците, Русите и сите останати“, рече Вучиќ во видео обраќањето.

Белград - Голем број белградски средни училишта за денеска најавуваат пленуми, а голем број професори синоќа добиле пораки со покани да присуствуваат на тие собири на кои ќе се разговара за блокада, јавија белградските медиуми.

Ккао што објави Данас, ученици, нивни родители и наставници стапиле во контакт со редакцијата на медиумот и сведочеле за пораките што кружат во групите на Вибер, во кои најавуваат блокада на наставата во училиштата во знак на поддршка и солидарност со студентите.

Студентите блокираат работа на факултетите, бараат одговорност за несреќата на железничката станица во Нови Сад и казна за оние кои ги нападнаа студентите за време на оддавањето почит за жртвите од таа трагедија. 

Белград - Со оглед на тоа што Владата не презеде соодветни мерки за зголемување на безбедноста во училиштата, членовите на Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија (НСПРС) влегуваат во третата фаза од белиот штрајк - ќе заклучуваат оценки „Одличен 5“ на сите ученици на полугодие, соопшти синдикатот.

Тие ги повикаа сите наставници да го искористат своето законско право и да им впишат одлични оценки на своите ученици, бидејќи тоа ќе испрати силна порака до јавноста и до носителите на одлуки дека наставниците нема вечно да чекаат институционални заштита со скрстени раце, работа во услови на секојдневно вербално и физичко насилство, јавија српските медиуми.

Третата фаза од белиот штрајк е и најава за можен „црн штрајк“ во второто полугодие, што подразбира отсуство на конечни оценки на крајот од учебната година.

Белград - Светската организација за човекови права Амнести интернешенел објави извештај со наслов „Дигитален затвор: Надзор и репресија на граѓанското општество во Србија“ кој открива како властите во Србија, преку Безбедносно информативната агенција (БИА) и полицијата, незаконски шпионирале мобилни телефони на активисти кои организирале протести, членови на невладини организации и независни новинари, пренесоа српските медиуми.

Извештајот е доставен до Владата на Србија пред објавувањето, но, како што се наведува во извештајот, оттаму нема никаков коментар. 

Наодите ја откриваат распространетата и рутинска употреба на инвазивен шпионски софтвер, вклучувајќи го и шпионскиот софтвер Pegasus на NSO Group, заедно со новиот домашен шпионски систем за уреди со Android, NoviSpy, кој првпат беше откриен во овој извештај. Тие, исто така, ја забележуваат широката злоупотреба на мобилната форензичка алатка UFED на Cellebrite против еколошки активисти и водачи на протести во Србија.

Тирана - Центрите за мигранти во Албанија ќе функционираат, дури и да морам да поминам секоја ноќ таму до крајот на мандатот на италијанската влада, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.

- Тоа затоа што сакам да се борам против мафијата и ја молам целата италијанска држава, почитуваниот народ, да ми помогнат во борбата против мафијата. Јас не сум непријател, јас сум вистинската личност, рекла премиерката, јави АТА повикувајќи се на АНСА.

Главната работа, додала, е да се спречат ризиците, бидејќи "нашиот договор со Албанија е она што најмногу ги плаши шверцерите со луѓе“.

Тирана -  Регионалниот совет за соработка денеска во Тирана ќе го претстави четвртото издание на своето годишно истражување на јавното мислење за перцепцијата на безбедноста и клучните социо-економски прашања во Западен Балкан - „ SecuriMeter “.

Советот на својата веб-страница наведе дека од 2021 година, „SecuriMeter“ дава вреден увид во ставовите и искуствата на јавноста во врска со безбедноста, управувањето и довербата низ целиот регион, поддржувајќи ги носителите на одлуки во креирањето одговори на новите предизвици врз основа на истражувачки индикатори.

Стразбур -  Дезинформациите на интернет, влијанието на социјалните мрежи врз изборите во Европската унија и контролата врз главните социјални платформи како „ТикТок“ и „Х“ ќе бидат во фокусот на европратениците оваа недела.

За време на нивната последна сесија во Стразбур оваа година, европратениците ќе разговараат и за геополитичките последици од падот на режимот на Башар ал Асад и за хуманитарната ситуација во регионот. За време на дебатата со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, тие ќе ги разгледаат и протестите што ја потресоа Грузија по неодамнешните избори.

Брисел -  Министрите за надворешни работи на Европската унија денеска ќе се сретнат во Брисел, а на агендата на нивниот состанок се додадени најновите случувања во Сирија и Грузија, заедно со војните во Украина и на Блискиот Исток, како и политичката ситуација во Белорусија, јави ДПА.

Министрите треба да ја усвојат 15-тата рунда нови санкции против Русија.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига се очекува да им се придружи преку видео-конференција за да обезбеди ажурирање за ситуацијата на бојното поле.

На списокот се и можните санкции против грузиската влада, откако на проевропските демонстрации беше одговорено со полициско насилство и масовни апсења. Ќе се разговара и за резултатите од претседателските избори во таа кавкаска земја.

Брисел -  Амбасадорите на Европската унија повторно ќе се сретнат денеска во Брисел по четири средби без постигнат договор за отворање нов кластер за Србија. Уште една шанса амбасадорите во Брисел да зборуваат за отворање на Кластерот 3 добија на инсистирање на Унгарија, која претседава со ЕУ до крајот на годинава, пренесе Бета.

Во очекување на одлуката за отворање на Кластерот 3 во преговорите со Србија, министрите одговорни за надворешни и европски прашања на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија - во групата Пријатели на Западен Балкан, испратија писмо до претставниците на ЕУ во кое се наведува дека е време за одлучувачки напредок во интеграцијата на Западен Балкан.

Брисел - Најновиот развој на настаните поврзани со руската агресија врз Украина, случувањата во Грузија, ситуацијата на Блискиот Исток, особено во Сирија, како и состојбата во Белорусија ќе бидат главни теми на денешното заседание на Совет за надворешни работи на ЕУ во Брисел, со кој првпат ќе претседава новата висока претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. 

Во рамки на расправата за руската агресија врз Украина, шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ ќе имаат неформална размена на мислења преку видеоконференција врска со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, по што ќе дискутираат за дополнителна воена поддршка од ЕУ за земјата и за санкциите кон Русија. 

Брисел – Во Брисел денеска ќе се одржи 17-тиот состанок на Меѓувладината пристапна конференција ЕУ-Црна Гора на кој треба привремено да бидат затворени три преговарачки поглавја. 

Станува збор за поглавјата 7 – „Право на интелектуална сопственост“, 10 – „Информатичко општество и медиуми“ и 20 – „Претпријатија и индустриска политика“. 

Црна Гора досега привремено затвори три преговарачки поглавја, додека во исто време преговара по 33 поглавја во преговорите за членство во ЕУ. 

На Конференцијата ќе присуствува и црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, кој за време на престојот во Брисел ќе има средби со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Брисел - Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас денеска истакна дека пратеник на ЕУ за Сирија ќе оди во Дамаск за да разговара со новото раководство предводено од исламистите, додека западните сили го засилија ангажманот по соборувањето на Башар ал Асад.

„Нашиот врвен дипломат во Сирија денеска ќе замине во Дамаск. Таму ќе имаме контакти“, им рече Калас на новинарите пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Таа рече дека ЕУ сака Сирија да биде мирна и слободна земја. 

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ќе се соочи со Парламентот за да го поттикне процесот кон изборите на 23 февруари, со надеж дека ќе може да се надмине политичката криза и да освои втор мандат.

Шолц (66), чија коалиција пропадна минатиот месец, свика гласање за доверба што се очекува да го изгуби, со што се отвора патот за распуштање на Бундестагот и враќање на гласачките кутии.

Фридрих Мерц (69), главниот кандидат на конзервативната опозициска алијанса ЦДУ-ЦСУ на поранешната канцеларка Ангела Меркел, е во голема предност во анкетите.

Политичкиот натпревар доаѓа во време кога највисоката европска економија се бори да го оживее својот индустриски сектор предводен од извозот кој е во криза во услови на високи цени на енергијата и тешка конкуренција од Кина.

Киев - Украинските власти денеска соопштија дека нивните војници убиле или раниле најмалку 30 севернокорејски војници кои Русија ги распоредила во нејзиниот западен регион Курск.

„На 14 и 15 декември, армиски единици на Демократска Народна Република Кореја (ДНРК) претрпеа значителни загуби во близина на селата Плехово, Ворожба, Мартиновка во регионот Курск во Русија - најмалку 30 војници беа убиени и ранети“, соопшти военото разузнавање. 

Вашингтон - Американскиот претседател Џозеф Бајден рече дека има намера да остане ангажиран во партиската политика кога ќе ја напушти функцијата на 20 јануари и очекува потпретседателката Камала Харис да остане централна фигура во иднината на партијата.

Харис рече и дека наскоро ќе почне сериозно да размислува за својата иднина и дали повторно да се кандидира за Белата куќа.

Бајден и Харис приредија вечера за донаторите на претседателската кампања, им се заблагодарија за рекордните донации и ги повикаа да не губат надеж и да останат политички ангажирани.

Тие се обидоа да ги соберат клучните донатори кои беа потребни на Демократската партија на празничниот прием на Демократскиот национален комитет.

Бишкек - Киргистанскиот претседател Садир Јапаров го разреши премиерот Акилбек Јапаров, се вели во соопштението на претседателската администрација.

Јапаров е „разрешен од функцијата поради префрлање на друга функција“.

Јапаров беше премиер од 2021 година.

Претседателот му ги додели премиерските должности на првиот вицепремиер Адилбек Касималиев, се вели во друго соопштение од претседателската администрација. 

Остани поврзан