• вторник, 17 декември 2024
МИА Радио флеш

16 декември 2024

Скопје - За неполни шест месеци се почнати осум нови инвестиции во вредност од над 700 милиони евра кои потенцијално ќе вработат околу 2 800 граѓани, рече премиерот Христијан Мицкоски по денешниот состанок на Советот на странски инвеститори.

Според примерот, инвестициите директно придонесуваат за поттикнување на економскиот раст и за локалниот екононски развој. 

- Целта е годинава да стигнеме до историските една милијарда странски директни инвестиции што сметам дека е остварливо и по глава на жител да бидеме најдобри во регионот или меѓу неколкуте водечки во Европа, подвлече Мицкоски.

На состанокот со Советот, рече, се разговарало и за усогласување на глобалниот минимален данок.

Скопје - Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер вели дека не е изненадена од тоа што името на порашениот прв вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби се најде на „црната листа“ на САД за значајна корупција.

– Не. И моја претпоставка е дека веројатно никој во оваа земја, меѓу граѓаните, во судството… не бил изненаден кога го видел неговото име на листата. Една од работите што е факт е кога САД објавиле назначување на некој поединец, а истото важи и за судијата Беџети, никој не вели, Боже, не ми се верува. Сите знаат во оваа држава кој е корумпиран. И јас, и вие знаете, искрено, дека ова е нешто за кое тесно соработувавме со Вашингтон за да го обработиме. Поминаа многу, многу месеци. Така што воопшто не бев изненадена. Бев многу задоволна. Бев многу задоволна и што Вашингтон можеше да го објави соопштението на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, на 9 декември. Значи, не бев изненадена. Бев задоволна, вели амбасадорката Агелер во интревју за „Слободен печат“.

За впечатокот дека вообичаено на оваа црна листа се ставаа високи функционери, но откако ќе ја напуштат функцијата (пример со Мијалков, Груевски, Анѓушев, а сега со Груби) и зошто овие високи функционери никогаш не се ставени на листата додека се на функција, Агелер вели дека не е во прашање политичка одлука, туку процес.

Скопје - Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска, со свечен настан беа одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи на Република Северна Македонија со 18 земји: Република Чешка, Унгарија, Кралството Шпанија, Португалската Република, Кнежевството Лихтенштајн, Големото Војводство Луксембург, Република Австрија, Кралството Белгија, Светата Столица, Република Словачка, Швајцарската Конфедерација, Ирска, Арапската Република Египет, Социјалистичка Република Виетнам, Јапонија, Република Киргистан, Повеќенационалната Држава Боливија и Република Узбекистан.

Како што соопштија од Министерството, на настанот свои обраќања имаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како и доајенот на дипломатскиот кор во државата, амбасадорот на Словачката Република, Хенрик Маркуш.

Скопје – Собранието со 68 гласови „за“ и 17 „против“, по скратена постапка го донесе Законот за задолжување на Северна Македонија со заем кај Унгарската експорт - импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели.

- Владата имајќи го позитивното искуство од соработката со Унгарија во однос на поволните финансиски услови при обезбедување на првиот заем за буџетско финансирање и финансирање општи цели, пристапи кон обезбедување на вториот заем во износ од 500 милиони евра. Унгарската Експорт-импорт банка изрази подготвеност за доделување на вториот заем и во преговори со истата усогласен е текстот на договорот за заем кој е даден во прилог на овој педлог-закон, изјави заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.

Истакна дека условите за заемот се исти како и за првиот заем, истиот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, со каматна стапка која ефиксна и изнесува 3,25 проценти. На Експорт импорт банка ќе и се плаќа провизија за евентуално неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. 

Скопје - Притвор во траење од 30 денови им е одреден на четирите лица кои беа уапсени во полициска акција што вчера утрото била спроведена во Струга и во Гостивар уапсени се четири лица поради основано сомнение дека планирале во иднина да организираат одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство против 4 лица, осомничени за кривичното дело Терористичка организација од чл. 394 – а од КЗ, донесе решенија со кои го прифати предлогот на ОЈО ГОКК и на сите четири лица кои, утрово беа спроведени во судот, им определи мерка притвор во траење од 30 дена, информираат денеска од Основниот кривичен суд во Скопје.

Скопје - Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ се зголемуваат за половина, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 за еден денар за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС - 95 е 76,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 79, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 70,5 денари за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува и останува 69,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,01 денар за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,765 денари.

Скопје - Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ја поздрави иницијативата на Движењето ЗНАМ која денеска објави Национална платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, без да го соопшти конечниот став.  

- Да видиме што е таа платформа. Откако ќе ја видиме, тогаш можеме да го кажеме нашиот коментар и нашите согледувања. Јас колку што слушнав од претседателот на ЗНАМ на вчерашниот настан по повод едногодишнината од основањето на партијата дека тие ќе комуницираат со сите парламентарни политички партии и очекуваат дека на крајот од денот ќе имаме еден заеднички документ којшто сите консензуално ќе го поддржиме. Не гледам зошто да не му се даде шанса на овој процес. Добро е да се изгради национален консензус така што ги поздравувам сите иницијативи што водат во таа насока, изјави Мицкоски на прес-конференцијата во Владата.  

Скопје - Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска ја промовираше Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии. 

- Ова е наше предизборно ветување. Нејзината цел е да ги обедини сите политички фактори за  да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на нашата стратешка цел - полноправното членство во Европската Унија, изјави на прес-конференција претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.

Тој додаде дека со овој чин се нуди можност за национално обединување, пред се на македонскиот народ, но и на сите етнички заедници кои живеат во неа. Димитриевски нагласи дека ова е можност за заедничко градење на силна, моќна, слободна и европска Македонија, во која сите граѓани се еднакви во правата, но и во обврските, држава која е еднаква за сите, а ќе биде завет за идните генерации.

Скопје - Македонска берза соопшти дека стана дел од најновата иницијатива на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и седум берзи од регионот на Централна и Југоисточна Европа, преку прифаќање на веќе потпишаниот Меморандум за разбирање минатиот месец, помеѓу ЕБОР и берзите од Братислава, Будимпешта, Букурешт, Љубљана, Варшава, Загреб и од Софија.

Со приклучувањето на меморандумот, Македонска берза станува осма членка во оваа иницијатива и е единствена берза од држава што не е ЕУ членка.

Скопје - Претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо не смета дека ќе има отпуштања во македонските фирми кои се занимаваат со производство на автомобилски делови, но можно е, како што оцени денеска, да се намали обемот на работа кај некои од нив поради ситуацијата во Германија и генерално во Европа.

Според Мизо, автомобилската индустрија ќе ја преброди кризата иако намалување на профитите е реално да се очекува.

Белград - Во Белград денеска во 11:52 часот студентите и учениците им оддадоа почит на загинатите при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, што се случи на 1 ноември, а беа организирани и блокади на патиштата.

Покрај секојдневната блокада на Булеварот, кај споменикот Вук Караџиќ, каде веќе две недели се собираат студенти на техничките факултети, блокирана е и улицата „Цар Душан“ во Земун, во близина на Високата здравствена школа, објави Н1.

Неколку десетици ученици од Економското училиште во Белград го блокираа булеварот „Деспот Стефан“, додека ученици од Школата за графика во Нов Белград кратко ја прекинаа наставата и им оддадоа почит на загинатите на Железничката станица во Нови Сад.

Будимпешта - Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша дека „ниту божиќните празници кои се ближат не можат да го ублажат воинственото расположение во Брисел“, пренесоа унгарските медиуми.

Петер Сијарто го објави коментарот пред последниот годишен состанок на неговите колеги од Европската унија во Брисел, додавајќи дека предлозите на агендата на состанокот одразуваат дека „мнозинството сè уште не ја гледа новата реалност“.

-Иако на маса беше ставена можноста за примирје и размена на воени заробеници, тие сепак сакаат да доделат над шест милијарди евра за оружје за Украина. Тие ја притискаат Украина да испрати 18-годишни момчиња на фронтот и санкционираат грузиски политичари затоа што грузиските гласачи се осмелија да изберат влада за суверенитет, рече Сијарто. 

Брисел - Советот на ЕУ денеска го усвои 15-тиот пакет рестриктивни мерки кои имаат за цел дополнително да ја ограничат способноста на Русија да води војна против Украина. На листата на санкционирани поради заобиколување на санкциите се и деловни субјекти надвор од ЕУ, вклучително и од Кина, Индија, Србија, Иран и Обединети Арапски Емирати.

Новите мерки треба да го решат проблемот со заобиколување на санкциите и да ја таргетираат руската „флота од сенка“. Овие мерки треба да придонесат за слабеење на рускиот воен и индустриски комплекс.

„Овој пакет санкции е дел од нашиот одговор кој има за цел да ја ослабне руската воена машина и оние кои ја овозможуваат војната, вклучително и кинеските компании“, рече високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.

Москва - Кремљ денеска соопшти дека иднината на руските воени бази во Сирија не е одлучена и оти Москва се обидува да ги задржи, и покрај падот на режимот на претседателот Башар ал Асад.

- Нема конечна одлука за тоа, ние сме во контакт со претставниците на силите кои моментално ја контролираат ситуацијата во земјата, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Москва има две воени бази во Сирија, поморската база Тартус и воениот аеродром Хмеимим.

Русија беше жестоко критикувана за нејзината воена интервенција во Сирија од 2015 година, како поддршка на Башар ал Асад. Учествуваше во репресија на бунтовниците, особено со извршување на разорни воздушни напади.

Исламабад – Во Пакистан денеска почна последната национална кампања за вакцинација против детска парализа за годинава, соопштија локалните власти.

Вакцинацијата треба да заштити 45 милиони деца од оваа болест.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), Пакистан и Авганистан се единствените две земји во светот каде детската парализа не е искоренета, а од почетокот на оваа година во Пакистан се потврдени 63 случаи.

Последниот круг на вакцинација ќе трае до недела, 22 декември, а Владата апелира на соработка со здравствените работници.

Во Пакистан овие кампањи се спроведуваат и покрај насилството врз здравствените работници кои го следат и контролираат вакцинирањето, како и нивната безбедност, поради тврдењата на екстремистите дека вакцинацијата е заговор на Запад и стерилизација на децата.

Остани поврзан