• вторник, 17 декември 2024
МИА Општински пул

16 декември 2024 

Тетово - „Уметничко патување“ е насловен проектот кој продукцијата Арбфилм со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија ќе го реализира во Тетово во соработка со ЕУ инфо куќата и Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово. Станува збор за проекции на филмови, изложба на фотографии и каталог од 16 до 20 декември 2024.

-Овој проект има за цел да создаде мост меѓу уметниците и публиката, славејќи ја уметноста и културното наследство, со разновидна програма и посебен фокус на промоција на албанските уметници од Северна Македонија. „Уметничко патување“ ветува неповторливо и инспиративно доживување за љубителите на уметноста, информираат од Арбфилм продукцијата.

ЕУ инфо куќата и Факултетот за уметности – УТ во Тетово ќе бидат домаќини на овој настан, каде пет дена по ред ќе се прикажуваат играни филмови на албански режисери од Северна Македонија.

Скопје - Дефект на  приклучна цевка на ул. „2“ во Сарај, кај средното училиште во општина Сарај, ќе се санира денеска, соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Поради дефектот, од синоќа во 21.30 часот прекинато водоснабдување имаат корисниците на дел од улицата „2“ -  околу 20 куќи, амбулантата и училиштето. хс/ 

Скопје - Доставивме барање до сите советници во Советот на град Скопје и градоначалничката на град Скопје, г-а Данела Арсовска, за поинаков пристап во решавање на проблемот со аерозагадувањето и носење на серија одлуки кои ќе ги вклучат сите субјекти кои го креираат аерозагадувањето во градов, со зададени јасни рокови и доволно време сите субјекти навремено да ги извршат потребните прилагодувања.

Со оглед на климатските услови, географската положба и урбанизацијата на Скопје, потребно е адресирање на различните извори на аерозагадување во градов. Во зимските месеци, според студијата од 2021 г. за која се вршени дневни мерења во тек на една година на две локации во Скопје - кај мониторинг станицата во Карпош и во Лисиче, утврдено е дека:
на согорување на дрва и дрвна маса отпаѓа околу 50-60%
на согорување на нафта и мазут, за греење или како енергенс во индустријата, отпаѓа помеѓу 12% до 16%
на сообраќај отпаѓа меѓу 11% до 14% како позадинско урбано загадување, но во близина на сообраќајниците и до 34%.
Во месеците од април-јуни, на горење на отпад на отворено отпаѓа помеѓу 19% до 35%.
Во летните месеци на градежна, почвена прашина отпаѓа и до 46%.
Вон грејната сезона, на индустријата/производните погони отпаѓа помеѓу 16% до 48%.

Скопје - Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ и Сообраќајната полиција - Скопје од 9 до 15 декември, со специјалните возила „пајак“ отстранија 155 непрописно паркирани возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат утрово од ова претпријатие.

Како што се додава во соопштението, претпријатието и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка, со цел да се доведат во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на општината.

Скопје - Општина Центар во соработка со берберниците Rera, Mr.Barber, Popeye, Cimer и Tose Stance кои работат на територија на општината, во среда, 18 декември организираат голема хуманитарна акција „Се шишаме и донираме“ за да донесе радост онаму кадешто е најпотребно во пресрет на новогодишните празници.

Сите мажи кои на овој ден ќе се шишаат или бричат во некоја од овие пет берберници паричните средства што ќе ги платат како услуга ќе ги донираат во хуманитарни цели.

 „Ги поканувам сите скопјани да бидат дел од оваа убава хуманитарна иницијатива која ќе биде надеж за нечиј живот. Центар е солидарна општина која се грижи за сите граѓани, ајде заеднички да создадеме подобри услови за оние на кои им е потребна нашата поддршка. Во пресрет на новогодишните празници хуманоста нека нѐ зближи”, истакнува Герасимовски.

Акцијата ќе трае во текот на целиот ден и е отворена за сите оние кои сакаат да придонесат за доброто на својата заедница.

Скопје - Водата во Скопје исправна и безбедна за пиење, покажа контролата на 161 примероци за физичко-хемиска и 161 примероци за микробиолошка анализа од 45 мерни места во градот, спроведена во периодот од 10 до 13 декември 2024 година.

Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци Одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење. Концентрацијата на резидуалниот хлор во мрежата се движеше од 0.20-0.40 mg/l, соопшти ЈП Водовод и канализација-Скопје.

Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Од 10:45 часот утрово без вода ќе бидат корисниците од улиците Стојна Стевкова, Серава и Исмаил Кадаре. Причина за прекинот е уличен дефект на ул. Стојна Стевкова 155.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот. 

Скопје - Во текот на изминатиот викенд, ЈП Комунална хигиена-Скопје расчисти обемна дива депонија лоцирана на улицата Цетинска во скопската општина Бутел, информираат од јавното претпријатие.

Екипите на претпријатието подигнаа и транспортирале приближно 60 кубни метри кабаст, мешан комунален и градежен отпад одложени на јавна и тревна површина. Во рамките на активностите биле употребени и специјалните возила - багер, патарки и рол-кипер.

Улицата Цетинска во општината Бутел претставува „црна точка“ каде што ЈП Комунална хигиена-Скопје континуирано се соочува со непрописно одлагање отпад, со што значително се загадува животната околина во оваа скопска општина. 

Остани поврзан