• вторник, 17 декември 2024
МИА Флеш

16 декември 2024

Скопје - Државната изборна комисија, во рамки на денешната 116-та седница донесе одлука со која се предвидува распишување јавна набавка за услуги за хостирање на нејзината веб страница. 

На седницата, на која единствена точка на дневниот ред беше Одлуката за дополнување на Годишниот план за вкупните потреби за јавни набавки со набавка на услуги за хостирање на веб страната на ДИК, претседателот на Државната комисија Борис Кондарко, изјави дека станува збор за тековна техничка работа, односно редовна набавка во отворена постапка.

Членот на ДИК,  Ангелчо Ристов појасни дека со оваа одлука ДИК врши измена на Годишниот план за вкупните потреби за јавните набавки за 2024 година,  со оглед на фактот дека сме на 15 дена пред истек на буџетската 2024 година, а која е неопходна за редовното работење на ДИК.

Скопје - Министерство за транспорт соопшти дека е отворен jавен повик за доставување барање за доделување финансиска поддршка за воведување нова/нови дестинација/и од аеродромите во земјава. Финансиската поддршка се доделува за период од 1 јануари 2025 година заклучно со 31 декември 2027 година.

Давател на финансиската поддршка е Владата која донесе Програма за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во земјава на домашни и странски превозници за периодот 2025-2027 година. 

Финансиската поддршка за секоја нова дестинација е утврдена во износ од: 9 евра по патник во доаѓање во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Република Северна Македонија на денот на изготвување на барањето за плаќање, за патници превезени до Меѓународниот аеродром Скопје и 12 евра по патник во доаѓање во денарска противвредност за патници превезени до аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Скопје - Проширувањето кон Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција што може да ја направиме. Затоа лидерите на 27-те земји-членки и лидерите на Западен Балкан повторно ќе се сретнат во Брисел на 18 декември, објави на платформата „Х“ претседателот на Евроспскиот совет Антонио Кошта.

-Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. ЕУ е сериозна кон своите обврски. Ова не се само празни зборови, ние инвестираме во мир и просперитет за сите луѓе на Западен Балкан. Инвестираме во заедничка иднина, вели Кошта во кусото видео објавено на „Х“. 

Кошта додава дека „во овие несигурни времиња, повеќе од секогаш ние треба да работиме заедно“.

На 18 декември во Брисел ќе се одржи редовен годишен самит на лидерите на ЕУ и на земјите од регионот. Ова ќе биде прв самит со кој ќе претседава Антонио Кошта, новоизбраниот претседател на Европскиот совет.

Скопје -  Со динамични реформи кон зајакнување на демократијата и економскиот раст, Република Казахстан денеска одбележува 33 години од независноста, вели Сатибалди Буршаков, казахтански амбасадор во Северна Македонија во интервју за МИА по повод одбележувањето на 16 Декември - Денот на независноста на Казахстан.

- Казахстан презеде огромни чекори во последните години кон зајакнување на нашата демократија. Како и секоја земја, ние имаме уникатна политичка култура која е производ на нашата посебна национална историја и идентитет. Се оддалечивме од „супер-претседателскиот“ систем и целосно ја ресетиравме нашата демократија и нашите институции, погодни за нова фаза од нашиот национален пат. Додека се обидуваме да создадеме „Праведен и фер Казахстан“, ни треба нашите институции да ги одразуваат тие вредности. Ова нема да се случи преку ноќ, а ние продолжуваме да работиме понапорно од кога било за да се осигураме дека нашата земја и граѓаните просперираат, вели меѓу другото во однос на реформите, амбасадорот Буршаков, кој е првиот казахтански амбасадор за земјава со резиденција во Скопје.

Скопје – Се уште постојат одредени пречки за овој случај комплетно да се реши, но и покрај тоа случајот е под контрола, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање дали стручните и социјалните служби работат со проблематичниот третоодделенец од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром за кој беше одлучено до крајот на полугодието наставата да ја следи онлајн.

- Се уште постојат одредени пречки за овој случај комплетно да се реши, меѓутоа по интервенцијата од Министерството за образование и наука, состојбите веќе се средуваат. Социјалната служба проактивно работи и во моментов сметам дека, и покрај пречките, случајот е под контрола, изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања на настан на кој беше најавен проект за унапредување на образованието за медицински сестри и акушерство. 

Скопје - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) апелира до Собранието да организира јавни расправи за законите во областа на образованието, укажувајќи дека во  законодавната постапка за донесување се повеќе закони од образованието, меѓу кои за средно образование и измени на законите за основно образование и за учебници.

-Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има голем интерес во изменувањето и дополнувањето на овие закони бидејќи областа на образование ја гледаме како клучна област во која треба да се промовира еднаквоста за учениците од најмала возраст, да бидат заштитени од дискриминација и пристрасно насилство и да ги присвојат овие демократски интереси согласно нашиот уставен поредок, соопшти КСЗД.

Скопје – Проект за унапредување на образованието на медицинските сестри и акушерките и воспоставување систем за признавање на професионалните квалификации во државава (2024-2025) ќе се имплементира со поддршка на Министерството за надворешни и европски работи на Словенија, со техничка помош на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје и Министерството за здравство.

Проектот е финансиран од ЕУ и ќе им овозможи на учениците и студентите да добиваат квалитетно образование по европски стандарди. На промоцијата во Скопје присуствуваа министрите за образование и за здравство, Весна Јаневска и Арбен Таравари, кои за медиумите изјавија дека медицинските сестри „се столбот на здравствениот систем“. 

Скопје - Собраниската седница на која на дневен ред по скратена постапка се неколку предлог-закони, ќе продолжи по еден час пауза, откако пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи побара да се достави писмена информација во која ќе се образложи ургентноста од свикување на денешната седница.

- Во одлуката за свикување на 24.седница, се повикувате на член 73 став 1 и член 74 став 2, и јас мојата процедурална забелешка ја барам врз основа на член 74 став 3, кој вели дека претседателот на Собранието е обврзан да образложи свикување ургентна седница и за дневниот ред, бидејќи во одлуката која ја добивме како пратеници, нема ниту едно образложение зошто е ургетноста на оваа седница и затоа барам пауза од еден час, рече Битиќи.

Скопје - Управата за јавни приходи ги информира физичките лица кои издаваат недвижни имоти (станови, вили, викендички, апартмани или соби) за краток престој (не подолг од 31 ден во месецот), особено за време на претстојните празници, дека имаат обврска преку системот „е-Даночни услуги “, да го пријават приходот остварен од издавање на имотот. Ова се однесува и на издавање преку платформи како AirBnb, Booking.com, Facebook, Кајак и други.

Основа за пресметување на данокот претставува бруто доходот што  се остварува намален за износот на следниве нормирани трошоци: 10% од износот на доходот (за неопремен простор) и 15% од износот на доходот (за опремен простор).

Скопје - Полицијата од изутрина врши претреси во домовите на поранешниот вицепремиер Артан Груби и порашениот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами, а како што објавија дел од медиумите, претреси се вршат на повеќе локации во врска со криминал сторел во Државна лотарија. 

При претресите, како што јавуваат медумите, и Груби и Бајрами не се пронајдени во нивните домови.

Од МВР за МИА потврдија дека се вршат дејствија во координација со јавен обвинител и дека детали ќе изнесе министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференцијата закажана за денеска во 15 часот.

Поранешниот вицепремиер Груби, кој неодамна беше ставен на „црната листа“ на САД поради наводи за значителна корупција, доцна синоќа на Фејсбук објави дека е надвор од земјава во приватна посета. 

Пријавувањето на доход од издавање на недвижен имот се врши задолжително до 10-ти во месецот кој следи по месецот на издавање. Пријавата заедно со соодветни докази се поднесува електронски (е-ППД)  преку системот „е-Даночни услуги“.

Атина – Личното искуство за сообраќајна несреќа додека возел мотор и се нашол на асфалтот, но поминал неповреден поради тоа што носел кацига, го сподели министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис во спотот што е дел од кампањата за задолжително носење кацига за мотоциклистите, спот во кој лично тој е протагонист, јави дописничката на МИА од Атина.

- Млад книжар тогаш, возам мотор во близина на Министерството за здравство. Автомобил не застанува на знакот СТОП. Тогаш неискусен возач, ја притискам предната кочница. Не сфатив како се најдовме на асфалтот, јас на една страна, моторот на друга, книгите на трета. Но, носев кацига. Станав и продолжив со животот, раскажува Георгиадис во видеото што го објави на платформата Икс.

Тирана – Претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, во изјава за медиумите информираше дека парламентите на Албанија и на Косово, ќе одржат заедничка седница во Приштина, на 20 декември.

Според неа оваа заедничка средба доаѓа како „потреба за координирање на националната агенда за реализација на стратешките цели“ и оти ќе послужи за „зголемување на придонесот на албанскиот фактор за развојот, демократизацијата, мирот и безбедноста во регионот и пошироко“.

- Ова заедничко Собрание доаѓа како потреба за координирање на нашата национална агенда за реализација на стратешките цели, членството на Албанија во ЕУ, евроатлантските интеграции на Косово, заштитата и унапредувањето на правата на Албанците и зголемувањето на придонесот на Албанците како фактор за развојот, демократизацијата, мирот и безбедноста во регионот и пошироко, изјавила Спиропали.

Никозија – За последните случувања во Сирија и потребата да се обезбеди безбедност и стабилност на поширокиот регион, но и за кипарското прашање,телефонски разговарале претседателот на Кипар Никос Христодулидис и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис соопшти дека Христодулидис ја информирал фон дер Лајен за контактите што ги имал со лидерите на државите во регионот во однос на ситуацијата во Сирија и ја нагласил потребата „ЕУ да има активна и водечка улога во регионот, преземајќи конкретни, суштински иницијативи“.

- Во тој контекст, претседателот разговараше со претседателката фон дер Лајен за содржината на работниот документ што го достави Република Кипар и што ќе биде претставен на претстојниот Совет за надворешни работи, а во кој како Република Кипар, поднесовме конкретни предлози и идеи за улогата што ЕУ може да ја игра. Претседателката на Комисијата ја поздрави содржината на документот на Република Кипар, кој, треба да се спомене, ги одразува и позициите на државите во регионот, информираше Летибиотис во писмената изјава.

Рим - Извршната директорка на Светската програма за храна, Синди Мекејн изјави дека итно се потребни милијарди долари за решавање на проблемот со жариштата на гладта ​​во светот и апелираше до светските претставници да се вклучат во неговото решавање.

Мекејн изјави за Си-Би-Ес дека кризите ширум светот, многу од нив во воените зони, ги испразниле фондовите на нејзината организација.

Според „Политико“, како земји со најтешка ситуација во врска со недостигот на храна, Мекејн ги именувала Сирија, Судан и Појасот Газа.

Париз - На француската прекуморска територија Мајот во Индискиот Океан, која беше погодена од циклонот „Чидо“ и во која, како што се стравува, загинале илјадници луѓе, припадниците на итната помош денеска се ангажирани во обновувањето на основните услуги.

Од синоќа во Мајот со авиони почна да пристигнува помош од Франција.

Префектот на францускиот прекуморски департман Мајот, Франсоа Ксавиер Бовил, вчера изјави дека циклонот „Чидо“ предизвикал „сигурно неколку стотици“ смртни случаи на тие острови и дека бројот на жртви може да достигне „неколку илјади“.

Амстердам - Бројот на млади луѓе кои се коцкаат се зголеми на речиси 300.000 во Холандија откако земјата го легализираше онлајн коцкањето во 2021 година, соопшти Холандската управа за игри на среќа.

Бројот на активни онлајн сметки за коцкање регистрирани на млади на возраст од 18 до 24 години оттогаш се зголеми за 340 отсто на речиси 300.000, се вели во соопштението.

Една четвртина од активните онлајн сметки за коцкање припаѓаат на возрасната група од 18 до 24 години, што сочинува помалку од 10 отсто од возрасната популација во Холандија, објави „НЛ Тајмс“.

Осло - Норвешка ќе обезбеди 2,7 милијарди круни (240 милиони долари) за зајакнување на украинската морнарица за да и помогне да ги одврати руските сили во Црното Море, соопшти денеска норвешката Влада.

„На Украина и треба поголема поддршка за да ги одврати руските поморски сили во Црното Море во претстојното време. Неопходно е да се заштити украинското население и украинската инфраструктура од нападите на руската Црноморска флота. Исто така, важно е да се заштити извозот преку море на жито и други производи, кои генерираат клучни приходи за Украина“, се вели во соопштението на премиерот Јонас Гар Сторе.

Според Владата, 100 милиони круни претходно биле наменети за поморска обука и други мерки во 2025 година и сега таа одобрила нов пакет.

Најроби - Организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ ги обвини паравоените сили во Судан за сексуално насилство врз девојчиња и жени на југот на источноафриканската земја.

Во извештај објавен денеска, организацијата тврди дека документирала десетици случаи во кои жени и девојки, на возраст меѓу седум и 50 години, се жртви на сексуално насилство.

Овие злосторства беа пријавени во областа Јужен Кордофан, која во голема мера е контролирана од силите на Суданското народно ослободително движење-Север.

Силите за брза поддршка (РСФ) од април 2023 година се борат против армијата на генералот Абдел Фатах ал-Бурхане во Судан, како и против силите на Суданското народно ослободително движење-Север за контрола на регионот Јужен Кордофан.

Тагови

Остани поврзан