• вторник, 17 декември 2024
МИА Општински пул

16 декември 2024

Скопје - Одмаздата на Данела кон граѓаните на општина Шуто Оризари е веќе несразмерно нечовечка особено во време кога Скопје е најзагаден град во светот! 

Поради мировниот протест на граѓаните на општина Шуто Оризари пред нејзината канцеларија одмазничките фантазии на Данела од ден на ден се се поалармантни на терен.

Еве го резултатот на забраната која ја даде Данела во Шуто Оризари да не се собира ниту една ќеса од домашниот смет. 

Општина Шуто Оризари и граѓаните на општина Шуто Оризари и даваат рок на Данела од 48 часа за собирање на сметот од домаќинствата и контејнерите, во спротивно после 48 часа истиот ќе и биде однесен со механизација пред нејзината канцеларија.

Берово - Територијалната противпожарна единица од Берово доби донација од општина Крањ, Словенија, која ќе биде наменета за подобрување на системот за противпожарна заштита во Берово. За таа цел делегација од Општина Берово, заедно со градоначалникот Звонко Пекевски престојува во Крањ, каде што ја примија донацијата.

-Донацијата се состои од возило за противпожарна заштита, што ќе биде од големо значење, во борбата со справување со пожарите. Новото противпожарно возило, е од исклучителна важност, не само за опременоста на беровската територијална противпожарна единица, туку и за безбедноста на граѓаните во урбаните и руралните подрачја и за заштитата на животната средина, истакна Пекевски. 

Тој упати благодарност за донацијата до  Противпожарното друштво од Бритоф во Општина Крањ. 

-Исто така благодарност до семејството Газинковски од Крањ, кои помогнаа оваа донацијата да биде дадена во корист на жителите на Општина Берово, додаде Пекевски.

Штип – Буџетот на Општина Штип за 2025 година ќе биде историски најголем и ќе изнесува повеќе од една милјарда денари. Средства кои ќе се вратат на граѓаните, во форма на капитални проекти, соопшти денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тој истакна дека во тек се средбите со претставниците на Урбаните заедници, за да се утврдат приориретните проекти за сите населби и села во Штип. Инаку за наредната година во Штип ќе има неколку капитални проекти, меѓу кои се доизградбата на булеварот „Партизанска“, каде што градежните активности се интензивни, потоа изградбата на обиколницата од населбите Железничка и Пребег до Кежовица.

-Како капитални проекти се и спортската сала „Џексон“, сообраќајницата којашто ќе ги поврзува населба Македонка со населба Баби, новиот мост на река Брегалница, новиот мега парк, дополнителниот зелен парк покрај коритото на река Брегалница, во непосредна близина на бањата Кежовица. Ова се дел од низата на покрупни проекти, коишто се предвидуваат за сите населби на територија на Општина Штип, вели Јорданов.

Делчево - Заврши замената на старите клупи и поставувањето на нови вкупно 75 метални клупи во централното подрачје на Делчево.

Новите метални клупи како што соопшти градоначалникот Горан Трајковски се поставени во градскиот парк, околу новата фонтана и на уште неколку локации каде се утврди потреба од поставување на ваква урбана опрема.

-Во првата фаза од проектот во месец септември преку набавка спроведена од Општина Делчево набавени беа 10 стандардни клупи и 8 полукружни клупи со должина од 31 метар наменети за паркот кај паднатите борци и фонтаната „Бесконечност“ во Делчево, информираше Трајковски.

Втората фаза како што додаде се реализираше со набавка на уште 57 клупи од страна на Здружението Регионален центар за застапување.

Пехчево - Општина Пехчево се вклучи во кампањата „Општина на дланка“, иницијатива која има за цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста во локалната самоуправа преку подобрена употреба на општинските веб-страници. Кампањата е подготвена  од Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите во соработка со Министерството за локална самоуправа.

-Целта на кампањата „Општина на дланка“ е да ги информира граѓаните и бизнисите за нивните права и обврски, како и да им обезбеди полесен пристап до општинските услуги. Во рамките на кампањата, редовно ќе ги ажурираме нашите комуникациски канали со нови информации во надлежност на општината кои ќе ги поттикнат граѓаните да учествуваат во процесите на одлучување и да бидат активно информирани за функционирањето на општината, истакна Елица Јовевска од Општина Пехчево.

Гевгелија - Претседателите на месните заедници од Гевгелија побараа подобрување на патната и комуналната инфраструктура, како и изградба на детски игралишта. Овие барања преку проекти треба да влезат во буџетските ставки за наредната година, а беа искажани во рамки на јавната расправа по нацрт буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година.

Како што информираа од Општината преку нејзината веб страница, градоначалникот Андон Сарамандов остварил работна средба со претседателите на месните заедници во општина Гевгелија. На средбата бил презентиран нацрт буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година и со тоа на месните заедници им било овозможено директно да учествуваат во креирањето на буџетот.

Градоначалникот Сарамандов потенцирал дека сите изнесени барања и предлози се во надлежност на Општината и ќе бидат вградени во буџетските програми за комунално уредување и за локални патишта и улици за 2025 година.

Штип - Националната установа (НУ) Центар за култура ,,Ацо Шопов“ - Театар Штип ќе ја изведе својата последна премиера за 2024 година.

Театар-Штип соопшти дека театарската претставата за деца „Магична симфонија" од авторката Весна Куслеска, а во режија на Никола Ристов, премиерно ќе биде изведена во вторник, 17.12.2024 год. во 19.00 часот на матичната сцена на Народниот театар - Штип. Додека пак, првата реприза е закажана на 18.12.2024 (среда).

Во претставата играат: Миле Вратеовски, Анѓелка Нашкова, Мирко Голомеов, Стефанија Митовска, Милорад Ангелов, а гласот на цвеќето: Елена Шорова Дербов. Композитор е Илија Ќосевски, костими: Ирена Китанова Мирасчиева, кореографија: Марија Минчева Андонов, сценографија и анимации: Никола Ристов и дизајнот е на  Анѓелка Нашкова. 

Штип - Нов вршител на должност  директор на Центарот за јавно здравје во Штип е Бранко Георгиев. Тој од денеска ја презема функцијата од досегашната директорка Марија Димитрова.

Георгиев има завршено Економски факултет насока здравствен менаџмент, претходно беше вработен во ЈП „Исар“-Штип.

Поранешната директорка на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова функцијата ја извршуваше од 17 јули 2017 година. 

Куманово - Одличен е интересот на пациентките од североисточниот регион за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, информираа денеска од оддел за радиодијагностика од општа болница Куманово. Мамографот е прилично нов апарат, на одделението се спроведува и ехо на дојка што е клучно за рана детекција и за какви било промени, велат лекарите.

- Одличен е одзивот, редовно си доаѓаат, си закажуваат. Покриваме шест општини и се јавуваат патологии, на што се посклони повозрасните пациентки. Имаме пациентки од сите возрасти. Раното откривање е клучно и за понатамошен третман. Новиот апарат прилично ја олеснува работата, изјави началникот на одделот д-р Изаир Биљали.

За лекарите, исклучително важно е да се подигне свеста кај граѓаните за превентивно делување и подобрување на квалитетот на животот на пациентите со малигни заболувања. Редовните мамографски прегледи овозможуваат откривање на ракот на дојка во рана фаза, а раната детекција, односно скринингот, е клучна за успешно лекување.

Куманово - Општина Куманово заврши со дистрибуција на опомените за неплатена комунална такса и данок на имот за правни лица за 2023-та година, наскоро ќе бидат испратени решенијата за присилна наплата за заостанати обврски од 2023-та година, соопштија денеска надлежните од секторот.

-По однос на данокот на имот за физички и за правни лица, комунална такса можам да кажам дека месецот декември е месец каде што граѓаните редовно имаат воспоставена пракса за ги плаќаат даночните долгови и процентот секојдневно расне. Сега за 2024-та година наплатата по однос на овие три ставки данок на имот за физички, за правни и за комунална такса е некаде околу 50 проценти, додека за 2023-та наплатата се движи некаде до осумдесет проценти за данок на имот за правни лица и над 70 отсто за физички лица данок на имот и за комунална такса, изјави раководителката на секторот за даноци, Фросина Краљевска.

Берово - Во Берово заврши проектот за реконструкција и заштита на постоечките спомен обележја. Активноста се реализираше во соработка со локалниот уметник, пензионираниот наставник по ликовно образование, Борис Качулачки, со чија помош беа реконструирани и заштитени повеќе спомен обележја на територијата на Општина Берово. 

-Извршена е санација на Спомен обележјата на Атанас Раздолов, Никола Петров Русински ,Чедомир Димитриев, Панте Радински, Леонид Пецовски, Никола Малешевски и Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски на територијата на општина Берово, како и спомен обележјето на Јован Козовски во с. Будинарци, на Ефтим Папалиски во с.Ратево и спомен обележјето на Ефтим Крстовски во с. Ратево, информираа од Општината.

 

Остани поврзан